
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Вештачката интелигенција во логистиката не претставува цел сама по себе. Таа е алатка што овозможува постабилно планирање, посигурна реализација и поефикасно управување со ресурсите. Поради тоа, може да се каже дека логистиката денес влегува во нова фаза на развој – фаза во која конкурентската предност сè помалку се заснова на големината на системот, а сè повеќе на квалитетот на одлучувањето
Пишува: Страхиња Лазиќ, советник за логистика
Во последните неколку години логистиката стана една од најдинамичните деловни области. Порастот на очекувањата на купувачите, забрзувањето на тековите на стока, недостигот на работна сила и постојаниот притисок врз трошоците ги принудија компаниите да го преиспитаат начинот на кој ги организираат синџирите на снабдување. Во таква средина, вештачката интелигенција повеќе не е тема на иднината, туку станува алатка за секојдневно управување со операциите.
Сепак, и покрај големиот интерес, примената на ВИ решенија во логистиката сè уште често предизвикува одредена сомничавост и резервираност. Причината за тоа не е недостиг на технологија, туку недостиг на јасна слика како таа технологија, всушност, изгледа во практика и кои се нејзините придобивки.
Зошто логистиката денес бара нов вид управување
Од нејзиното настанување, логистиката беше организирана околу три основни сегменти: транспорт, складирање и дистрибуција. Денес таа слика значително се менува. Операциите станаа покомплексни, роковите пократки, а барањата на пазарот неспоредливо подинамични.
Особено во FMCG-секторот, каде што дневно се обработуваат десетици илјади ставки и голем број налози, менаџментот сè почесто се соочува со прашањата:
• Колку работа нè очекува утре?
• Дали имаме доволно капацитети?
• Каде губиме време?
• Како поефикасно да ги распоредиме луѓето?
• Дали ќе ја завршиме работата во планираниот рок?
Најголемата вредност на вештачката интелигенција во логистиката не е во автоматизацијата на процесите, туку во унапредувањето на способноста на системот да ја планира сопствената работа.
Одговорите на овие прашања повеќе не можат да се засноваат само на искуство. Потребни се податоци, анализа и предвидување. Токму тука почнува вистинската примена на вештачката интелигенција во логистиката.
Најголемиот мит за вештачката интелигенција во логистиката
Една од причините поради кои компаниите ја одложуваат примената на ВИ решенија е уверувањето дека станува збор за сложени и скапи проекти достапни само за големи системи. Во практика, ситуацијата може да биде значително поинаква.
Владее став дека современите ВИ решенија во логистиката најчесто подразбираат роботи и комплексни автономни системи. Меѓутоа, основната улога на ВИ во логистиката е поддршка при донесувањето одлуки врз основа на податоците што веќе постојат во оперативните системи на компанијата.
Со други зборови, вештачката интелигенција во логистиката денес, пред сè, значи:
• подобро планирање,
• подобра процена на оптовареноста,
• подобра распределба на ресурсите,
• подобра контрола на процесите.
Тоа е еволуција на управувањето со операциите, а не технолошка револуција што ја менува структурата на организацијата.
Каде ВИ веќе носи конкретни резултати
Првите и највидливи придобивки од примената на вештачката интелигенција се појавуваат во складишните операции. Токму таму постои најголемо количество на оперативни податоци и најголем простор за оптимизација.
Една од клучните области е процената на работното оптоварување. Врз основа на историски податоци, бројот на отворени налози и планираните испораки, можно е однапред да се процени обемот на работа и да се приспособат капацитетите пред да настанат оперативни проблеми.
На сличен начин, можно е да се анализира продуктивноста на тимовите и да се идентификуваат местата каде што доаѓа до застои или неефикасност. Таквите анализи им овозможуваат на раководителите да донесуваат одлуки врз основа на реалната состојба на системот, а не врз претпоставки и лични искуства.
Посебно значење има процената на времето на завршување на операциите. Кога е можно да се предвиди кога одреден процес ќе биде завршен, логистиката престанува да биде реактивна функција и станува активен елемент на планирањето на работењето.
Следната значајна придобивка е во процесот на дистрибуција, каде што ги олеснува формирањето на маршрутите (линии за достава), следењето и унапредувањето на рутирањето. Особено во FMCG-дистрибуцијата, каде што дневните испораки се временски чувствителни и често условени од термините за прием на стока кај крајните купувачи, ваквиот пристап овозможува постабилно планирање на транспортот и значително ја зголемува сигурноста при реализацијата на испораките.
Врз основа на анализата на историските времиња на испорака, задржувањето на возилата на локациите на купувачите и динамиката на сообраќајот по зоните на дистрибуција, можно е попрецизно да се планира редоследот на испораките и пореално да се процени времетраењето на транспортните тури. Со тоа се намалува бројот на непланирани доцнења, празни километри и оперативни корекции во текот на денот.
Во FMCG-дистрибуцијата, каде што роковите за испорака директно влијаат врз продажбата, ваквите информации претставуваат значајна конкурентска предност.
