
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Како еден од најзначајните двигатели на домашната економија, FMCG-секторот е важен показател за економските движења и за потрошувачките навики. Кои се неговите најголеми предизвици, каде лежи потенцијалот за пораст и што ни кажува секторот за идната насока на македонската економија? На овие прашања одговараат претставници на две стопански комори и економски аналитичар.
Ѓорѓи Петрушев, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија и претседател на Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија при СКСМ
FMCG-секторот е крвотокот на македонската економија, кој директно ги поврзува домашното производство, логистиката и потрошувачите. Трговијата и преработувачката индустрија заедно генерираат над една третина од БДП во земјата. Стратешкото значење на овој сектор мора посилно да се валоризира во креирањето на долгорочните економски политики. Најголемиот неискористен потенцијал лежи во поголема поддршка на домашните финални производи со повисока додадена вредност, развој на локалните синџири на снабдување и зајакнување на извозните капацитети на регионалните пазари.
Напредокот на FMCG-индустријата е најдиректен показател за економското здравје и за куповната моќ на целото општество.
Денес секторот се наоѓа пред сериозни предизвици кои бараат брза трансформација. Енормниот пораст на оперативните трошоци, ценовната волатилност на глобалните суровини и акутниот дефицит на работна сила вршат силен притисок врз профитабилноста. Компаниите веќе интензивно инвестираат во автоматизација, дигитализација и оптимизација на процесите за да ја задржат конкурентноста. Меѓутоа, за деловната заедница да го издржи ова темпо, неопходно е институциите да обезбедат максимално стабилен деловен амбиент. Потребни се предвидливи и системски мерки за сузбивање на сивата економија, модернизација на инфраструктурата и флексибилност на пазарот на труд.
Како најпрецизен индикатор за пазарните движења, FMCG-секторот јасно ни сигнализира дека македонската економија мора итно да премине кон модел заснован на ефикасност, иновации и зголемена продуктивност. Идната насока на економијата ќе зависи од подготвеноста за заеднички, партнерски дијалог меѓу бизнисот и креаторите на политиките. Напредокот на FMCG-индустријата е најдиректен показател за економското здравје и за куповната моќ на целото општество.
Дурим Зекири, извршен директор на Стопанска комора на Северозападна Македонија
FMCG-секторот е еден од најважните столбови на економијата на Северна Македонија бидејќи опфаќа широк синџир на активности – од производство и дистрибуција до трговија и краен потрошувач. Не треба да се заборави дека овој сектор има директно влијание врз вработеноста, економскиот промет и стабилноста на пазарот. Сепак, сметам дека неговата стратешка важност сè уште не е доволно препознаена во развојните политики.
Најголемиот потенцијал се наоѓа во зголемувањето на продуктивноста на домашните компании, забрзувањето на дигиталната трансформација, инвестициите во иновации и создавањето поповолни услови за извоз.
Поконкурентен FMCG-сектор значи поотпорна економија кон надворешните предизвици. Но, секогаш треба да се имаат предвид стандардите за безбедност и квалитет бидејќи некогаш квантитетот знае да ги компромитира.
Во секојдневната комуникација со компаниите-членки на СКСЗМ јасно е дека предизвиците стануваат сè покомплексни. Порастот на трошоците за енергија и суровини, недостигот на квалификувана работна сила, промените во побарувачката на потрошувачите и засилената регионална конкуренција вршат постојан притисок врз компаниите. Компаниите инвестираат во модернизација, автоматизација и развој на човечкиот капитал.
Поконкурентен FMCG-сектор значи поотпорна економија кон надворешните предизвици.
Едно од главните барања е и порастот на минималната плата и замрзнување на нивото на придонеси, кое би довело до повисоки нето-плати за вработените, без да се зголемат трошоците на компаниите и без да се намалат приходите во државната каса. Тоа, секако, ќе има влијание врз продуктивноста на вработените, но, исто така, ќе ја зголеми конкуренцијата во пазарот на трудот, како клучен елемент за конкурентна економија.
FMCG-секторот е многу добар показател за економската состојба и довербата на потрошувачите.
Денес забележуваме порационална потрошувачка, поголема ориентација кон односот меѓу квалитетот и цената, како и зголемена побарувачка за домашни производи со високи стандарди.
Овие трендови покажуваат дека економијата се приспособува на новите реалности, но истовремено отвораат можности за компаниите што инвестираат во квалитет, иновации и ефикасност.
Абил Бауш, економски аналитичар
FMCG-секторот во Македонија во последните петнаесет години помина низ значајна трансформациј. Од класичен модел заснован на дистрибуција, цена и физичка продажба, кон посложен систем, во кој клучни стануваат дигитализацијата, логистиката, управувањето со податоци, ефикасноста на синџирите на снабдување и брзото приспособување кон потрошувачките навики.
Пандемијата, енергетската криза и инфлацијата дополнително го забрзаа овој процес, покажувајќи дека FMCG-компаниите мора да бидат не само трговски и производствени субјекти, туку и флексибилни организации способни да управуваат со ризици, трошоци и промени во побарувачката.
FMCG-индустријата не е само огледало на економските и општествените промени, туку и активен двигател на тие промени.
Во македонски контекст, секторот е особено важен бидејќи директно ја отсликува реалната куповна моќ на граѓаните. Актуелните трендови покажуваат дека потрошувачите се сè почувствителни на цените, повеќе ги следат промоциите, почесто споредуваат вредност за пари и рационално го планираат семејниот буџет. Ова укажува дека, и покрај номиналниот пораст на платите, притисокот врз животниот стандард сè уште е присутен.
Во споредба со поразвиените европски пазари, Македонија има помал пазар и пониска куповна моќ, но токму тоа создава силна конкуренција и потреба компаниите да бидат поефикасни, поиновативни и поблиски до потрошувачот.
FMCG-индустријата не е само огледало на економските и општествените промени, туку и активен двигател на тие промени.Таа влијае врз домашното производство, земјоделството, транспортот, логистиката, малопродажбата и вработувањето. Преку инвестиции во нови технологии, модерни продажни канали, локални производи и подобра организација на снабдувањето, секторот создава пошироки економски ефекти. Затоа, неговата конкурентност е важна не само за компаниите, туку и за целокупната македонска економија. Во иднина, најуспешни ќе бидат оние компании што ќе успеат да ја комбинираат ценовната достапност со квалитет, доверба, иновации и одржливо работење.