InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Сите сме биле во ситуација кога ГПС-от ни кажува да свртиме десно, а ние од некоја причина продолжуваме право. Веднаш го слушаме познатиот глас: Recalculating… и за неколку секунди ни наоѓа нов пат до истата цел.
Мислам дека на бизнисот денес му треба токму тоа копче.
Пишува: Верица Мартиновска, директорка на InStore и на „Кликер маркетинг“
Затоа што последниве години постојано нешто ни ја менува рутата. Војни, инфлација, недостиг на работна сила, нови регулативи и мерки, промени во навиките на потрошувачите, нови продажни канали, нови конкуренти, ВИ... И секогаш кога ќе помислиме дека конечно знаеме по кој пат одиме, време е за „Recalculating“. Со таа разлика што во бизнисот нема глас кој мирно ќе ни каже каде да свртиме следно. Тоа мора самите да го откриеме.
Затоа, денес не е најважно да имаш совршен план. Поважно е навреме да сфатиш дека планот повеќе не функционира. Да знаеш што да задржиш, што да смениш и каде вреди да ризикуваш.
Особено во FMCG-бизнисот, каде што немаме луксуз да застанеме покрај патот додека не одлучиме каде понатаму. Производството продолжува, производите мора да стигнат на полица, купувачите секој ден избираат што ќе купат, конкуренцијата не чека, а таргетите остануваат исти. Или, уште полошо, растат.
Затоа годинешниот, 12. FMCG Summit, го правиме токму за ова време во кое сите по малку „рекалкулираме“.
Ќе зборуваме за ВИ и за промените што таа ги носи, за тоа како добрата стратегија да премине во добар резултат, за потрошувачите, цените, иновациите и новите можности за пораст. За маркетингот кој треба да гради не само брендови, туку и бизнис. За луѓето, за кои сите велиме дека ги нема и за можноста проблемот, сепак, да е некаде на друго место.
Со сигурност, на крајот на денот нема сите да си заминеме со иста рута. И не треба. Секоја компанија има своја цел, свои кривини, свои погрешни свртувања, а богами, и свои дупки на патот.
Но, можеби ќе откриеме некој пократок пат. Можеби некој говорник ќе нè натера да се преиспитаме дали одиме во вистинската насока. Или еден разговор ќе ни отвори сосема нов пат.
За мене, токму тоа е вредноста на FMCG Summit. Не да ви кажеме каде треба да стигнете. Тоа веќе го знаете. Туку барем еднаш годишно да застанеме сите на исто место, да погледнеме каде сме и ако треба, да ја пресметаме рутата повторно.
Затоа што целта можеби е иста. Но патот до неа постојано се менува.
Се гледаме на 29 октомври, на 12. FMCG Summit Skopje.