
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Нашиот соговорник, Игор Вукашиновиќ, целиот работен век го поминал во FMCG-индустријата. Кариерата во пиварската индустрија ја гради во последните 16 години, како дел од компанијата „Мoлсон корс“. Во „Апатинска пивара“, како што вели, искуството го стекнал на позицијата менаџер за цени и приходи, а по формирањето на новиот сектор, како директор за комерцијална извонредност, го организирал, поставил и раководел со тимот задолжен за цени, приходи, деловна аналитика, трејд-маркетинг, категори-менаџмент, управување со теренска продажба и врвно корисничко искуство. Една година бил и директор за набавки за Централна и Источна Европа, каде што бил одговорен за управувањето со секторот за набавки во девет земји. Од 2021 година раководи со пазарите на Србија и Црна Гора, одговорен за две пиварници – „Апатинска пивара“ во Србија и „Пивара Требјеса“ во Црна Гора, кои заедно вработуваат околу 1.000 луѓе.
„Апатинска пивара“ годинава одбележува 270 години постоење и континуирано работење, со што се вбројува меѓу најстарите компании во Србија и во регионот. Како изгледа да се води компанија со толку долга традиција? Колку наследството денес е предност, а колку одговорност?
Да се води компанија со 270 години традиција, пред сè, значи да се има свест за континуитетот и одговорноста. Кога работите во систем што опстојува со векови, јасно е дека секоја одлука мора да биде долгорочно одржлива и да го почитува наследството што го граделе генерациите пред вас. Тоа наследство е голема предност бидејќи носи доверба кај потрошувачите, углед и емоционална поврзаност со брендовите. Од друга страна, таа традиција носи и голема одговорност. Не може да се потпирате само на минатото. Потребно е постојано да ја развивате компанијата, да ја приспособувате на пазарот и на новите генерации потрошувачи, а притоа да ги зачувате автентичноста и квалитетот. Токму тој баланс меѓу традицијата и современиот пристап е тоа што ја одржува „Апатинска пивара“ релевантна и по речиси три века постоење.
Низ вековите компанијата поминала низ различни општествени, економски и пазарни промени. Што би го издвоиле како клучна причина за долговечноста?
Клучот на долговечноста е способноста да се приспособувате без да го изгубите сопствениот идентитет. „Апатинска пивара“ поминала низ различни историски периоди, промени на пазарот и на потрошувачките навики, но секогаш успевала да го зачува најважното – квалитетот на производите, односот кон потрошувачите и посветеноста кон луѓето. Истовремено, компанијата никогаш не престанала да инвестира во развој. Тоа се однесува не само на производството и логистиката, туку и на луѓето, иновациите и проширувањето на портфолиото. Во текот на целата своја историја останавме цврсто поврзани со заедницата и со пазарот на кој работиме. Кога имате брендови на кои потрошувачите им веруваат со децении, но и тим што разбира како се менува пазарот, тогаш имате цврста основа за долгорочен опстанок.
Гледаме голем простор за пораст надвор од категоријата пиво и ќе продолжиме да го развиваме портфолиото во согласност со трендовите и потребите на потрошувачите.
Во тој период се менувале условите за работење, но и потрошувачите... Кои промени во нивното однесување, во последните десетина години, имаа најголемо влијание врз вашето работење?
Во последните десетина години пазарот на пијалаци помина низ исклучително динамични промени. Потрошувачите денес имаат многу поголем избор, подобро се информирани, речиси секогаш носат промислени одлуки за купување и очекуваат повеќе од производот. Сметам дека најголемо влијание врз индустријата во изминатата деценија имаше периодот на пандемијата. Денес гледаме пораст на премиум-сегментот, поголема отвореност кон нови вкусови и категории, но и промени во начините на консумација. Денес не е доволно само да имате добар производ – неопходно е да ги разберете животниот стил и очекувањата на потрошувачите. Токму поради тоа, го развиваме нашето премиум-портфолио и платформата Beyond Beer, преку која го прошируваме присуството и надвор од категоријата пиво. Исто така, лименката како амбалажа во последните години бележи значителен пораст, поради што инвестиравме во нова линија и дополнително ги зголемивме производствените капацитети.
Дали навиките на домашните потрошувачи при купувањето и консумирањето пиво се разликуваат од навиките на потрошувачите во регионот и во светот?
Потрошувачката на пиво по жител во Србија изнесува 65,6 литри, што е малку над европскиот просек од 64,8 литри. Сепак, клучната промена се случува во структурата на потрошувачката. Јасно се профилира двоен модел на однесување на потрошувачите – консумацијата во хорека-каналот сè повеќе се поврзува со доживувањето, социјалниот контекст и емоционалната вредност, додека сегментот на консумација во домашни услови се развива врз основа на порационални одлуки и фокус на односот меѓу цената и квалитетот. Тоа практично значи дека потрошувачите не се откажуваат од излегувањата, туку ги избираат повнимателно, а во такви пригоди се подготвени да платат повеќе за целосно премиум-искуство. Паралелно со тоа расте и консумацијата дома, каде што доминираат практичноста, достапноста и паметното купување.
