
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Секоја година помислувам дека физичката малопродажба едноставно не може да биде подобра – и секоја година сфаќам дека грешам. Дозволете ми да ве поведам на патување низ десет од моите омилени малопродажни простори низ целиот свет, кои поставуваат нови стандарди во дизајнот, креативноста и корисничкото искуство.
Иновациите во малопродажбата се глобален феномен – во текот на изминатата година низ целиот свет беа отворени извонредни нови продавници. Бангкок, Шангај и Сеул во Азија остануваат светски лидери во малопродажбата што нуди целосно доживување. Продавниците таму се вистински културни дестинации, комбинирајќи архитектура, уметнички инсталации и приказни, внимателно осмислени за ерата на социјалните мрежи.
Во Европа, Мадрид се издвојува како еден од највозбудливите малопродажни градови. Шпанскиот моден гигант „Индитекс“ продолжува да го предводи трендот „премиумизација на малопродажбата“ (Push for Posh) преку значајни инвестиции во премиум концепти во рамките на брендовите „Зара“ и „Зара мен“, а сега и кај нивниот бренд со пристапни цени „Лефтис“.
Уште еден јасно изразен тренд е интегрирањето на угостителството, заедницата и едукацијата во малопродажното искуство. Малопродажните брендови сè почесто воведуваат ресторани, простори за дегустација, работилници и културни програми, ставајќи ги во центарот на корисничкото искуство.
10. Mecca Flagship, Мелбурн
Австралискиот малопродажен бренд за убавина „Мека“ отвори нов прекрасен главен објект во Мелбурн. Опишан од основачката Џо Хорган како „љубовно писмо до Мелбурн“, овој простор ја комбинира убавината со уметноста, велнес-искуството, програмите за подароци и гастрономијата.
Студиото „Меквалтер“ го дизајнира овој моментално најнапреден и најимпресивен објект на брендот, кој се наоѓа во „Колман хаус“, култна модернистичка зграда проектирана во 1968 година од архитектот Хари Сајдлер, која претходно долго време била популарна локација на брендот „Спортсгрл“.
Продавницата се простира на околу 4.000 квадратни метри, на повеќе нивоа, и комбинира продажба на козметички производи со простории за третмани, студија за веѓи, дијагностички пунктови за кожа и специјални простори за настани што се користат за мастер-класови и бренд-активации. Големото ателје за убавина (Beauty Atelier) нуди третмани за лице и специјализирани терапии, а има и неколку пултови за консултација, каде што купувачите добиваат персонализирани совети за нега на кожа.
„Мека“, основана во 1997 година во Мелбурн, денес има повеќе од 100 продавници низ Австралија и Нов Зеланд.

9. Donnybrook Fair, Даблин
Малопродажбата на храна во Ирска е меѓу најконкурентните и најкреативните во светот. Новата продавница на „Донибрук фер“ во Даблин е извонреден пример за иновации во малопродажбата на храна и за врвен дизајн на продажниот простор.
„Донибрук фер“ ја отвори првата продавница во 1992 година и и понатаму е еден од најомилените премиум трговци со храна во Ирска. Денес е во сопственост на компанијата „Масгрејв“, а нивната водечка продавница во предградието Донибрук неодамна беше реновирана од студиото „Милиметр дизајн“ во современ гастрономски простор со премиум дизајн и силен фокус на свежите прехранбени оддели.
Продавницата има сопствена месарница, рибарница и деликатесен оддел, како и силен фокус на понудата на храна за носење – оброци приготвени од готвачи, осмислени за брза вечера или консумација во движење. Визуелната презентација на производите е беспрекорна, со богата палета на бои и креативни реквизити изработени од вработените. Просторот е исполнет со ознаки и приказни што го истакнуваат потеклото на храната, занаетот и силниот фокус на ирските производи.
Малиот вински оддел е внимателно избран и претставува вистински бисер за дегустација.

8. Lefties Flagship, Мадрид
„Индитекс“ го предводи трендот „премиумизација на малопродажбата“ (Push for Posh), преку создавање нови, визуелно впечатливи премиум формати на продавници во рамките на своето глобално портфолио. Овој пристап сега е проширен и на продавниците со попристапни цени за облека и за домашен асортиман, преку новиот главен објект „Лефтис“ во трговскиот центар „Вестфилд паркесур“ во Мадрид.
Продавницата од околу 4.000 квадратни метри го воведува форматот „Лефтис хоум“, заедно со модни колекции и додатоци од брендот. Цените се на ниво на „Примарк“, но со презентација и дизајн што изгледаат како премиум. Оттука и изразот „премиумизација на малопродажбата“.
Просторот е дизајниран и како место за забава. Во него има и кафе-бар „Бомбон бос“, цвеќарница, дигитално студио за персонализација, па дури и тобоган што ги поврзува двата ката. Технологијата е интегрирана во концептот и освен за оперативна ефикасност, таа е дел и од „театарот на малопродажбата“. Постојат паметни кабини за пробување облека, каси за брзо плаќање, автоматизирано сортирање на закачалки, како и робот за избор на производи, кој се наоѓа во стаклена витрина покрај која се поминува на подвижна лента.
Првично лансиран како аутлет-концепт на „Зара“, „Лефтис“ денес има повеќе од 150 продавници низ целиот свет. Голема вест е планираното проширување во Италија, Франција и во Централна Европа.

