
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Бесар Дурмиши, министер за економија и труд, во интервју за InStore зборува за ефектите од Законот за забрана на нефер трговски практики, стабилизацијата на цените, поддршката за домашните компании и мерките за подобрување на деловната клима. Тој најавува законски измени, поголема поддршка за инвестиции и јасна определба за фер конкуренција, предвидливи економски политики и посилна конкурентност на македонското стопанство.
Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk
Законот за забрана на нефер трговски практики е во примена веќе извесен период. Дали Министерството има конкретни показатели дека Законот ги подобри односите меѓу производителите, добавувачите и трговците? Што покажуваат првите анализи?
Законот за забрана на нефер трговски практики е системско решение чија основна цел е да воспостави фер односи во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи. Тој не е закон чија цел е преку ноќ да ги намали малопродажните цени, туку да спречи злоупотреба на преговарачката моќ на големите купувачи кон производителите и добавувачите.
По повеќе од една година од неговата примена, првите анализи покажуваат дека Законот дава резултати, но и дека има простор за негово понатамошно унапредување. Голем дел од трговците ги усогласија договорите со законските одредби, меѓутоа, надзорот на Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) покажува дека сè уште постојат обиди за заобиколување на Законот преку различни форми на прикриени надоместоци, маркетинг-услуги и дополнителни финансиски барања кон добавувачите.
Според извештаите на КЗК, се водат над 30 постапки согласно Законот за забрана на нефер трговски практики, а за предметите по кои се донесени решенија се изречени глоби во износ од околу 139.700 евра. Дополнително, при примената на Законот беше откриен и картел помеѓу четири трговски синџири и Стопанската комора на трговци, при што беа изречени казни од по 50.000 евра за секој маркет и 18.500 евра за Комората, согласно Законот за заштита на конкуренцијата. Тоа покажува дека институциите активно го следат пазарот и реагираат кога ќе се утврдат незаконски практики.
Воедно, Министерството за економија и труд веќе работи на анализа на примената на Законот и во координација со Комисијата за заштита на конкуренцијата се разгледуваат можни законски измени. Една од насоките е зголемување на висината на казните, со цел тие да имаат посилен превентивен ефект. Нашата цел е прекршувањето на Законот да не биде поисплатливо од неговото почитување.
Паралелно со ова Министерството продолжува со редовен дијалог со производителите, добавувачите и трговците.
Веќе се работи на анализа на примената на Законот за забрана на нефер трговски практики и се разгледуваат можни законски измени. Една од насоките е зголемување на висината на казните, со цел тие да имаат посилен превентивен ефект. Нашата цел е прекршувањето на Законот да не биде поисплатливо од неговото почитување. Во последните години Владата неколку пати интервенираше со ограничување на цените и маржите. Дали овие мерки навистина го заштитија животниот стандард или создадоа дополнителен притисок врз компаниите?
Владата никогаш не гледала на ограничувањето на цените и маржите како на трајно решение, туку како на исклучителна и привремена мерка во услови на сериозна енергетска и инфлаторна криза.
Денес, може да кажеме дека тие мерки ја исполнија својата цел. Во меѓувреме, состојбата на пазарот значително се стабилизира. Според најновите официјални податоци, во јуни 2026 година беше регистрирана месечна дефлација од 0,5%, а годишната инфлација изнесува 3,4%, при што цените на храната и на безалкохолните пијалаци се намалија за 1,1%, а на транспортот за 1,6%. Тоа се показатели дека ценовните притисоци постепено се намалуваат.
Паралелно Министерството за економија и труд, заедно со Државниот пазарен инспекторат, спроведе детална анализа на повеќе од 700 производи од категоријата основни прехранбени производи, средства за хигиена и производи за бебиња. Анализата покажа дека во периодот мај 2025 – мај 2026 година просечните набавни цени пораснале за 2,66%, додека продажните цени се зголемиле за 4,56%. Тоа значи дека кај дел од трговците имало зголемување на бруто-профитните маржи, но истовремено анализата покажува дека кај најголемиот дел од економските субјекти нема значајни промени во маржите, а во последните месеци тие постепено се стабилизираат.
Од друга страна, анализата покажува дека производителите ги апсорбирале најголемиот дел од зголемените трошоци. Во периодот март – јуни 2026 година нивните набавни трошоци се зголемиле за 2,04%, додека продажните цени ги зголемиле за само 0,16%, што значи дека не го префрлиле товарот врз потрошувачите.
Ако повторно се појави инфлаторен притисок, дали повторно би се одлучиле за административни ограничувања или ќе примените поинаков модел?
