Регион

Спречен извоз на краставици од Србија

14 Sep 2023

Свежи краставици од Србија наменети за словенечкиот пазар се запрени на граница затоа што кај нив бил пронајден фунгицид металаксил, соопшти Европскиот систем за брзо предупредување во трговијата со храна (РАСФФ), пренесе МИА. 

РАСФФ наведува дека по извршената контрола на границата било наредено да се уништат краставиците.

Металаксил не е означен како опасен на веб-страницата на РАСФФ, но во краставиците е пронајдена поголема количина од дозволената. Дозволената количина на овој фунгицид е 0,01 милиграм на килограм, а контингентот стока содржел 0,025.

Металаксил е фунгицид од хемиската група на ацилаланин, кој делува превентивно и се користи за заштита од растителни болести.

На почетокот на септември на граничниот премин меѓу Црна Гора и Србија – Добраково, инспекција спречи увоз на речиси 10 тони праски и нектарини, при што е пронајден пестицид опасен по здравјето на луѓето, особено на децата – хлорпирифос. Истиот пестицид е пронајден и во сливи увезени од Србија во Хрватска, кои потоа биле уништени.

Во август Фитосанитарната инспекција на Управата за заштита на растенијата на Србија, по детална анализа, утврди присуство на пестицидот хлорпирифос и во праските што требаше да се извезат во Хрватска, а беа вратени од граница.

Извор: МИА 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...