
Квалитет на воздух, најдобар во Европа, па и пошироко. Второ име на државата „Зелен рај“. Ѓубре во градовите и во природата, ни за лек. Ниту да биде исклучок од правилото за беспрекорната заштита на животната средина.
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Граѓаните го селектираат отпадот, кој потоа се рециклира или се претвора во алтернативно гориво. Возниот парк се состои од електрични или хибридни возила. Еколошката свест на највисоко ниво и Норвежаните учат како да се однесуваат кон својата околина. Водата за пиење ем квалитетна ем безбедна.
Државните институции задолжени за спроведување на законите за заштита на природата функционираат беспрекорно, а политичките партии се натпреваруваат во иновативните предлози како да го унапредиме нашето „зелено“ живеење.
Оваа држава не е ниту една друга, туку нашата мила и драга Македонија.
И, секако, ова е мое, од мака, терање мајтап на наша сметка.
Македонија е спротивно на сè што напишав. Затрупана од смет и отпад, валкана и личи како на напуштен објект во кој со децении не се живее.
Но, затоа имаме проблесоци околу зачувувањето на животната средина. Тоа е борбата да не се дозволи отворање рудник за антимон, но и за злато, на дата-центри, на регионални центри за рециклирање отпад.
На прв поглед, благородна борба за зачувување на нашата животна средина.
Проблемот не е дали Македонија треба да има рудници, дата-центри, фабрики или современи центри за третман на отпад. Прашањето е дали имаме држава способна да каже: ова смее, ова не смее, ова се условите и овде нема пазарење.
Но, ова отвора и дузина прашања.
Прво. Како до економски развој ако не се инвестира во економски објекти? Меѓу другото, цивилизацискиот напредок се состои од менување на природата од страна на човекот. По дефиниција, ако се сака економски напредок, мора да се смени дел од нашето животно опкружување. Помалку или повеќе, сè зависи од тоа какви ресурси имаме и што можеме да понудиме.
Секако, ова не значи безмилосно уништување на природата, туку контролирано менување со кое би се отвориле нови работни места и би се донела додадена вредност во економијата.
Второ. Кај нас, изгледа, еколошката прифатливост на една инвестиција зависи и од тоа кој седи во Владата, а кој во опозицијата. Со промената на власта како да се менуваат и научните факти, ризиците и еколошките стандарди.
Трето. Тука доаѓаме до суштинскиот проблем – институциите. Со години ги девалвираме до степен што граѓаните повеќе не веруваат дека можат да контролираат дали инвеститорот ги почитува законите. Не веруваат во дозволите, мерењата, инспекциите, студиите за влијание врз животната средина. А без доверба во институциите, секоја фабрика, рудник, депонија или дата-центар однапред станува сомнителен.
Четврто. За ваквата состојба најголем дел од одговорноста ја носат токму партиите. Кога се на власт, ги партизираат институциите, а кога се во опозиција ги прогласуваат за неспособни, корумпирани и недостојни за доверба.
Петто. Речиси никој не разговара со населението. Не се објаснува што добива локалната заедница од инвестицијата, кои се ризиците, како ќе се контролира. Наместо институционална доверба, добиваме партиски прес-конференции, фејсбук-статуси и страв.
Го видовме тоа и со водата за пиење. Случајот во Гостивар стана повод да се отвора сомнеж во квалитетот и безбедноста на водата и во други градови. Наместо институциите брзо, јасно и со проверливи податоци да ја затворат секоја дилема, темата повторно стана политичка муниција. А ширењето сомнеж и страв е одамна омилено оружје на секоја наша опозиција, без разлика која партија во моментот ја игра таа улога.
И тука влегуваат и граѓанските организации. Голем дел од нив имаат сосема легитимна и неопходна улога – да контролираат, да прашуваат и да предупредуваат. Но, токму затоа што институциите се слаби и недовербата е огромна, се создава сива зона во која тешко се разликува вистинската еколошка битка од други интереси.
Затоа проблемот не е дали Македонија треба да има рудници, дата-центри, фабрики или современи центри за третман на отпад. Ако сакаме економски развој, инвестиции ќе мора да има. Прашањето е дали имаме држава способна да каже: ова смее, ова не смее, ова се условите и овде нема пазарење.
И потоа тие правила да важат за сите.
Без такви институции ќе останеме заглавени во тињата. Ќе бараме повисоки плати и повеќе работни места, а ќе се плашиме од секоја инвестиција. Ќе бараме чиста животна средина, а ќе живееме опкружени со смет. Ќе бараме државата да нè заштити, а секојдневно ќе работиме да не ѝ веруваме.
Од тињата не се излегува со уште повеќе тиња.
Се излегува со институции на кои им се верува.
*Ставовите на авторот на колумната се негови лични ставови и не се секогаш ставови и на редакцијата.