7. HOFF Flagship, Мадрид
Шпанскиот малопродажен синџир за обувки ХОФФ (HOFF – Hall of Fame) го отвори најголемиот објект во мадридската населба Саламанка. Станува збор за навистина впечатлив простор, кој ги спојува уметноста, културата, настаните и кафето.
Брендот е основан од Фран Марсена во 2017 година во Елче, историски центар за производство на обувки во Шпанија, и првично бил лансиран како дигитално ориентиран бренд за патики. Денес има повеќе од 50 продавници низ светот, вклучувајќи ги и неодамнешните отворања во Амстердам и во Лондон.
Продавницата од околу 700 квадратни метри на два ката ја комбинира малопродажбата со угостителството и просторот за настани. Во центарот на ентериерот се наоѓа драматичен црвен текстилен амфитеатар со скулптурална инсталација на палма. На приземјето се лоцирани кафулето и барот, додека на мезанинот се наоѓа ВИП-просторот за купување во стил на апартман, како и елегантни работни и простори на настани. Дизајнот на продавницата е дело на „Ел департаменто“.

6. Printemps, Њујорк
Францускиот трговски синџир „Прентамс“ пристигна во Њујорк со спектакуларен објект. Основан во Париз во 1865 година, овој прв главен објект во САД, сместен во зградата „Уан Вол стрит“, ја редефинира класичната стоковна куќа како низа од луксузни салонски искуства, со силен акцент на угостителство.
„Прентамс“ во Њујорк се протега на околу 5.000 квадратни метри, исполнети со бои, текстури и материјали. Ентериерот е дизајниран од Лаура Гонзалес и наместо класичниот модел со одделни бренд-оддели, просторот е организиран во внимателно осмислени тематски целини.
Просторот се наоѓа на два ката во историската зграда во арт-деко стил, проектирана од архитектот Ралф Вокер. Највпечатлива е „црвената соба“, ентериер со црвено-златни мозаици на уметницата Хилдрет Мајер, која се користи како салон за обувки. Другите зони се „игралиште“, „зелен салон“ и „будоар“, а секоја има сопствена угостителска понуда – од шампањ-бар во одделот за убавина, до луксузен ресторан, чии кулинарски специјалитети ги приготвува готвачот Грегори Гурдет. Тука се наоѓа и посебен вински бутик со внимателно одбрана понуда.

5. Pop Mart Flagship, Бангкок
„Поп март“ го отвори најимпресивниот објект „Ген залфа“ во трговскиот центар „Ајкон Сијам“ во Бангкок, кој е дело на исклучително креативното кинеско архитектонско студио „X+ливинг“.
Малопродажбата е комбинирана со угостителство преку кафе-бар, развиен во партнерство со „Грејхаунд кафе“. Во понудата има тематски десерти и пијалаци инспирирани од ликовите на „Поп март“, дизајнирани за споделување на социјалните мрежи.
Просторот е вистинска експлозија на забавен дизајн: хипнотичките шарени и спирални тунели претставуваат локална референција на реката Чао Праја, а огромната скулптура на Моли во тајландска кралска облека брзо стана централно место за фотографирање.
Дизајнот на продавницата е поставен како музејска изложба на ликовите на брендот, меѓу кои се Моли, Скулпанда и Димо. Продажбата се базира на моделот на „blind box“ колекционерство, каде што купувачот не знае кој лик го добива додека не ја отвори кутијата.
Популарноста на „Поп март“ експлодира на глобално ниво, особено благодарение на виралниот успех на ликот Лабубу. Компанијата денес управува со повеќе од 400 продавници и над 2.000 автоматизирани малопродажни машини низ целиот свет.

4. Nespresso Flatiron Flagship, Њујорк
„Неспресо“ е во голем подем, со впечатливи нови отворања на продавници низ светот, но новиот „Флетајрон“ е дефинитивно омилен.
Со површина од околу 1.290 квадратни метри и распоред на два ката, ова е најголемиот глобален бутик „Неспресо“. Новиот малопродажен концепт ја комбинира продажбата на капсули и апарати со простори за дегустација и едукација. Пултот Coffee Artistry нуди дегустации што го истражуваат потеклото на кафето, профилите на вкус и методите на подготовка, додека зоната Taste & Discover им овозможува на посетителите самостојно да ги истражуваат мешавините.
На влезот има голема движечка светлосно-механичка инсталација (тип „split-flap“), составена од околу 42.000 мали плочки во 20 бои кои се вртат и се менуваат. Тоа изгледа како динамичен екран што постојано се движи и го привлекува вниманието. Подолу во продавницата има и елегантна арома-маса, каде што луѓето можат да ги помирисаат различните ноти на кафето (овошни, чоколадни или цветни) за да разберат каков вкус има секоја мешавина уште пред да ја пробаат.
Подрумот е омилениот дел – лаунџ-бар во њујоршки стил со винили, шах и кафе, како и скриен „speakeasy“ простор, каде што навечер се служат кафе-моктели.

