
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Пишува: Јасмина Илиевска, менаџер за човечки ресурси во Кола груп
Секојдневно слушаме дека на пазарот на труд во Македонија недостигаат луѓе. Недостигаат продавачи, возачи, магационери, инженери, техничари, угостителски работници, медицински кадар. Од една страна имаме многу отворени работни позиции, а од друга страна луѓе кои сè уште не можат да го најдат своето место на пазарот на труд. На прв поглед, ова изгледа како парадокс. Но, можеби вистинското прашање за компаниите не е зошто нема доволно луѓе, туку зошто сè повеќе луѓе не сакаат да останат.
Како професионалец во областа на човечките ресурси, низ годините сум имала можност да разговарам со стотици кандидати и вработени. Речиси никој од нив не зборува само за платата. Секако дека финансиската сигурност е важна и неопходна, но многу почесто слушаме нешто друго: „Сакам да бидам почитуван“, „Сакам да знам дека мојот труд се вреднува“, „Сакам да припаѓам во компанијата“,„Сакам можност да учам, да ги развивам своите компетенции и да напредувам“.
Токму затоа верувам дека недостигот на кадар е порака која пазарот ни ја испраќа. Луѓето денес не избираат само работна позиција. Денес генерациите што доаѓаат на пазарот на труд бараат нешто повеќе. Тие сакаат организација која ќе ги слушне нивните идеи, ќе им даде простор за развој и ќе покаже разбирање за нивните потреби. За нив, работата не е само извор на приход. Таа е дел од нивниот идентитет и квалитет на живот. Тие избираат средина, култура, лидерство и чувство дека припаѓаат некаде, и компаниите треба да ја слушнат оваа порака и да обезбедат соодветна солуција.
Недостигот на кадар не е само економски предизвик. Тој е покана да ги преиспитаме нашите навики, нашите лидерски модели и начинот на кој гледаме на луѓето. Зошто некои компании успеваат да изградат лојални и мотивирани тимови, иако работат во истиот пазар и се соочуваат со исти предизвици? Дали одговорот се наоѓа во разбирањето дека луѓето не се ресурс што се троши, туку потенцијал што се развива.
Сметам дека токму тука лежи најголемата можност за македонските компании. Наместо постојано да се прашуваме каде да најдеме нови луѓе, можеби треба повеќе да се фокусираме на тоа како да ги задржиме оние што веќе ги имаме, и како да креираме средина каде луѓето ќе сакаат да дојдат и да просперираат.
Секако, за да се постигне тоа не постои совршена формула. Но, постојат едноставни работи што носат голема разлика: искрена комуникација, коректен однос, можности за учење, препознавање на добрите резултати и лидерство кое инспирира наместо да контролира. Често токму овие нешта се причината поради која вработениот може да остане во една компанија, дури и кога пред себе ќе има друга понуда за вработување.
Верувам дека иднината на пазарот на труд нема да ја одредуваат компаниите што нудат само работни места. Ќе ја одредуваат компаниите што нудат причина некој да остане, да се развива и да го даде најдоброто од себе.
Недостигот на кадар не е само економски предизвик. Тој е покана да ги преиспитаме нашите навики, нашите лидерски модели и начинот на кој гледаме на луѓето. Ако ја разбереме пораката, можеби нема само да најдеме повеќе вработени. Ќе изградиме подобра работна средина за секој од нас.