
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Сакаме поголем промет, помали трошоци и повеќе задоволни купувачи. Ако може, и помалку главоболки. Сега имаме и вештачка интелигенција (ВИ) што ветува дека ќе ни помогне во сето тоа. Уште да можеше да ја платиме, да ја вклучиме и да продолжиме по старо. Ама така не оди и со тоа завршува удобниот дел од приказната.
Прашањето е колку македонските компании се блиску до нејзината вистинска примена? Технологијата ни е на дофат, но ние сè уште сме на почетокот. Да составиме порака или презентација е корисно. Посериозното прашање е дали со нејзина помош подобро ќе набавуваме, помалку ќе фрламе стока со изминат рок и побрзо ќе го услужуваме купувачот. Дали ќе ни останат повеќе пари од работењето?
Одговорот почнува во фирмата. Што знаеме за сопствениот бизнис и каде ни е запишано тоа знаење? Нешто во компјутер, нешто во тетратка, а нешто знае само човекот што работи кај нас дваесет години. Тој знае кога да нарача, кој добавувач ќе задоцни и зошто некоја акција нема да успее. А кога ќе замине, со него си оди и дел од компанијата.
Затоа, треба да почнеме да го собираме она што веќе го имаме. Податоците од продажбата, набавките, залихите, барањата на купувачите. Но, и искуството на луѓето зошто нешто направиле и како решиле некој проблем. Од тоа се градат корисни бази на податоци. Не звучи спектакуларно, но токму таму е материјалот со кој вештачката интелигенција може да ни помогне. Нема таа да погоди што чува во главата газдата или вработениот.
И сега лесно може да си најдеме оправдување: прво да средиме сè, па потоа ќе воведуваме нова технологија. Знаеме колку може да трае тоа „прво“. Ќе помине година, па уште една, а ние сè уште ќе се подготвуваме да почнеме.
Добрата вест е дека не мора така. Средувањето на податоците и воведувањето вештачка интелигенција можат да одат паралелно. Додека го подготвуваме теренот за поголеми зафати, можеме да решиме помал проблем. Да ја забрзаме подготовката на понудите, да ја олесниме обработката на нарачките или полесно да забележиме што ни останува непродадено. Почнуваме таму каде што имаме доволно добри податоци, проверуваме што добиваме и продолжуваме понатаму.
Не е доволно газдата да каже: од понеделник работиме со вештачка интелигенција. Треба да ги вклучи луѓето, да им овозможи да научат и да им објасни што сака да подобри. Потоа да провери дали работата навистина се завршува побрзо и подобро. Колку чини промената и колку носи? Без тој одговор, лесно ќе купиме уште една модерна играчка што ќе собира дигитална прашина.
Тоа важи и за маалската продавница и за големиот трговски синџир. Нема да користат исти решенија, ниту ќе вложат исти пари. Но, и едните и другите треба да останат конкурентни. Малата фирма може побрзо да се приспособи, големата има повеќе знаење и податоци. А купувачот нема да нè чека да се организираме. Ќе оди таму каде што добива подобра услуга.
Секако, не е доволно газдата да каже: од понеделник работиме со вештачка интелигенција. Треба да ги вклучи луѓето, да им овозможи да научат и да им објасни што сака да подобри. Потоа да провери дали работата навистина се завршува побрзо и подобро. Колку чини промената и колку носи? Без тој одговор, лесно ќе купиме уште една модерна играчка што ќе собира дигитална прашина. Притоа, одговорноста за одлуките останува кај нас. И добивката и грешките се наши.
Но, имаме работа и како држава. Треба да развиваме сопствени податочни центри, достапни за домашните компании и за луѓето што создаваат нови решенија. Врз таа инфраструктура да се развиваат домашни апликации што ќе им помагаат на нашите трговци, производители и услужни фирми. Самите сервери нема да го направат тоа. Потребни се знаење, луѓе и амбиција да создадеме сопствен производ.
И зошто тој производ да остане само тука? Проблемите со набавките, продажбата и организацијата не завршуваат на нашата граница. Решение што се покажало корисно дома може да најде купувачи и во странство. Треба да се стремиме да заработуваме и од она што самите го создаваме. А компаниите можат да почнат со достапните алатки уште додека ја градиме домашната инфраструктура.
Значи, од каде да почнеме? Од еден вистински проблем во фирмата, од податоците што ги имаме и од луѓето што ја знаат работата. Да пробаме, да измериме и да подобриме. На почетокот сме, но не сме толку далеку колку што може да нè однесе навиката да чекаме. Конкуренцијата, во меѓувреме, нема да побара дозвола за да нè престигне.
* Ставовите на авторот на колумната се негови лични ставови и не се секогаш ставови и на редакцијата.