3. RH Gallery, Париз
РХ (RH – Restoration Hardware) ја отвори галеријата во Париз на Елисејските Полиња, во вила од 19 век со површина од околу 5.000 квадратни метри, која претходно била дом на брендот „Аберкромби & Фич“. Со овој потег, РХ ја продолжува стратегијата на извршниот директор Гари Фридман за создавање најоригинални стилски малопродажни простори во светот, претворајќи ги продавниците во галерии што комбинираат мебел, архитектура и угостителство.
Зградата е редизајнирана во соработка со студиото „Фостер+партнерс“ и е организирана околу драматичен централен атриум со скулптурално скалило и стаклен лифт што поврзува повеќе нивоа. Колекциите на мебел се изложени во беспрекорно стилизирани ентериери, дополнети со внимателно избрана уметност, осветлување и текстил – целокупниот амбиент изгледа исклучително впечатливо и луксузно.
Угостителството доминира на повисоките катови, со рестораните „Ле Жарден РХ“ и „Ле Птит жарден“, тематски бар и уредена тераса со градина.

2. Haus Nowhere, Сонгсу, Сеул
Сместен во Сонгсу, креативната населба што често ја нарекуваат „Бруклин на Сеул“, „Хаус Ноувер“ е четвртиот концептуален малопродажен простор на брендот. Зад проектот стои компанијата „Иикомбајнд“, сопственик на Gentle Monster, а впечатливата 14-катна зграда во бруталистички стил истовремено е и седиште на компанијата.
„Хаус Ноувер“ обединува неколку брендови од портфолиото на групацијата, меѓу кои се очилата Gentle Monster, парфемите Tamburins, модните додатоци ATiiSSU и концептот Nudake за чајџилница и слаткарница.
Секој кат нуди поинакво малопродажно и изложбено искуство, организирано околу роботски инсталации и надреалистички уметнички дела со вонземна естетика. Централен елемент е огромна „дишечка“ скулптура на јазовичар, која стана една од најсподелуваните малопродажни инсталации во Сеул. Друго впечатливо дело е „More Is More“ на уметникот Макс Зидентопф. Инсталацијата прикажува огромен куп црни вреќи за отпад што се движат во ритмични, речиси „дишечки“ бранови. Во центарот стои стар човек кој држи златна вреќа, додека неговите аниматронски очи се движат и ја набљудуваат околината.
На најгорното ниво се наоѓа чајџилницата, кој го проширува искуството и кон гастрономијата и угостителството. Ова е простор каде што уметноста и малопродажбата се спојуваат во едно.

1. „The Louis“ by Louis Vuitton, Шангај
Со проектот „Д Луј“ во Шангај, „Луј Витон“ го претстави својот најамбициозен искуствен простор досега – импозантен крстосувачки брод поставен во срцето на градот, кој обединува изложбен простор, продавница и ресторан.
Сместен во трговскиот комплекс „Тајку хуеј“, објектот висок 30 метри е дело на архитектонското студио OMA, предводено од Шохеи Шигемацу. Впечатливиот дизајн претставува монументален хибрид меѓу препознатливите куфери Louis Vuitton и луксузен океански брод.
Посетителите го резервираат своето место преку системот WeChat Mini Program, по што влегуваат низ Trunkscape – впечатлива просторна композиција од куфери Louis Vuitton. Во внатрешноста се наоѓа изложбата Visionary Journeys, распоредена во десет тематски простории кои ја раскажуваат приказната за занаетчиското мајсторство, богатото наследство и креативните соработки на брендот. Објектот вклучува и кафуле, развиено во соработка со прочуениот слаткар Максим Фредерик, каде што посетителите можат да уживаат во ексклузивни десерти и сезонски специјалитети.
Искуството го заокружуваат филмски проекции на надворешната палуба, со што „Д Луј“ се претвора во вистинска дестинација што ги спојува модата, архитектурата, гастрономијата и културата.

За авторот:
Метју Браун е сопственик на лондонската креативна агенција „Ехочембер“, која ги следи иновациите на светските малопродажни пазари и развојот на потрошувачките трендови. Агенцијата, на глобално ниво, ја води од 1999 година. Тој е редовен главен говорник на меѓународни конференции за малопродажба.
„Ехочембер“ истакнува примери на добри практики од целиот свет и им нуди креативна анализа на клиентите во сите сегменти на малопродажната индустрија, помагајќи им да се развиваат или да се приспособат на глобалните стандарди врз основа на најзначајните потрошувачки трендови.
Агенцијата организира и малопродажни сафарија – посети на градови познати по својата шопинг-сцена, со цел да ги инспирира клиентите и да им отвори нови деловни можности.