
Искуствата ме научија колку е важно постојано да учиш, да бидеш отворен за нови знаења и да функционираш како дел од тим.
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Сања Јанева, специјалист за корпоративен комерцијален развој за Македонија и Косово во „Нестле Адриатик“ – Македонија
Од првите чекори во маркетингот, преку категори-менаџмент и трејд-маркетинг, до денешната улога во корпоративниот комерцијален тим на „Нестле“, кариерата на Сања Јанева е приказна за постојано учење, прифаќање нови предизвици и излегување од комфорната зона. Денес, со одговорности за македонскиот и косовскиот пазар, таа зборува за клучните моменти што го обликувале нејзиниот професионален пат, како и за лекциите што ги носи искуството во маркетингот и комерцијалниот сектор.
Од маркетинг до комерцијален развој
Како дете, Сања поминувала низ различни фази и сакала да биде сè и сешто – од наставничка и фризерка до докторка. Немала конкретна професија за која сонувала, но отсекогаш ја привлекувале светот на бизнисот, комуникацијата и работата со луѓе. Сакала динамична професија во која секој ден носи нови предизвици, можности за учење и контакт со различни луѓе. Во целиот тој период неизмерна била поддршката од нејзиното семејство, кое секогаш ја охрабрувало да ги следи сопствените интереси, да учи и да верува во себе. Кога ќе погледнам наназад, сфаќам дека токму тие вредности и интереси постепено ме насочија кон маркетингот и комерцијалниот сектор, вели таа.
Дипломирала маркетинг на Економскиот факултет во Скопје. Уште за време на студиите ја фасцинирал начинот на кој брендовите комуницираат со потрошувачите – потребата истовремено да се разберат нивните навики и потреби, но и да се донесат одлуки врз основа на податоци и резултати.
Првите професионални искуства ги стекнала како практикант во „Македонски Телеком“ и „Стопанска банка“. Иако станувало збор за две различни индустрии, токму таму првпат ја почувствувала корпоративната средина и сфатила колку се важни организацијата, професионалноста, ориентираноста кон клиентите и тимската работа.
Сè уште се сеќавам на таа возбуда, но и на позитивната трема што ја чувствував во првите денови. Тие први искуства ме научија колку е важно постојано да учиш, да бидеш отворен за нови знаења и да функционираш како дел од тим бидејќи најдобрите резултати секогаш се постигнуваат заедно, се присетува Сања.
Во 2014 година почнува во „Веропулос“ како маркетинг-специјалист. Работата првично била фокусирана на промоции, организирање настани и формирање цени, но со текот на времето сè повеќе ја привлекувала комерцијалната страна на бизнисот. Почнала да се интересира што стои зад бројките, како се носат одлуките за асортиман и на кој начин се развиваат категориите.
Оттука, природно дошол и преминот кон позицијата категори-менаџер. Како млад професионалец, со голем ентузијазам ја прифатив можноста да влезам во комерцијалниот свет, без да претпоставам дека токму тој чекор ќе стане една од најважните пресвртници во мојата кариера, вели таа.
На млада возраст седнувала на преговарачка маса со претставници на компании како „Нестле“, „Пивара Скопје“, „Филип Морис“, „Тиквеш“ и многу други водечки компании. Тоа бил период во кој учела да размислува стратешки, своите ставови да ги аргументира со факти и бројки и со поголема самодоверба да носи деловни одлуки. Оваа промена ми овозможи од поширока перспектива да ги разберам продажбата, набавките, односите со доставувачите и профитабилноста.
По повеќе од седум години во „Веропулос“, во 2021 година следува нов предизвик – премин во „Еуролаб интернационал груп“ како координатор за трејд-маркетинг. Како увозник и дистрибутер на премиум брендови (illy, Moët & Chandon, Hennessy, Corona, Asahi, Grolsch...), компанијата ѝ овозможила да ги запознае брендовите од поинаков агол, но и првпат поблиску да работи со хорека-каналот. Тоа ми помогна подобро да разберам колку различен може да биде пристапот кон потрошувачите и колку е важно стратегијата да се приспособи на конкретното опкружување.
Иако периодот во „Еуролаб“ не бил долг, останал посебен дел од нејзината кариера, пред сè, поради луѓето со кои работела. What a Team, како што често знае да каже, е фразата со која го опишува тој период: Верувам дека секоја компанија остава свој печат врз нас, а „Еуролаб“ за мене остана пример колку вистинскиот тим може да го направи работното искуство убаво и незаборавно.

