
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
„Бутс“ (Boots), синџир аптеки и малопродажни објекти, е продаден на канадското милијардерско семејство Вестон во трансакција вредна 8,9 милијарди долари, односно 6,7 милијарди фунти, пренесува BBC.
Холдинг-компанијата „Витингтон Инвестментс“ (Wittington Investments) потврди дека постигнала договор за купување на трговскиот синџир со традиција долга 177 години од американската инвестициска компанија „Сикамор Партнерс“ (Sycamore Partners) и семејството Песина.
„Бутс“ започнал како обична аптека во Нотингем, но со текот на времето станал еден од препознатливите симболи на британските трговски улици, проширувајќи го работењето со продажба на широк асортиман производи за здравје и убавина, готови оброци и додатоци за патување.
Синџирот во последните години остварувал добри резултати, и покрај предизвиците што ги носат конкуренцијата и промените во навиките на купувачите.
Во изминатите години затворил стотици продавници низ Обединетото Кралство, па денес располага со околу 1.800 продавници и 51.000 вработени, но и понатаму останува препознатлив британски бренд.
Според најновите годишни финансиски резултати, „Бутс“ остварил продажба од 7,5 милијарди фунти (околу 8,6 милијарди евра), што претставува зголемување од 3,2% во споредба со 2024 година.
Гален Вестон, претседател на „Витингтон Инвестментс“, ќе стане претседател на „Бутс“. Тој најави дека новите сопственици имаат планови за понатамошен развој на синџирот, вклучувајќи модернизација на продавниците и проширување на здравствените услуги.
„Гледаме значајна можност од одлично работење да создадеме уште подобро, преку стабилна долгорочна сопственост, дополнителни капитални инвестиции и обновен оперативен фокус, потребен за да им обезбедиме извонредна услуга на купувачите и на генерациите што доаѓаат“, изјави Вестон.
Семејството Вестон ќе го преземе малопродажното работење на „Бутс“ во Обединетото Кралство и Ирска, „Бутс Оптишнс“ (Boots Opticians), „Но7 Бјути Компани“ (No7 Beauty Company), како и работењето на компанијата во Тајланд и нејзиниот франшизен бизнис.
Се очекува трансакцијата да биде завршена на почетокот на 2027 година.
Семејството Вестон е сопственик на канадскиот синџир продавници за прехранбени производи „Лоблос“ (Loblaws) и синџирот аптеки „Шоперс Драг Март“ (Shoppers Drug Mart).
Претходно, семејството било сопственик и на лондонската стоковна куќа „Селфриџис“ (Selfridges), од 2003 до 2021 година, кога ја продало за 4 милијарди долари (околу 3,4 милијарди евра).
Посебна британска гранка на семејството Вестон е мнозински сопственик на компанијата „Асошиејтед Бритиш Фудс“ (Associated British Foods), матичната компанија на „Примарк“.
„Сикамор Партнерс“, во партнерство со Стефано Песина и неговото семејство, ќе ја задржи сопственоста над „Фармасијас Бенавидес“ (Farmacias Benavides) во Мексико и „Алијанс Хелткер Дојчланд“ (Alliance Healthcare Deutschland) во Германија, кои се дел од „Бутс Груп“.