
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Кредибилитетот, доследноста, автентичноста и искреноста се вредности што не можат да се заменат ниту со најдобрата презентација ниту со најдобриот договор. На крајот на краиштата, луѓето соработуваат со луѓе, па дури потоа со компании.
Слободан Златановски, кантри-менаџер во „Henkell Freixenet Croatia“
Од логистика и планирање, преку продажба и управување со различни пазари, до денешната позиција во „Henkell Freixenet Croatia“, професионалниот пат на Слободан Златановски се градел низ различни индустрии, пазари и предизвици. Во разговорот зборуваме за лекциите што ги носи секоја нова улога, за довербата како основа на деловните односи и за тоа што значи да се биде лидер кога резултатите се важни, но луѓето се уште поважни.
Биографски податоци
Датум и место на раѓање: 6 март 1977 година, Белград.
Образование: Дипломиран сообраќаен инженер на Универзитетот во Белград.
Кариера:
Моментална функција:
Хоби: Велосипедизам, скијање, бадминтон.
Брачна состојба: Оженет, две деца.
Лекции од детството
Кога денес ќе се осврне на својот професионален пат, Слободан најмногу размислува за тоа колку е важно човек да биде отворен за можностите и промените. Немал однапред дефиниран план, ниту пак на кариерата гледал како на низа позиции што треба да ги освои. Повеќе ме водеше желбата да учам, да се развивам и во секоја улога да го дадам максимумот. Сè што следуваше беше последица на тој пристап и награда за трудот, работата и, секако, за развивањето нови способности и вештини.
Растел со спорт и со музика. Фудбал играл до 26 години, а како дете свирел на хармоника. Токму овие две работи, вели, го обликувале. Спортот ме научи на тимска работа, дисциплина и на тоа дека ниту еден голем резултат не е дело на поединец. Музиката ме научи на трпение, истрајност и посветеност. Сепак, тој признава дека уште од најрана возраст покажувал склоност и кон продажбата. Во дворот одгледувавме овошки и често ги берев и ги продавав пред локалната продавница. Изгледа дека претприемачкиот дух кај него бил присутен уште од најраните денови.
Слободан уште од мал бил сигурен во едно – што и да работи, ќе се труди да даде 100 отсто од себе: Таа филозофија ме следи и денес. Понекогаш можеби и претерувам, но тоа е главната состојка во рецептот за успех.

Меѓучовечките односи се универзални
Неговиот професионален пат почнал во „Nelt Group“. Се сеќава на моментот кога, веднаш по завршувањето на факултетот, со дипломата в рака, го видел огласот за првата посериозна работа во струката: Помислив колку би било убаво да работам во таква компанија, но истовремено и дека речиси е невозможно да добијам можност. На конкурсот биле пријавени околу 2.000 кандидати, следувале тестирања и неколку интервјуа, а на крајот биле избрани четворица.
Кариерата ја почнав во логистика и планирање, што денес го сметам за непроценливо искуство. Тие позиции ме научија како функционира една компанија однатре. Успеав да развијам аналитичност, дисциплина и разбирање на меѓусебната поврзаност на сите деловни процеси. Тогаш првпат сфатив колку една одлука може да влијае врз целиот синџир на вредности и колку е важно работењето да се гледа како целина, а не само низ призмата на еден оддел.
Сепак, по неколку години сфатил дека повеќе го привлекува комерцијалниот дел од работата. Откако се пријавил на интерните конкурси, добил нова можност. Луѓето, преговорите, купувачите и пазарот за него претставувале совршен предизвик. Преминувањето во продажба не била само промена на позицијата, туку и промена на перспективата. Тогаш ја научил лекцијата што ќе го следи низ целата кариера: Работата не е само тоа што го продавате. Многу поважно е каков однос градите со партнерите, каков впечаток оставате и дали луѓето ви веруваат.
Според Слободан, кредибилитетот, доследноста, автентичноста и искреноста се вредности што не можат да се заменат ниту со најдобрата презентација, ниту со најдобриот договор. На крајот на краиштата, луѓето соработуваат со луѓе, па дури потоа со компании.
Вработените и деловните партнери многу порано ја препознаваат енергијата на лидерот отколку неговата стратегија.