За нас, тоа значи јасна стратешка насока – оваа двојна логика на потрошувачите бара и двоен фокус. Во хорека-каналот ги градиме брендовите преку искуство, премиум-позиционирање и емоционална поврзаност, додека во сегментот „in-home“ порастот го темелиме на оптимизирано портфолио: функционални формати, достапни премиум-опции и понуди што одговараат на рационалниот избор. Целта ни е да бидеме релевантни во двата контекста.
Јубилејот го одбележавте со инсталирање нова линија за производство во лименки, а на пазарот го лансиравте и новото шпанско пиво Madri. Кажете ни нешто повеќе за овие најнови иновации...
Новата линија, со капацитет од 50.000 лименки на час, ни овозможи двојно да ги зголемиме капацитетите за производство и дополнително да го унапредиме производствениот процес. Оваа инвестиција не е само одговор на актуелните трендови, туку и долгорочно зајакнување на нашиот систем. Истовремено го лансиравме и Madrí Excepcional – пивко премиум лагер-пиво со шпанско потекло, инспирирано од урбаната култура на Мадрид, кое веќе постигна голем успех на европскиот пазар. Станува збор за бренд што носи поинаква енергија и им се обраќа на потрошувачите што бараат автентичност, модерен стил и ново искуство при консумирањето.
Кон крајот на минатата година потпишавте договор со „Голд дринк“ за ексклузивна дистрибуција на нивните производи на територијата на Србија. Како се одвива реализацијата на оваа стратегија за проширување надвор од категоријата пиво?
Партнерството со компанијата „Голд дринк“ е важен чекор во развојот на нашата стратегија Beyond Beer, исто како и портфолиото на компанијата „Хел енерџи“. Станува збор за брендови што веќе имаат препознатливост и лојални потрошувачи, а нашата цел е преку продажната и дистрибутивната мрежа дополнително да ги зголемиме достапноста и пазарниот потенцијал. Генерално, гледаме голем простор за пораст надвор од категоријата пиво и ќе продолжиме да го развиваме портфолиото во согласност со трендовите и потребите на потрошувачите. Фокусот не е само на проширување на бројот на брендови што ги дистрибуираме, туку и на тоа секој партнер и секој производ да имаат јасна пазарна логика и долгорочен потенцијал.
„Апатинска пивара“ повеќепати е наградена со признанието „Top Employer“. Колку денес е предизвик да се задржат квалитетните луѓе и да се градат долгорочни односи со вработените?
Ги цениме нашите луѓе, но и тие го ценат работното опкружување во кое можат да се развиваат, да напредуваат, да имаат современи бенефиции и да чувствуваат дека нивната работа има смисла. Горди сме што четврти пат по ред ги добивме сертификатите „Top Employer Serbia“ и „Top Employer Europe“ бидејќи тоа потврдува дека континуирано работиме на унапредување на работното опкружување за нашите вработени. Особено ни е важно што во компанијата имаме голем број луѓе кои целата кариера ја поминале токму во „Апатинска пивара“. Тоа зборува за доверба што се гради со години.
Како најстара членка на групацијата „Молсон корс“, на кој начин „Апатинска пивара“ придонесува за целата групација?
„Апатинска пивара“ во „Молсон корс“ внесува силно искуство и познавање на пазарот на кој работиме, но и знаење за тоа како се градат долгорочни односи со купувачите, потрошувачите и локалната заедница. Традицијата од 270 години покажува способност за приспособување и континуитет, што се исклучително вредни во рамките на една голема меѓународна групација. Истовремено, дел сме од глобален систем кој ни овозможува размена на знаење, искуства и најдобри практики. Сметам дека токму спојот на локалниот идентитет и меѓународното искуство е една од најголемите сили на нашата компанија.
Како ја гледате компанијата во наредните години – каде се најголемите можности за пораст?
Верувам дека најголемите можности за пораст се во понатамошно зајакнување на нашите водечки брендови и премиум-сегментот, во иновациите и во развојот на платформата Beyond Beer. Потрошувачите бараат разновидност, нови искуства и квалитет, а токму таму гледаме простор за понатамошен развој. Истовремено, ќе продолжиме да инвестираме и во производството, логистиката и оперативната извонредност бидејќи тоа е основата на долгорочно одржливото работење. Целта ни е да останеме компанија што ја чува локалната пиварска традиција, но истовремено и да поставува стандарди во современата индустрија на пијалаци и да биде релевантна за своите луѓе, купувачи и потрошувачи.