
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Управувањето со перформансите на вработените бара поинаков пристап – информации што се достапни во текот на работата, јасно поврзани со конкретни активности и презентирани на начин што овозможува брза интерпретација и навремена реакција.
Темата за продуктивноста во магацините најчесто се поврзува со недостигот на работна сила, порастот на оперативните трошоци и со сè поголемите очекувања на купувачите. Овој предизвик е особено изразен во FMCG-секторот, каде што роковите се кратки, обемот на работа е голем, а дневните осцилации на нарачките се чести.
Во практиката сè почесто се покажува дека проблемот не е во тоа што компаниите не ги мерат перформансите на вработените. Напротив, повеќето современи магацини денес располагаат со податоци за продуктивноста. WMS, односно системот за управување со магацин (Warehouse Management System), ги евидентира извршените задачи, работното време, бројот на обработени единици, грешките и другите оперативни показатели. Во многу компании овие податоци се користат и како основа за пресметка на варијабилниот дел од платата или за стимулирање на вработените. Сепак, и покрај тоа што перформансите се мерат, продуктивноста честопати не расте со очекуваното темпо. Причината за тоа лежи во една важна разлика: не е исто да се мери продуктивноста и активно да се управува со неа.
Важно е да се разбере дека примарната цел на WMS-системите не е управување со човечките перформанси, туку управување со процесите.
Податоци постојат, но не стигнуваат до вработените и до раководителите на начин што го менува однесувањето во текот на работата. Повратната информација често доаѓа предоцна – преку извештаи по завршувањето на смената, списоци на огласни табли, прикази на екрани или месечни анализи. Тој пристап може да биде корисен за евиденција и за пресметки, но има ограничена вредност за секојдневното оперативно управување.
Затоа, предизвикот повеќе не е само во тоа да се знае кој колку сработил. Вистинскиот предизвик е вработените да разберат како се формираат нивните перформанси, каде се наоѓаат во однос на очекувањата и што можат да променат во текот на смената. Исто така, раководителите мора да имаат навремен и јасен увид во продуктивноста на поединците и на тимовите за да можат да реагираат додека операцијата сè уште трае.
Оттука, прашањето за продуктивноста во магацинот не може да се сведе само на мерење. Клучниот исчекор е преминот од пасивно следење на резултатите кон активно управување со перформансите.
Следењето постои, но без оперативен ефект
Повеќето магацини денес ги следат перформансите на вработените преку различни системи и извештаи. Податоците за бројот на обработени нарачки, единици или ставки се релативно лесно достапни и претставуваат основа за анализа на перформансите и за пресметка на варијабилниот дел од платата. Меѓутоа, начинот на кој овие податоци се користат во практиката често го ограничува нивното вистинско оперативно значење. Повратната информација до вработените најчесто доаѓа во форма на ретроактивни извештаи или периодични прегледи на резултатите на неделно или месечно ниво. Иако ваквиот пристап обезбедува одредено ниво на транспарентност, неговото влијание врз секојдневната работа останува ограничено. Причината е едноставна: информацијата пристигнува откако работата веќе е завршена.
Контекстот е клучен елемент на секој систем за управување со перформанси. Без него мерењето станува формалност, а не алатка за унапредување на перформансите.
Со тој модел, вработениот го гледа резултатот од својата работа, но нема можност да влијае врз него во текот на смената. Повратната информација нема функција на насочување, туку се сведува на констатирање на остварените перформанси. Во исто време, начинот на презентација на податоците често се сведува на рангирање или на прикажување збирни резултати, без дополнително објаснување за тоа како се формирани перформансите и што конкретно може да се унапреди. Со други зборови, системите ги мерат перформансите, но не влијаат значително врз однесувањето во рамките на операциите.
WMS како извор на податоци, но не и алатка за управување
Современите WMS-системи се основа за управување со магацинските операции. Нивната способност прецизно да го следат текот на стоките, извршувањето на задачите и статусот на налозите им овозможува на компаниите висок степен на контрола врз процесите. Преку овие системи се достапни податоци за речиси секој аспект од работењето – од бројот на извршени задачи и времето на обработка до деталите за движењето на стоките и евентуалните отстапувања во процесот.
Важно е да се разбере дека примарната цел на WMS-системите не е управување со човечките перформанси, туку управување со процесите и со резервите. WMS обезбедува квалитетни и доверливи податоци, но начинот на кој тие се структурирани и достапни не е приспособен за оперативно управување со вработените во реално време. Извештаите што ги генерира WMS најчесто се насочени кон анализа на тоа што веќе се случило. Тие даваат добар увид во перформансите на крајот од смената или денот, но не обезбедуваат поддршка за донесување одлуки во моментот кога операциите се одвиваат.
WMS одговара на прашањето Што се случило?, но не и на прашањето Што треба да се направи сега? Управувањето со перформансите на вработените бара поинаков пристап – информации што се достапни во текот на работата, јасно поврзани со конкретни активности и презентирани на начин што овозможува брза интерпретација и реакција. Затоа, во практиката често се јавува јаз меѓу количеството на достапни податоци и нивната вистинска примена во оперативното управување.
