
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Вистинскиот пораст на полицата не се постигнува со бесконечни попусти, туку со длабинско разбирање на навиките и потребите на купувачите во моментот на купување. За да се обезбеди долгорочна профитабилност, шопер-маркетингот мора да престане да биде изолиранa задача на еден оддел и да стане усогласена комерцијална стратегија на целата организација
Пишува: Кристијан Матијашевиќ, маркетинг-консултант, „Абнормал“, kristijan.matijasevic@abnormal.agency
Битката во продажните канали и понатаму најчесто се врти околу тоа кој ќе биде поевтин, кој ќе даде поголем попуст и кој на крајот ќе го „купи“ волуменот. Изгледа како фрустрирачка игра за која самите сме ги поставиле правилата и сме одлучиле дека нема крај. Тешко ни е да ја прифатиме, а уште потешко да ја „активираме“ важната вистина: вистинскиот пораст не се случува на ниво на попусти, туку на ниво на разбирање на шоперот. Не како флоскула, туку како вистинско, длабинско разбирање на однесувањето на шоперот и потрошувачот.
Денес е тешко да се зборува за „просечен“ шопер, иако често се стекнува впечаток дека зборуваме токму за таков „еден“. Постојат различни мотивации, различни контексти на купување и различни типови однесување. Сите брендови и трговци сакаат да растат, но прашањето е колку шоперот го набљудуваме како „број“, а колку сакаме да го разбереме како конкретна личност со потреби, бариери, навики и очекувања. Полесно е да се направи „просек“ бидејќи сегментираниот пристап бара многу тактизирање, јасност и фокус во многу комплексно опкружување.
Шопер-маркетингот не е работа на еден оддел, туку работа на целата организација. Често редуциран на трејд маркетинг, во многу компании е маргинализиран и сфатен исклучиво како егзекутивна функција. Но, шопер-маркетингот отсекогаш бил еден од клучните лостови на Revenue Growth Management и на долгорочната профитабилност. Најголемата заблуда на FMCG-индустријата е дека шопер-маркетингот е одговорност на трејд маркетингот. Не е. Тој е резултат на координација на повеќе тимови кои во синергија ги покриваат следните области: консумер маркетинг, кој ги разбира мотивите и можностите на потрошувачите, а не на шоперите), бренд-тим (кој ја дефинира јасната вредност на производот), продажба (која мора да разбере како размислува шоперот во различни канали), RGM (кој ги поврзува цената, пакувањето, промоциите и каналите) и трејд маркетингот (кој обезбедува одлична егзекуција на продажниот простор).
Зошто шопер-маркетингот е поважен од кога било? Затоа што, без разлика дали некој го сака вашиот бренд или не, дали ја лајкнал вашата реклама или не, без разлика колку интерно сте горди на тоа што сте го направиле, продажниот простор е местото каде што губите или победувате. Тоа е „моментот на вистината“ во кој раката на шоперот во секунда одлучува за вас или против вас. Продажниот простор ја рефлектира целата комерцијална стратегија.
Токму активностите на продажниот простор им овозможуваат на брендовите да го вратат Pricing Power, односно да бидат доволно силни за да можат да наплаќаат повеќе од конкуренцијата. Затоа што ако брендот не знае да ја објасни својата вредност на полицата (а многу често брендовите немаат ниту јасност, а камоли нешто повеќе), цената станува единствениот аргумент. А тоа е играта што PL најмногу ја „сака“ и која секогаш може да ја игра подобро.
Што значи шопер-маркетингот од RGM перспектива? Revenue Growth Management вели дека порастот доаѓа од четири лостови: цени, пакувања, микс и промоции. Шопер-маркетингот е местото каде што сите овие лостови се спојуваат во реалниот момент на купување, пред реалниот човек пред полицата, кој одлучува за неколку секунди. Со други зборови: RGM дефинира што треба да се направи за брендот да расте, а шопер-маркетингот дефинира како тоа изгледа во реалноста, односно на полицата.
Промоциите мора да имаат цел, а не само попуст. Во RGM-логиката попустите се најскапиот лост за пораст и затоа мора мудро да се планираат со јасна цел. Сакаме ли да привлечеме нови купувачи, да ја зголемиме фреквенцијата, волуменот на кошничката, да поттикнеме преминување кон премиум? Ако промоцијата нема цел, таа само ја намалува маржата и го „учи“ шоперот да не купува по редовна цена, туку да чека попуст.
Комуникацијата на полицата мора да биде кристално јасна. Полицата е најскапиот квадратен сантиметар во маркетингот, а повеќето брендови и понатаму ја користат така што само ги ставаат производот и логото, како тоа да е доволно. Шопер-маркетингот бара тој простор да се искористи за јасна порака, вредносен claim или call to action што го води купувачот кон одлуката: пробај, земи, ново, премиум, value pack, свежо печено.
Зошто шопер-маркетингот често не функционира? Затоа што истите материјали се користат за сите канали, истиот claim за сите пригоди, без разбирање дека купувачот размислува поинаку кога купува „за веднаш“, „за дома“ или „за деца“. Пакувањата често немаат јасна улога во портфолиото, па на полицата не се гледа разликата меѓу hero SKU, value pack и premium. Промотивните материјали пречесто се генерички и не кажуваат ништо, фокусот е на количината, а не на вредноста, додека реалното однесување на шоперот во контекст на продавницата се игнорира.
Што значи систематски да му се посветиме на шопер-маркетингот? Тоа значи да престанеме да работиме според „чувство и искуство“ и да почнеме да работиме врз основа на сегментација на шоперите, а не на претпоставки. Тоа значи да ги разбереме пригодите за консумација и да дизајнираме јасна OBPPC-логика која дефинира што се продава, кому, каде, кога и зошто. Секој SKU мора да има јасна улога, а комуникацијата мора да се приспособи на каналот – она што функционира во супермаркет не функционира во помал формат, а она што функционира во помал формат не мора да функционира на бензинска станица.
Систематскиот пристап значи да се поврзат консумер и шопер стратегијата во една комерцијална приказна. Дури тогаш престануваме да работиме „ATL и BTL“ и почнуваме да работиме комерцијална стратегија за пораст.
РАМКА 1: Шопер-маркетингот го претставува клучниот момент на вистината на местото на купување, каде што се спојуваат стратегиите за цени, пакувања и промоции за да се оствари вистински пораст заснован на длабинско разбирање на потрошувачите, наместо на обични попусти.