Следниот чекор во развојот на логистиката: оперативен контролен центар
Како што расте количината на податоци, се јавува потреба од нов начин на нивно обединување и интерпретација. Во современите логистички системи сè почесто се воведува концептот на оперативен контролен центар.
Контролниот центар (Control Tower) претставува централно место за надзор на логистичките операции во реално време. Неговата улога не е само следење на моменталната состојба на системот, туку и предвидување на идните настани и навремено реагирање на потенцијалните проблеми.
Во практика тоа значи дека менаџментот во секој момент има увид во:
• тековното оптоварување на системот,
• расположливите капацитети,
• статусот на налозите,
• продуктивноста на тимовите,
• процената на завршувањето на операциите,
• ризиците од доцнење.
Ваквиот пристап значително го менува начинот на управување со логистиката. Наместо да реагираат на проблемите, компаниите почнуваат да ги предвидуваат и да ги спречуваат.
Домашните компании, во последните години, покажуваат сè поголем интерес за дигитализација на логистиката. Најчесто тој процес започнува преку унапредување на WMS системите, автоматизација на известувањето и воведување аналитички алатки.
За разлика од големите западноевропски логистички системи, домашните компании развија исклучително флексибилни оперативни модели што овозможуваат брзо решавање на проблемите, но често со висока зависност од поединци.
Следниот чекор во тој развој е преминот од класично известување кон предиктивна аналитика. Токму тука вештачката интелигенција носи најголема вредност.
Важно е да се нагласи дека за ваков развој не е неопходна голема инфраструктурна промена. Во повеќето случаи доволно е подобро да се користат податоците што веќе постојат во оперативните системи.
Тоа значи дека дигиталната трансформација на логистиката повеќе не е прашање на технологија, туку на организација и стратегија.
Дигиталната трансформација на логистиката повеќе не е прашање на технологија, туку на организација и стратегија.
Логистиката како извор на конкурентска предност
Една од најчестите заблуди поврзани со вештачката интелигенција е стравот дека таа ги заменува луѓето. Во логистиката се покажува токму спротивното.
Најголема вредност ВИ системите имаат како поддршка на оперативните раководители, планери и менаџери. Тие овозможуваат побрзо носење одлуки, подобра организација на ресурсите и поголема сигурност на процесите.
Искуството на луѓето останува клучен елемент на логистиката. Вештачката интелигенција само ги проширува нивните можности.
Затоа може да се каже дека вистинската улога на ВИ технологиите во логистиката е зголемување на квалитетот на одлучувањето, а не автоматизација без надзор.
Современите синџири на снабдување стануваат сè побрзи. Компаниите што ќе успеат да ги организираат своите операции врз основа на податоци и предвидувања ќе имаат значителна предност во однос на конкуренцијата.
Вештачката интелигенција во логистиката не претставува цел сама по себе. Таа е алатка што овозможува постабилно планирање, посигурна реализација и поефикасно управување со ресурсите.
Поради тоа, може да се каже дека логистиката денес влегува во нова фаза на развој – фаза во која конкурентската предност сè помалку се заснова на големината на системот, а сè повеќе на квалитетот на одлучувањето.
Токму во таа промена лежи најголемиот потенцијал на примената на вештачката интелигенција во синџирите на снабдување.
Примери од практиката
Во продолжение се претставени конкретни примери на примена кои покажуваат како ВИ веќе го менува начинот на управување со логистичките операции.
1. Предвидување на работното оптоварување на складиштето
Еден од најчестите оперативни предизвици во дистрибуцијата на стоки за широка потрошувачка е прашањето:
Колку работа нè очекува утре?
Во голем број складишта планирањето на капацитетите и понатаму се заснова на искуството на шефовите на смена и процената на обемот на работа врз основа на отворените налози.
Таквиот пристап функционира во стабилни услови, но станува ризичен во периоди на зголемено оптоварување, сезонски кампањи или промотивни активности на големите трговски синџири.
Примената на аналитички модели овозможува, врз основа на историски податоци, структурата на налозите и планираните испораки, однапред да се процени очекуваниот обем на комисионирање.
Со тоа логистиката првпат добива можност да ги планира ресурсите пред да се појави оперативниот притисок.
За FMCG-системите со голем дневен промет, ова претставува една од најважните практични примени на вештачката интелигенција.
2. Процена на времето на завршување на операциите
Второто клучно прашање во секојдневната работа на складиштето е процената дали планираната работа ќе биде завршена во предвидениот рок.
Во практика оваа процена често се носи врз основа на моменталното чувство за оптовареноста на системот. Меѓутоа, кога во анализата ќе се вклучат податоци за историската брзина на работа на тимовите, структурата на налозите и расположливите капацитети, можно е со голема сигурност да се процени очекуваното време на завршување на операциите.
Таквата информација ѝ овозможува на логистиката да престане да реагира на доцнења и да почне да ги предвидува.