Нашата цел не е постојано да интервенираме со административни ограничувања. Северна Македонија е пазарна економија и цените треба да се формираат на пазарни принципи. Затоа секоја ваква мерка мора да биде внимателно анализирана и да се применува само кога постои сериозно нарушување на пазарот или неоправдан ценовен шок.
Во моментов нема показатели што упатуваат на потреба од нови ограничувања. Напротив, последните статистички податоци покажуваат стабилизирање на цените, а анализите на Министерството и на Државниот пазарен инспекторат покажуваат дека кај најголемиот дел од трговците нема значителен пораст на профитните маржи и дека тие постепено се намалуваат.
Доколку во иднина повторно се појави инфлаторен притисок, најпрво ќе ги анализираме причините.
Но, сакам да бидам јасен – доколку повторно се појават сериозни ценовни шокови или злоупотреби на пазарот, Владата нема да се двоуми да ги искористи сите законски механизми, вклучително и административни мерки, доколку тоа е неопходно за заштита на животниот стандард на граѓаните.

Сметате ли дека е потребна иницијатива за поголема застапеност на домашните производи во трговските синџири? Дали Владата ќе ја обнови кампањата „Купувај домашно“ или подготвува нов модел за поддршка?
Апсолутно сметам дека домашните производи треба да имаат поголема застапеност на полиците во трговските синџири, но тоа мора да се постигне на начин кој е во согласност со правилата на пазарната економија, законодавството и обврските што ги имаме како држава. Нашата цел не е административно да им наложуваме на трговците што да продаваат, туку да создадеме услови домашниот производ да биде поконкурентен, поквалитетен и полесно достапен до потрошувачите.
Минатата година беше промовирана кампањата „Купувај домашни земјоделски производи“, а потоа и платформата „Македонско најдобро – Наша традиција, наша гордост“, преку која домашните производители, преработувачи и продажни места се поврзуваат со потрошувачите. Платформата содржи интерактивна мапа „Каде да купам“, а најавена е и мобилна апликација за полесно пронаоѓање домашни производи.
Од аспект на Министерството за економија и труд, нашата поддршка нема да се сведе само на промотивни кампањи. Работиме на мерки кои ќе ја зголемат конкурентноста на домашните компании. Тоа значи пониски производствени трошоци, поголема конкурентност и поголеми можности домашните производи да бидат застапени на полиците по конкурентни цени.
Истовремено работиме и на зголемување на транспарентноста на пазарот. Со измените на Законот за заштита на потрошувачите маркетите имаат обврска јавно да ги објавуваат цените на производите, а во подготовка е и мобилна апликација што ќе им овозможи на граѓаните да ги споредуваат цените и полесно да ги изберат најповолните производи.
Нашиот фокус е на нов модел кој комбинира промоција на домашните производи, намалување на производствените трошоци, поголема транспарентност на пазарот и подобри услови за домашните компании да бидат поконкурентни.
Недостигот на работна сила е меѓу најголемите проблеми за производството, трговијата и логистиката. Дали Министерството подготвува конкретни решенија што ќе дадат резултати на краток рок?
Ова прашање е еден од приоритетите на Министерството за економија и труд. На краток рок веќе преземаме конкретни мерки. Преку Оперативниот план за вработување за 2026 година, за кој се обезбедени околу 40 милиони евра, предвиден е опфат на повеќе од 10.000 невработени лица преку програми за самовработување, субвенционирано вработување, практикантство, преквалификација и доквалификација за дефицитарни занимања.
Посебен акцент ставаме на обуките според реалните потреби на стопанството. Работиме заедно со компаниите, Агенцијата за вработување, образовните институции и стопанските комори за да обезбедиме кадар токму за оние професии каде што недостигот е најголем. Истовремено, преку финансиската поддршка за компаниите што отвораат нови работни места и инвестираат во развој на вработените, ги стимулираме работодавците да вложуваат во човечкиот капитал.
Дополнително, од 1 јануари 2026 година почна примената на Законот за работно ангажирање на лица, кој овозможува законско ангажирање на повремени и сезонски работници.
Компаниите бараат предвидливи услови за работа, а не чести регулаторни измени. Како ќе обезбедите поголема стабилност на економските политики?
Компаниите се во право кога бараат предвидливост. Ниту една компанија не може да планира нови инвестиции, отворање работни места или проширување на производството ако правилата на игра често се менуваат. Токму затоа, нашата определба е помалку бирократија, повеќе дигитализација и стабилна регулаторна рамка, во согласност со европскиот принцип Better Regulation, кој значи креирање прописи што се јасни, предвидливи, засновани на анализи и донесени во консултација со засегнатите страни.