Новата перспектива во „Нестле“
Во 2022 година следува уште еден важен чекор – приклучувањето кон „Нестле“, најпрвин како специјалист за комерцијален развој на категоријата кафе за Македонија и Косово. Преминот од малопродажба, категори-менаџмент и трејд-маркетинг кон компанија од позиција на принципал, за неа бил природен следен чекор. Откако со години работела од страната на трговецот, сакала да ја запознае и перспективата на компанијата што ги создава и управува со брендовите. Во „Нестле“ ја добила токму таа можност. Од следење на трендовите и реакциите на пазарот, станала дел од тимот што активно ги креира стратегиите и иднината на брендовите.
Чувството дека станувам дел од компанија чии производи ги имаме практично сите во своите домови беше навистина возбудливо. Работата со глобално препознатливи брендови, високите стандарди, регионалната соработка и можноста секојдневно да учам од искусни колеги беа огромна мотивација за мене.
Особено динамична била работата со категоријата кафе. Еден од најголемите предизвици бил периодот на значителни поскапувања на кафето на светските берзи, што се одразило врз целата индустрија. Многу предизвикувачки беше да се одржи балансот на пазар како македонскиот, каде што ценовната сензитивност е висока и потрошувачите внимателно ги следат ценовните промени. Во тие услови беше потребно да се најде вистинскиот баланс меѓу ценовната политика, очекувањата на потрошувачите и одржувањето на конкурентноста на брендот.
Од друга страна, најголемо професионално задоволство ѝ носела работата со Nescafé: Голема привилегија е да се грижите за бренд што има толку силна поврзаност со потрошувачите, но истовремено и голема одговорност бидејќи лидерската позиција треба постојано да се одржува и унапредува.
Од јуни 2025 година Сања е специјалист за корпоративен комерцијален развој за Македонија и Косово, со одговорности што опфаќаат повеќе категории и брендови. Преминот од една категорија кон поширока корпоративна улога бил голем професионален чекор, но и една од потешките одлуки во нејзината кариера. Речиси три години категоријата кафе била нејзиниот секојдневен фокус, а Nescafé, како што вели, не бил само бренд со кој работела, туку со него и растела професионално.
Кога се отвори можноста за новата позиција, чувствата беа измешани. Од една страна, беше возбудата за новиот предизвик, а од друга, сознанието дека треба да се разделам од тимот со кој поминав еден многу значаен период од мојата кариера.
Денес нејзината работа опфаќа продажба, пазарен удел, цени, дистрибуција, иновации, лансирање производи и комерцијална стратегија. Нема типичен работен ден бидејќи пазарот, потрошувачите и приоритетите постојано се менуваат. Клучно е да се обезбеди усогласеност меѓу различните категории, брендови и тимови, со цел сите активности да бидат во функција на заедничките бизнис-цели. Затоа, мојот ден е комбинација од анализи, координација со различни тимови и планирање активности што ќе придонесат за пораст на бизнисот.
Работата во вакво динамично опкружување, со повеќе категории, брендови и тимови, бара и низа специфични вештини. На шега, Сања вели дека за оваа професија треба да бидете како октопод – да имате барем осум раце: Една е за бројките, една за продажбата, една за маркетингот, една за состаноците, а другите за сите непланирани ситуации што се случуваат во текот на денот. Но, како што нагласува, токму тоа ја прави професијата интересна.

За професионализмот, развојот и успехот
Сања не верува дека во кариерата некогаш доаѓа момент кога сите очекувања се исполнети. Секогаш постои нешто ново што сака да научи, да совлада или да постигне. Токму затоа, особено ја радува фактот што успеала да изгради кариера во професија што навистина ја сака и која секојдневно ѝ носи нови предизвици. Ако треба да издвои најголем успех, тоа не би била конкретна позиција или проект, туку фактот што на секој чекор се осмелувала да излезе од комфорната зона и да прифаќа нови предизвици.
На крајот на краиштата, не сме тоа што ни пишува на визит-картата, туку збир од сите искуства, предизвици, успеси и луѓе што сме ги сретнале по патот. Горда сум на сè што поминав, на сите одлуки што ме носеа напред и на сите луѓе што оставија трага во мојот професионален и личен развој. Кога би имала можност повторно да го изберам својот професионален пат, без двоумење би го избрала истиот, заклучува Сања на крајот од разговорот.
Биографски податоци
Образование: Дипломиран економист по маркетинг на Економскиот факултет во Скопје.
Кариера:
Моментална функција:
Специјалист за корпоративен комерцијален развој за Македонија и Косово во „Нестле Адриатик“ – Македонија (од јуни 2025).