Особено во FMCG-дистрибуцијата, каде што стабилноста на испораките директно влијае врз продажните резултати, овој вид предвидување станува значаен елемент на конкурентската предност.
3. Анализа на продуктивноста на тимовите во реално време
Продуктивноста на складишните операции традиционално се мери на крајот на смената или на крајот на денот. Таквиот пристап дава добар преглед на реализацијата, но не овозможува навремена реакција во текот на работата.
Современите аналитички модели овозможуваат следење на структурата на работата во текот на смената – активно време, застои и промени во интензитетот на работата по зони на складиштето.
Тоа значи дека раководителите на операциите можат да ги препознаат потенцијалните проблеми додека тие сè уште се развиваат, а не по завршувањето на процесот.
Во услови на недостиг на работна сила, ваквиот пристап овозможува многу поефикасно користење на постојните капацитети без дополнително оптоварување на вработените.
4. Оптимизација на распоредот на работната сила
Еден од најголемите предизвици на логистиката во Србија денес е организацијата на работата во услови на ограничени кадровски капацитети.
Во голем број складишта распоредот на работниците по зони и активности и понатаму се менува оперативно во текот на смената, во зависност од моменталното оптоварување на системот.
Иако таквиот пристап покажува високо ниво на флексибилност, долгорочно ја намалува стабилноста на планирањето.
Анализата на историските податоци за структурата на налозите и динамиката на работата овозможува попрецизно распоредување на ресурсите пред почетокот на смената.
Со тоа логистичкиот систем станува постабилен, а зависноста од импровизација значително помала.
Овој вид примена на аналитиката особено добива на значење во периоди на сезонски оптоварувања и промотивни активности.
5. Идентификација на оперативни застои во системот
Во секојдневните складишни операции проблемите ретко се појавуваат нагло.
Многу почесто тие настануваат постепено – преку зголемување на оптоварувањето на одделни зони, забавување на одредени активности или нерамномерна распределба на работата.
Без аналитички алатки, ваквите процеси често остануваат невидливи сè додека веќе не почнат да влијаат врз роковите за испорака.
Примената на напредна анализа на податоци овозможува идентификација на т.н. тесни грла во системот – места каде што доаѓа до застој уште пред тие оперативно да се манифестираат.
Таквиот пристап значително ја зголемува стабилноста на логистичките операции и овозможува навремено планирање на интервенциите.
6. Како ВИ ја менува улогата на логистичкиот контролен центар
Во последните неколку години сè почесто се зборува за воведување таканаречени логистички контролни модели на управување.
Меѓутоа, контролниот центар без аналитика останува само централизиран приказ на податоци. Дури со примената на вештачката интелигенција тој станува оперативна алатка за носење одлуки. Неговата најголема вредност е во обединувањето на информациите од различни делови на логистичкиот систем: складиште, транспорт, планирање испораки и расположливост на ресурси, во единствена слика за операциите во реално време.
Кога на таквата структура ќе се надгради аналитички слој, логистиката добива можност да не ја следи само моменталната состојба на системот, туку и неговиот очекуван развој во наредните часови и денови.
На пример, наместо раководителите на операциите да го проценуваат оптоварувањето на системот врз основа на моменталниот број на налози, контролниот центар може да прикаже процена на обемот на работа за следниот ден, очекуваното времетраење на операциите и потенцијалните точки на застој.
Со тоа логистиката се поместува од реактивен кон предиктивен начин на управување.
Ваквиот пристап има особено значење во FMCG-дистрибуцијата, каде што операциите се одвиваат во кратки временски циклуси, а стабилноста на роковите за испорака директно влијае врз достапноста на стоката на полиците.
Во такви услови, можноста однапред да се процени оптоварувањето на системот претставува значајна оперативна предност.
Вештачката интелигенција во рамките на контролниот центар особено придонесува во три клучни области:
• процена на идното оптоварување на системот,
• оптимизација на распоредот на ресурсите,
• рано препознавање на оперативните ризици.
Наместо логистиката да реагира откако ќе дојде до доцнење или застој, системот може да ги препознае промените во динамиката на работата и однапред да предложи корективни мерки.
Токму затоа пристапот на контролен центар не претставува само визуелен преглед на логистиката, туку премин кон нов модел на управување во кој податоците стануваат активен дел од оперативното одлучување.
Во такво опкружување вештачката интелигенција не го заменува искуството на луѓето, туку овозможува тоа искуство да се користи побрзо, попрецизно и со поголема сигурност при носењето одлуки.
За компаниите што работат во динамично дистрибутивно опкружување, особено во секторот на стоки за широка потрошувачка, контролниот центар со интегрирана аналитика претставува природен следен чекор во развојот на логистичките системи – премин од следење на операциите кон нивно активно управување.
Искуството покажува дека најголемата вредност на вештачката интелигенција во логистиката не е во автоматизацијата на процесите, туку во унапредувањето на способноста на системот да ја планира сопствената работа.