
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Пишува: Снежана Тадиќ, редовна професорка, Сообраќаен факултет, Универзитет во Белград
Одамна е кажано дека минатото е во нашите глави, а иднината во нашите раце. Затоа, и при разгледување на иднината на градовите, градската логистика и логистиката на последната милја, како важни елементи на нивното функционирање и развој, треба да се осврнеме на искуствата од минатото и сегашноста, за да можеме да предвидиме, но и да ја креираме сликата на иднината. Како општество и како поединци, мора да си поставиме прашања и да дадеме одговори на нив: Какво е нашето време? Кои се неговите обележја, трендови и закономерности? Што е во него позитивно, што треба да се поттикне и врз што да се темели иднината? Што е негативно и што треба да се намали и надмине? Кое е песимистичкото, а кое оптимистичкото сценарио на иднината? Колку е одржливо оптимистичкото сценарио и како да се дојде до него?
Обележја на нашето време
Обележјата и трендовите на нашето време, како што се урбанизацијата, консумеризмот, развојот на е-трговијата и геополитичките промени, значително влијаат врз градовите, животот и навиките на луѓето, но и врз градската логистика, односно логистичките активности, процеси, системи, текови на снабдување, повратни текови, транзитни текови и други текови во урбаните подрачја.
Градовите се катализатори на развојот, генератори на нова вредност и место на нови и поголеми шанси. Урбанизацијата и големата концентрација на население во градовите овозможуваат остварување користи од економија на обем во различни области, па и во градската логистика (на пример, поголема густина на побарувачка овозможува поефикасна и побрза дистрибуција и користење возила со помал домет). Сепак, урбанизацијата доведува и до голема густина на населеност и изграденост на урбаните подрачја, намалување на слободните и зелените површини, пораст на цените на просторот и недвижностите (па и за логистички објекти и инфраструктура), голема концентрација на патнички и логистички текови, метежи и придружни негативни ефекти (доцнење, намалена безбедност, зголемување на емисиите на штетни гасови итн.).
Глобализацијата и поврзаноста придонесуваат за поврзување на луѓето и народите, поттикнуваат размена на вредности, искуства, традиции и иновации, но и на стоки и услуги, од кои некои не биле достапни во сите делови на светот. Од друга страна, овие трендови можат да придонесат за губење и унификација на локалните и индивидуалните вредности, но и на зголемување на логистичките, пред сè, транспортните трошоци поради големите растојанија, како и трошоците на залихи поради подолгото време на реализација на синџирите. Исто така, глобалните синџири на снабдување вршат голем притисок врз градските логистички системи. Особено изразен пример е развојот на прекуграничната е-трговија и многу големиот пораст на испораките до корисниците.
Столбовите на градската логистика во иднината треба да бидат решенија и иницијативи избрани според специфичностите на конкретниот град. Консумеризмот му овозможува на човекот искуство на користење различна стока и услуги, задоволување на потребите и желбите на нов начин, со што може да го подобри и олесни својот и животот на другите луѓе. Масовната понуда и побарувачка влијаат и врз развојот на нови и унапредување на постојните градски логистички системи, модели и услуги. Сепак, консумеризмот создава и нови „потреби“ без критички однос кон вистинската неопходност и има негативни импликации врз економијата, потрошувачката на ресурси, екологијата и социјалните аспекти. Корисниците имаат сè построги барања (квалитет, место, време и начин на испорака), што ги усложнува организацијата и реализацијата на логистичките активности, особено во град.
Меѓу најважните обележја на денешното време се и интензивниот научно-технолошки развој, автоматизацијата и дигитализацијата. Потенцијалните позитивни ефекти од овие трендови се многубројни: зголемување на ефикасноста, брзината и прецизноста на работата, олеснување на човечкиот труд, зголемување на квалитетот на стоките и услугите, побрза размена на информации итн. За градската логистика, особено значајни се развојот на технолошки решенија за логистички центри (вештачка интелигенција, технологии на големи податоци итн.) и за дистрибуција (пакетомати, дронови итн.). Од друга страна, технолошкиот развој може да доведе и до негативни последици, како што се губење на работните места, преголема зависност од технологија, намалување на човечката креативност, самостојно и критичко размислување, како и еколошки проблеми итн.
Развојот на е-трговијата овозможи купување од дома, достава до корисникот, односно достапност на стока на куќен праг, пристап до поширок пазар, набавка на поевтина и стока која не е достапна во продажните објекти, олеснето снабдување на лица кај кои е отежната или оневозможена подвижноста итн. Од друга страна, е-трговијата може да доведе и до негативни ефекти: намалување на социјалните интеракции и подвижноста на луѓето, зголемување на бројот на испораки и повратни текови и придружни негативни ефекти, доколку нема логистичка оптимизација, безбедносни ризици итн. Развојот на е-трговијата има посебно влијание врз развојот на последниот сегмент на синџирот на снабдување, последната милја, усложнувајќи ги процесите, но и поттикнувајќи развој на нови услуги, технологии итн.

