
Колку повеќе искуство стекнуваме, толку повеќе одговори имаме. Но, со текот на времето сфатив дека за напредокот можеби се поважни прашањата.
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Пишува: Рената Динова, маркетинг директор, Спар
А што ако пробаме поинаку? Зошто ова го правиме токму вака? Може ли подобро? Што сè уште не знаеме?
Токму од тие едноставни прашања често почнува нешто ново.
За мене, љубопитноста никогаш не била само желба да дознаам нешто повеќе. Таа е начин на размислување. Подготвеност да погледнеш на позната ситуација од друг агол, да сослушаш поинакво мислење и да прифатиш дека дури и кога нешто функционира добро, можеби постои начин да функционира уште подобро.
Мојот професионален пат ме водеше низ различни области, од дизајн и креативност, преку маркетинг, до комерцијални одлуки, стратегии и резултати.
На прв поглед, тоа се различни светови.
Но, денес токму во нивната поврзаност ја гледам најголемата вредност.
Дизајнот ме научи да прашувам: Како ова ќе го види човекот?
Маркетингот: Зошто би го заинтересирало?
Комерцијалата додаде уште едно важно прашање: Дали ова создава вистинска вредност и резултат?
Со текот на времето сфатив дека најдобрите идеи ретко се наоѓаат само во еден од овие светови. Најчесто се создаваат некаде меѓу нив, кога различни перспективи ќе се сретнат околу ист проблем.
Да не престанеме да прашуваме
Во работата лесно создаваме рутини. И тоа не е лошо. Искуството ни помага да бидеме побрзи, посигурни и поефикасни.
Но, понекогаш токму искуството може да нè натера да престанеме да поставуваме прашања.
Знаеме како нешто се прави. Знаеме што функционирало досега. Имаме процес, план и проверен начин.
А сепак, светот околу нас не функционира според нашите планови.
Се менуваат технологијата, пазарот, каналите на комуникација, очекувањата на луѓето и нивните навики. Она што вчера било ново, денес веќе го земаме здраво за готово.
Затоа верувам дека искуството и љубопитноста не треба да бидат спротивности.
Напротив.
Искуството ни дава сигурност во она што го знаеме. Љубопитноста ни отвора врата кон она што допрва можеме да го научиме.
Новата идеја не мора секогаш да биде голема.
Кога зборуваме за иновации, често помислуваме на технологија, големи инвестиции или целосно нови концепти.
Но, новото не мора секогаш да биде револуционерно.
Понекогаш е мала промена во начинот на кој комуницираме. Поинаку поставено прашање. Нов начин на кој два тима соработуваат. Подобро слушање на луѓето кои секојдневно се најблиску до купувачите. Или едноставно храброст да кажеме: „Имам една поинаква идеја.“
Во retail ова го гледаме особено јасно.
Можеме да имаме стратегија, кампања и одлична понуда, но на крајот купувачот многу едноставно ќе ни покаже дали нашата идеја функционира.
Тој нема да ги гледа нашите презентации и анализи. Ќе го доживее резултатот.
И токму затоа сметам дека најдобрите идеи се оние што успеваат да ја спојат креативноста со реалноста, а визијата со резултатот.
Да оставиме простор за новото.
Верувам дека денес на компаниите не им недостигаат идеи. Многу почесто им недостига простор тие идеи да бидат кажани, слушнати и тестирани.
Добрата идеја не мора секогаш да дојде од најискусниот човек во просторијата. Може да дојде од нов колега кој поставил едноставно прашање затоа што сè уште не научил дека „така се прави“. Може да дојде од купувач. Од разговор со колега од сосема друг сектор. Од нешто што сме го виделе во друга индустрија.
Затоа ми се допаѓаат средини во кои луѓето можат да прашаат „зошто?“, но и „зошто да не?“.
Средини во кои искуството се почитува, но новата перспектива добива шанса.
Не секоја идеја ќе биде успешна. Не секоја промена ќе биде подобра од она што веќе го имаме. И тоа е во ред.
Важно е да не ја изгубиме желбата да откриваме. Бидејќи можеби најголемата вредност на љубопитноста не е во тоа што секогаш ќе ни го даде вистинскиот одговор.
Туку во тоа што ќе нè натера да го поставиме следното прашање.
И токму таму, многу често, почнува новото, иновативното и функционалното.