Клучниот проблем не е во достапноста на податоците, туку во нивната примена.
Ограничен увид во продуктивноста во текот на смената
Раководителите на магацини имаат клучна улога во организацијата и водењето на операциите. Од нивната способност навремено да ги препознаат проблемите и да реагираат зависи ефикасноста на целиот систем. Но, во практика често се случува и покрај постоењето на податоци во системите, раководителите да немаат јасен и ажуриран увид во продуктивноста на вработените во текот на смената. Наместо преглед што јасно покажува кој работи над или под очекувањата и каде се појавуваат потенцијални тесни грла, раководителите се потпираат на парцијални информации или лична процена. Како резултат на тоа, управувањето со операциите станува реактивно.
Проблемите се идентификуваат дури откако ќе се манифестираат, преку доцнења во извршувањето на налозите, зголемен притисок на крајот од смената или пад на вкупната продуктивност. Во тој момент можностите за корекција веќе се ограничени.
Од друга страна, кога постои навремен увид во продуктивноста, раководителите можат активно да управуваат со операциите, да ги прераспределуваат ресурсите меѓу зоните, да реагираат на пад на перформансите на поединци или тимови и да го балансираат оптоварувањето во текот на смената. Без таков увид, магацинот функционира како систем што се анализира ретроспективно. Токму во таа разлика меѓу ретроспективата и оперативното управување лежи една од клучните причини зошто продуктивноста често не го достигнува својот целосен потенцијал.
Перформанс без контекст е извор на погрешни заклучоци
Во поголемиот дел од магацините перформансот на вработените се прикажува преку едноставни квантитативни показатели – број на обработени единици, налози или линии.
Овој пристап е разбирлив бидејќи овозможува лесно мерење и споредување на резултатите. Меѓутоа, без дополнителен контекст, ваквите податоци често даваат нецелосна, а понекогаш и погрешна слика за реалниот перформанс.
Работата во магацин не е единствена активност. Различните зони и процеси подразбираат различни услови на работа – од типот на стока, начинот на складирање и оддалеченоста, до структурата на налозите и фреквенцијата на движење. Комисионирање на „ситна“ стока, работа на палетни позиции или дополнување на локации бараат различно ниво на напор и време. Кога овие фактори не се земаат предвид, се доаѓа до ситуација во која резултатите на вработените се споредуваат без реална основа. Вработени што работат во понапрегнати зони или на покомплексни задачи можат да изгледаат помалку продуктивни во споредба со тие што извршуваат поедноставни операции, иако нивниот реален придонес не е помал – токму напротив.
Овој пристап не влијае само врз точноста на анализата, туку и врз перцепцијата за правичност во рамките на тимот. Кога вработените немаат чувство дека нивната работа се вреднува според реалните услови во кои работат, доаѓа до пад на мотивацијата и намалување на ангажираноста. Долгорочно, тоа може да доведе и до израмнување на перформансот кон просекот, што дополнително ја ограничува вкупната продуктивност на системот. Затоа, контекстот е клучен елемент на секој систем за управување со перформанси. Без него мерењето станува формалност, а не алатка за унапредување на перформансите.
Од мерење кон управување, каде настанува вистинската разлика?
Ако се разгледаат претходните предизвици – ретроактивната комуникација, ограничувањата на WMS-системите, недостигот на увид во текот на смената и отсуството на контекст, станува јасно дека клучниот проблем не е во достапноста на податоците, туку во нивната примена. Клучниот исчекор во унапредувањето на продуктивноста настанува во моментот кога организацијата преминува од пасивно мерење кон активно управување со перформансите. Во практика тоа значи воведување системи што ги надградуваат постојните оперативни алатки и овозможуваат податоците да бидат достапни во вистински момент, во соодветен контекст и во форма што е разбирлива и за вработените и за раководителите.
За раководителите на магацин, тоа подразбира јасен и навремен увид во продуктивноста во текот на смената, можност во секој момент да видат како работат поединците и тимовите, каде се појавуваат отстапувања и каде е потребна реакција. Врз основа на тие информации, управувањето престанува да биде реактивно и станува активен процес на водење на операциите.
За вработените, тој пристап значи континуирана и јасна повратна информација за сопствената работа. Наместо ретроактивни извештаи, добиваат увид во тоа како се формира нивниот перформанс во реално време, каде се наоѓаат во однос на очекувањата и што конкретно можат да подобрат. Кога резултатите се видливи, разбирливи и навремени, доаѓа до природно зголемување на ангажираноста. Вработените преземаат поголема одговорност за својата работа, расте фокусот на точноста и квалитетот на извршувањето, а чувството за правичност во системот дополнително влијае врз мотивацијата и стабилноста на тимот.
Во такво опкружување, податоците не се само алатка за контрола, туку стануваат средство за секојдневно унапредување на перформансите. Затоа прашањето на продуктивноста во магацинот не се решава со воведување нови извештаи, туку со промена на начинот на кој се користат постојните податоци– од дополнителни анализи, кон навремено и активно управување.