Промената на глобалната распределба на моќта, начинот на нејзиното демонстрирање и други геополитички промени влијаат врз зголемувањето на бројот на војни, кризи и терористички напади во светот, доведуваат до социјални, еколошки и економски последици (на пр., пораст на цените на нафтата), забавување или оневозможување на реализацијата на текови (на пр., затворање на Суецкиот Канал) и слично. Сепак, овие промени би можеле да поттикнат (или да принудат) позитивни процеси и вредности во човечката и општествената свест, економијата и логистиката (афирмација на порационална потрошувачка, поттикнување на домашно, поздраво и поеколошки поволно производство) наспроти актуелните негативни процеси (да се најде „среќа во несреќа“).
Нашето време го обележуваат и значајни климатски, еколошки, хуманитарни и други проблеми, кои можат да имаат исто толку деструктивно дејство како и претходно споменатите проблеми. Природните и антропогените катастрофи (земјотреси, поплави и слично) и долгорочните проблеми (сиромаштија, нееднаквост итн.) значително влијаат врз урбаните подрачја, го менуваат начинот на нивното функционирање, па и градската логистика. Нивното примарно влијание е несомнено многу негативно (загрозување на животот, здравјето и безбедноста на луѓето и екосистемите, уништување на инфраструктурата итн.). Сепак, и овие појави треба да се сфатат како поттик за создавање поактивни, пофлексибилни, поотпорни, социјално и еколошки поодговорни општествени, но и градски логистички системи, кои ќе бидат поефикасни и поуспешни и во редовни околности.
Корисниците имаат сè построги барања (од аспект на квалитетот на стоката, местото, времето, начинот на испорака итн.), што ги усложнува организацијата и реализацијата на логистичките активности, особено во градот. Иднината низ призма на песимизмот и оптимизмот
Песимистичкото сценарио на идната состојба на градовите и градската логистика подразбира продлабочување на постојните проблеми, зголемување на нееднаквоста, нездрава парцијалност на заинтересираните страни, отсуство на разбирање на јавниот интерес итн., што сè заедно би водело до чести кризи, колапси, доцнења, откажани барања, негативни влијанија врз животната средина итн. Параметрите и перформансите на градската логистика не би се следеле или би се следеле парцијално и нередовно, без анализа и извлекување заклучоци. Испораките би биле неконсолидирани, степенот на искористеност на товарниот капацитет на доставните возила би бил уште понизок, бројот на поминати километри и сите негативни влијанија врз околината уште поголеми. Зголемувањето на нееднаквоста и нерамнотежата во распределбата на моќ и богатство е особено голем ризик. Во песимистичкото сценарио одредени групи би имале приоритет, привилегии и поголемо влијание и можности на штета на другите. Поради недоволна одговорност на луѓето и големи метежи во различни делови на логистичките синџири, повремено би доцнеле и испораките на основни и неопходни стоки, како што се храна и лекови. Од друга страна, и ретките позитивни иницијативи би биле неуспешни бидејќи би личеле на манипулации на оние што сакаат да остварат само сопствена корист. Во најекстремен случај, градот би станал место на крајно незадоволни луѓе, а таквите места немаат перспектива и создаваат само нови проблеми.
Оптимистичкото сценарио подразбира редовно следење на параметрите и перформансите на градската логистика, почитување на сопствениот, но и на интересите на другите учесници и на јавниот интерес, како и подготвеност за суштински, сеопфатни, долгорочни, но и флексибилни и динамични решенија. Посветлата иднина на оваа логистика не е можна без сеопфатно и редовно следење на параметрите и перформансите, нивна анализа и предлози за решенија врз основа на тоа.
Столбовите на градската логистика во иднината треба да бидат решенија и иницијативи избрани според специфичностите на конкретниот град. Наместо најчестите регулаторни иницијативи, кои обично не ги решаваат проблемите суштински и долгорочно, треба да се афирмира кооперација и консолидација, интермодален транспорт, консолидациски и микроконсолидациски центри, crowd логистика итн. Кооперацијата и заемната помош на учесниците и консолидацијата на тековите е важна како во снабдувањето на комерцијалните објекти од трговската, угостителската и други дејности, така и во испораките до крајните корисници. Во врска со оваа иницијатива е и воспоставувањето консолидациски и микроконсолидациски центри, кои можат да ги намалат и оптимизираат тековите во градот, да ја подобрат искористеноста на товарниот капацитет на возилата и да ги забрзаат испораките.
Потребно е да се поттикне примена на алтернативни видови транспорт, мултимодален и интермодален транспорт од, до и/или во рамките на градот, каде што тоа е можно и оправдано. Crowd логистиката подразбира користење ресурси на домаќинствата и поединците, кои не мора да бидат професионалци во логистиката, за реализација на испорака и складирање. Потребно е да се поттикне поголема и здрава интеракција меѓу урбаните и руралните подрачја. На пример, неискористените капацитети на селските домаќинства можат да се користат на различни начини, како од стопански субјекти (на пр., како cross-dock или локации за складирање), така и од поединци (crowd storage – на пр., за складирање сезонска облека, автомобилски гуми, опрема за зимување и летување). Со тоа би се постигнало растоварување на урбаните и ревитализација на руралните подрачја.
