
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Еден од најпознатите македонски синџири супермаркети, „Тинекс“, по повеќе од 30 години работење добива нов сопственик. Компанијата е преземена од „Проекс Интернационал“, која најавува нови инвестиции, модернизација на маркетите, зајакнување на соработката со домашните добавувачи и подобрување на понудата за потрошувачите.
Преземањето претставува долгорочна инвестиција на македонскиот малопродажен пазар, со која регионалното искуство на новиот сопственик ќе се комбинира со препознатливоста на „Тинекс“ и неговото долгогодишно присуство во земјава.
Според официјалното соопштение, „Тинекс“ ќе продолжи да работи под своето досегашно име, а новиот сопственик најавува дека ќе се задржат и дополнително ќе се развиваат односите со потрошувачите, вработените и деловните партнери.
Основачот на компанијата, Владимир Тодоровиќ, истакнува дека одлуката за предавање на компанијата не била лесна, но смета дека е неопходна за нејзиниот натамошен развој.
„За нашето семејство, ТИНЕКС никогаш не беше само компанија - тоа се 30 години работа и врска со нашите вработени и потрошувачи, која ја градевме продавница по продавница. Предавањето на оваа одговорност не е лесно, но тоа е вистинскиот чекор: ТИНЕКС заслужува нова сила и нови инвестиции за да расте. Имам доверба во луѓето што ќе го водат понатаму и им благодарам на сите што придонесоа ТИНЕКС да стане она што е денес. Најдобриот начин да го почитуваме она што го изградивме е да видиме дека продолжува да се развива“, изјави Тодоровиќ.
Лиридон Бериша ќе раководи со „Тинекс“
Со промената на сопственичката структура, најавено е и ново раководство.
Лиридон Бериша е назначен за нов главен извршен директор на „Тинекс“. Тој има 18 години професионално искуство во малопродажбата, големопродажбата, логистиката, информатичката технологија и маркетингот.
Во неговата професионална кариера е и работата во „Интерекс Супермаркет“ во Косово, каде што бил вклучен во развојот на малопродажбата и стратешките деловни иницијативи.
„ТИНЕКС има силно име, искусни луѓе и длабоки корени на овој пазар. Тоа е вистинска основа во која вреди да се инвестира. Нашата задача сега е да испорачаме конкретни резултати – полни полици, сигурни партнери и услугата што потрошувачите ја очекуваат од ТИНЕКС. Тука сме за да ја заслужиме таа доверба, ден по ден“, порача Бериша.
Во новиот менаџерски тим се приклучува и Хубертус Рик, германски менаџер со повеќе од 30 години меѓународно искуство, кој ќе ја извршува функцијата советник за стратегија и раст.
Рик претходно работел на високи раководни позиции во големи меѓународни малопродажни компании, вклучително и во Lidl во Обединетото Кралство и Walmart во Германија и Обединетото Кралство.
Најавени инвестиции и поголема стабилност за добавувачите
Меѓу првите приоритети на новиот сопственик се зајакнување на финансиската и оперативната стабилност, обновување на довербата со деловните партнери и обезбедување сигурно снабдување на супермаркетите.
Од „Проекс Интернационал“ нагласуваат дека домашните производители, дистрибутери и добавувачи ќе имаат значајна улога во идниот развој на компанијата.
Најавено е градење долгорочни партнерства, со транспарентни комерцијални обврски и стабилни деловни односи.
Плановите предвидуваат и модернизација на работењето на маркетите, подобрување на асортиманот, поголема достапност на производите и воведување современи практики во управувањето со малопродажбата.
Новиот сопственик најавува и инвестиции во обука на вработените, организациски развој, оперативна ефикасност и подобрување на условите за работа.
„Проекс Интернационал“ претходно го презеде и „Интерекс“
„Проекс Интернационал“ има искуство во регионалната малопродажба, а претходно го презеде „Интерекс“ од француската малопродажна групација „Интермарше“.
Групацијата има деловни активности и надвор од секторот супермаркети, вклучително и со меѓународни брендови како Shell, IP (Gruppo API), Darty и Nordsee.
Со преземањето на „Тинекс“, компанијата дополнително го проширува своето присуство во регионалниот малопродажен сектор.
Засега во соопштението не се наведуваат вредноста на трансакцијата, процентот на преземениот сопственички удел, ниту конкретниот износ на најавените инвестиции.
Од компанијата порачуваат дека целта е „Тинекс“ да ја задржи својата препознатливост на македонскиот пазар, но со нов капитал, професионално раководство и меѓународно искуство да го забрза својот развој.