Следува уште една голема пресвртница – „Nestlé“. Тоа е извонредна компанија која ве тера да ги подигнете стандардите, да размислувате долгорочно и постојано да работите на себе. Таму научив колку се важни процесите, стратешкото планирање и континуираното вложување во развојот на луѓето. Особено ја цени можноста што соработувал со колеги од различни земји и култури и што работел со големо портфолио и различни категории храна и пијалаци.
Во 2016 година донел една од најважните одлуки во кариерата и се преселил во Хрватска. Освен промената на државата, станувало збор и за голема професионална промена бидејќи од малопродажба преминал во хорека-сегментот, кој има поинаква динамика. Дополнителен предизвик била изразената сезоналност на туристичкиот пазар во Хрватска.
Денес можам да кажам дека во Хрватска се чувствувам феноменално. Запознав многу прекрасни луѓе, и професионално и приватно, работев со врвни тимови и стекнав искуства што дополнително ме обликуваа како лидер. Управувањето со пазарите на Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина ми покажа колку е важно да се разберат локалните специфики, но и колку меѓучовечките односи се универзални. Без оглед на пазарот, довербата останува најважната валута.
По речиси девет години во „Nestlé“, следувале нови предизвици за Слободан преку „Heineken“ и „Pan-pek“. Пивската индустрија ја опишува како исклучително комплексен и конкурентен пазар кој бара брзина, флексибилност и поинаков начин на размислување. Особено значаен период во неговата кариера е работењето во Управниот одбор на „Pan-pek“ во пекарската индустрија: Тогаш почнав да го гледам работењето од уште поширока перспектива. Како лидер, повеќе не размислувате само за еден сегмент од работењето, туку за целокупното влијание на одлуките врз компанијата, вработените и долгорочниот развој на организацијата.
Денес, како кантри-менаџер во „Henkell Freixenet“ за регионот, тој има можност заедно со тимот да го развива бизнисот на пазарите на Источен и Западен Балкан. Тоа што го привлекло кон оваа позиција е спојот на силните меѓународни брендови во категориите пенливи и непенливи вина и жестоки пијалаци со богатата традиција и амбициозните планови на компанијата. „Henkell Freixenet“ успешно ги комбинира наследството и иновациите, а токму таа комбинација професионално ме инспирира и мотивира.
Според него, FMCG-индустријата, а особено пазарот на алкохолни пијалаци, денес се менува побрзо од кога било. Потрошувачите имаат поголем избор, новите генерации носат поинакви навики, се развива безалкохолниот сегмент, конкуренцијата е интензивна, а очекувањата на партнерите се сè поголеми.
Што останува зад деловните резултати
Слободан верува дека вработените и деловните партнери многу порано ја препознаваат енергијата на лидерот отколку неговата стратегија. Затоа настојува во работата да има позитивен пристап и верба во тоа што го работи. Позитивната енергија не е нешто апстрактно. Таа се пренесува на тимовите, влијае врз атмосферата и често ја прави разликата меѓу просечен и врвен резултат.
Кога станува збор за успехот, тој е горд на резултатите што ги постигнувале низ различни компании и пазари, но најважни се луѓето. Особено ме радува кога ќе видам колеги со кои сум работел пред десет или петнаесет години, а денес раководат со тимови, сектори или компании. Тогаш сфаќате дека сте оставиле трага што е поголема од бројките и деловните извештаи. Компаниите во кои сум работел, како и компанијата во која работам денес, целосно ме обликуваа и професионално и како човек, и благодарен сум им за тоа.
Кога денес би можел да му даде совет на младиот Слободан, би му рекол помалку да се оптоварува со формата и деталите, а повеќе да се фокусира на суштината. Од спортот одамна ја научил лекцијата дека не е пресудно колку можете, туку колку сакате. Талентот, знаењето и искуството се важни, но желбата, посветеноста и подготвеноста да се постигне сопствениот максимум најчесто ја прават разликата меѓу добар и врвен резултат.
Верувам дека успехот не се гради преку функции и титули. Се гради преку довербата и наследството што го оставате зад себе, односите што ги создавате и енергијата што ја внесувате во сè што работите, заклучува Слободан и додава дека тоа е она што останува долго откако ќе се изгаснат рефлекторите на деловните резултати.