Иницијативите на градската логистика имаат посебно значење во контекст на проблемите на логистиката на последната милја. Сè поголем број компании планираат да воведат пакетомати и пакет-шопови бидејќи тие носат значајни бенефити и сè повеќе се застапени во европските земји. Исто така, многу логистичари и трговци позитивно гледаат на иницијативите на консолидациски и микроконсолидациски центри, особено во контекст на последната милја. Споменатиот концепт на crowd логистика, исто така, може да има посебно значење за последната милја, особено со афирмација на консолидацијата на испораките со редовни, секојдневни текови на луѓе, кои масовно се реализираат (одење на работа, на факултет и сл.). Примената на велосипеди и карго-велосипеди е исто така препорачлива поради намалување на метежи и полесно движење низ густ градски сообраќај, намалување на бучава, но и здравствени придобивки за испорачувачите. Традиционалните решенија (самостојни камиони, комбиња и пикап-возила, мотори) се неизбежни, дури и пожелни за дел од барањата, но треба подобро да се планира и оптимизира нивното користење (поеколошки мотори, подобра искористеност на носивоста). Од друга страна, треба да се тестираат и помодерни решенија како дронови и автономни возила за реализација на дел од барањата (на пр., во хуманитарниот и медицинскиот сектор).
Секој мора да вложи напор во јавниот интерес кој претставува корист за сите, да постави по една тула за да се изгради здрав и функционален град како заедничка куќа за сите. Едно од главните начела во унапредувањето на градската логистика и последната милја е интеграцијата (на различни решенија, концепции, иницијативи, учесници). Пример за тоа е интеграцијата на алтернативни видови транспорт и консолидирана испорака на стока со поголеми возила до микроконсолидациски центри, а потоа испорака до крајните корисници со ангажирање традиционални возила, crowd извршители и системи на заеднички велосипеди и карго-велосипеди, лоцирани на одредени јавни локации во градот, како и дронови за итни испораки.
Обележје на денешницата е и значајното забрзување на многу процеси, вклучително и логистичките. Тоа влијае врз животот и социо-психолошката структура на луѓето, брзината и квалитетот на производството, продажбата, испораката и потрошувачката на производи, како и очекувањата на корисниците. Едно од посериозните прашања при предвидување и планирање на иднината е и дали треба да се забрза или да се забави? Одговорот е двоен. Треба да се задржи или зголеми брзината таму каде што е неопходно и каде што тоа не ја загрозува одржливоста (логистика на свежа, неопходна и високовредна стока, хуманитарна логистика, логистика во медицина, фармација, социјална заштита итн.), а тоа е можно со оптимизација на логистичките синџири и процеси и примена на современи и ефикасни технолошки решенија. Од друга страна, треба да се забави таму каде што е можно и каде што има корист од тоа (стока која не бара брза испорака, каде што корисникот е задоволен и со подолг рок на испорака, а „побавните“ логистички синџири се поевтини и поеколошки), а начините за тоа се консолидација на тековите на различни нивоа и примена на еколошки прифатливи видови транспорт, како што се речен, велосипедски, пешачки итн.
Како до оптимистичко сценарио?
Иднината, односно причините и за песимизам и за оптимизам се наоѓаат во човечката природа, свеста и совеста. Позрела и поширока човечка свест и совест се предуслов за остварување на оптимистичкото сценарио. Треба недостатоците да се претворат во предности, проблемите во шанси, да се соберат најдобрите сили, да се поттикнат и умножат сите лични и колективни потенцијали итн. Кај сите заинтересирани страни е неопходна подготвеност за соработка и заемна помош, доброволно и добронамерно учество во иницијативите на градската логистика и логистиката на последната милја. Треба да се тежнее не кон апсолутно, туку кон доволно, што е можно поголемо, но порамномерно задоволство на сите заинтересирани страни, бидејќи тоа е единствено одржливо решение (win-win-win... ситуација). Секој мора да вложи напор во јавниот интерес кој претставува корист за сите, да постави по една тула за да се изгради здрав и функционален град како заедничка куќа за сите.
Градската логистика во иднина мора да усогласи многу различности. Од една страна, постои желба за заедништво, а од друга страна, растат комплексноста, поделбата и самоволието, што понекогаш наликува на хаос. Решенијата треба да се бараат во идејата за заедништво и хармонија на различности, со поголема улога на знаењето и интелектуалниот капитал во областа. Постојат луѓе што навлегле во многу тајни на градската логистика и логистиката на последната милја и кои со своето знаење можат да создадат „симфонија“ во реализацијата на логистичките барања во една улица, зона или град.
Анализата е објавена во Mапа на FMCG-индустријата. Целото издание може да го погледнете тука