Во рамките на Реформската агенда веќе спроведуваме една од најзначајните реформи за стопанството – поедноставување на административните процедури. Владата ја усвои Методологијата за поедноставување на административните постапки, а утврдена е листа од 100 најчесто користени административни процедури, од кои најмалку 50 ќе бидат поедноставени, со преполовување на бројот на чекори, времето за постапување и потребната документација. Тоа ќе значи помалку административен товар, пониски трошоци и побрзи услуги за компаниите.
Дополнително, Министерството активно работи на намалување на парафискалните давачки. Веќе е направено мапирање на парафискалните давачки, а целта е да се укинат или поедностават оние што создаваат непотребен финансиски и административен товар за компаниите.
Воедно, го применуваме принципот „прво консултации, потоа регулатива“. Новите законски решенија ги подготвуваме во партнерство со стопанските комори, компаниите и другите засегнати страни, со задолжителна процена на нивното влијание врз стопанството.
Преку Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста компаниите може да добијат кофинансирање до 40% од инвестицијата за набавка на нова опрема, машини и алати, до 200.000 денари по компанија. Малите и средните претпријатија често се најранливи на инфлација, раст на трошоци и регулаторни промени. Со оглед на тоа што голем дел од FMCG-компаниите се токму МСП, што конкретно прави Министерството за да им обезбеди стабилни услови за работа, инвестиции и развој?
Малите и средните претпријатија се столбот на македонската економија. Тие сочинуваат околу 99% од сите активни компании, обезбедуваат најголем дел од работните места во приватниот сектор и имаат клучна улога во економскиот раст.
Во 2026 година, преку Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста, Министерството обезбеди 11,34 милиони денари за директна поддршка на микро, мали и средни претпријатија и занаетчии. Компаниите можат да добијат кофинансирање до 40% од инвестицијата за набавка на нова опрема, машини и алати, до 200.000 денари по компанија.
Дополнително, преку програмите за поддршка на преработувачката индустрија обезбедуваме средства за воведување меѓународни стандарди и сертификација, како и поддршка за иновации, технолошки развој и соработка меѓу компаниите и научно-образовните институции.
Истовремено ја усвоивме и Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2025–2030, која претставува долгорочна рамка за развој на секторот. Стратегијата е усогласена со европскиот Small Business Act и политиките на ЕУ.
За компаниите од FMCG-секторот, кои се соочуваат со силна конкуренција, растечки трошоци и ниски маржи, најважно е да имаат стабилна и предвидлива деловна средина. Затоа нашата политика не е насочена само кон финансиска поддршка, туку кон создавање услови за полесно инвестирање, модернизација, иновации и долгорочен развој.
Дали ќе има нови програми за поддршка на инвестиции во автоматизација, дигитализација и модернизација на производствените капацитети? Дали ќе има финансиски поттик за зелени инвестиции и енергетска ефикасност?
Да. Една од нашите клучни цели е да ги поттикнеме компаниите да инвестираат во автоматизација, дигитализација, нови технологии и модернизација на производствените капацитети.
Министерството веќе располага со неколку инструменти за поддршка. Најзначаен е Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој овозможува финансиска поддршка за продуктивни почетни инвестиции, набавка на нова опрема и машини, воведување нови производствени процеси, технолошки развој, зголемување на конкурентноста и отворање нови работни места. Законот е технолошки неутрален, што значи дека инвестициите во автоматизација и дигитализација веќе се препознаени како дел од модернизацијата на производството и можат да бидат предмет на финансиска поддршка доколку ги исполнуваат законските критериуми.
Покрај тоа, преку Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста обезбедуваме кофинансирање за набавка на современа опрема и машини за микро, мали и средни претпријатија, а преку програмите за развој на индустријата поддржуваме воведување меѓународни стандарди, сертификација, иновации и технолошко унапредување на производството.
Во следниот период, во согласност со Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2025–2030, дополнително ќе го ставиме акцентот на дигиталната и зелената транзиција на компаниите. Целта е компаниите да инвестираат во енергетски ефикасна опрема, обновливи извори на енергија, намалување на потрошувачката на енергија и технологии што ги намалуваат емисиите и отпадот.
Истовремено, активно работиме со меѓународните финансиски институции и европските партнери за да обезбедиме дополнителни извори на финансирање за овие инвестиции. Добар пример е регионалната иницијатива Go Digital in the Western Balkans, која ја спроведуваат Европската банка за обнова и развој и Европската Унија.