InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
„Не таласај” за просечната плата за јуни, беше одговорот на првиот добронамерен читател на колумнава. Нормално постапив како што иницијално размислував. Дозволив да се објави. Се работи за индивидуални размислувања и пресметки, во недостаток на целосни официјални детални ажурирани податоци.
Пишува: Дејан Митковски, менаџер за продажба на странски пазари, „Европа“
Како некој кој повеќе од четврт век работи во FMCG-индустријата, меѓу другото е магистер по економија и колку - толку се разбира во бројки и проценти и нивната корелација, неодамнешната вест за намалување на просечно исплатената нето-плата за јуни (48.381 денари или пад за 2,3% на месечно ниво споредено со мај односно помалку за 1.163 денари), првично ми изгледаше премногу и дури бев скептик дека стварно е така. Но, штом официјалната статистика тврди дека е така, така е.
Не дека е невозможно да се случи намалување во месечните нето износи на исплатена просечна нето плата, апсолутно е можно и реално, само треба да се исполнат одредени услови. На крајот на денот и во февруари просечната плата беше помала за 436 денари од јануарската или за 0,98% во однос на јануарската плата. Нормално за месец со помал број на работни денови. Познавам многу фирми кои ги исплаќаат своите вработени од изработен час односно работен ден.
За повеќето кои не сакаат да се занимаваат со ситни математички проценти, најверојатно пад во просечно исплатена нето плата од 0,98% за февруари е слично со пад од 2,3% за јуни. Меѓутоа не е така.
Просечната нето-плата може да се намали значајно доколку дојде до некаква промена на законска рамка во делот на ставките кои влегуваат во бруто-плата (пензиско, социјално и здравствено осигурување, придонес за повреда и персонален данок) и да влијае врз нивото на исплата на нето-плата. Доколку оваа легална промена доведе до нивно зголемување, а бруто-платите останат на исто ниво значи исплата на помала нето-плата.
Или во едно научно фантастично постапокалиптично сценарио според еден од моите омилени режисери Ридли Скот можно е да дојде до: „Непријателско здружување на сите работодавачи или вработени” односно договорно национално намалување на плати преку промена на договори за работен однос на сите вработени.
Може да се случат 50.000 нови месечни вработување на минималец и да ја бутнат просечната плата.
Секако дека може да дојде до значајно официјално реално намалување во платите во одредени главни индустриски сектори кои може реално да придонесат кон намалување на просекот, впрочем како што и беше официјално објавено.
Официјална објава www.stat.mk
Падот во следниве главни сектори:
● Трговија на големо и мало и поправка на моторни возила 9%;
● Уметност, забава и рекреација 6,2%;
● Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација – 5,9%;
Предизвика пад за 2,3% во просечната нето плата за јуни.
Што ќе се случеше ако платата за јуни остана на исто ниво со платата за мај?
Логички, некако би се зголемил просекот за првите 6 месеци за некои ситни проценти. А што тоа е толку битно некому? И онака се во прашање некои ситни проценти.
Најверојатно е битно поради тоа што просекот за првите 6 месеци влегува во основицата за пресметка на покачувањето на пензиите за септември, покрај просекот од втората половина на претходната година. А кога се во прашање пензиите, ситните проценти се битни и тоа како. Текстот е пишуван пред официјалена информација колку точно ќе се зголемат пензиите, а сите пресметките се чисто илустративно направени за да се прикаже најмалиот можен импакт што реално ќе произлезе од значајниот пад на нето-платата за јуни врз исплатата на септемвриската пензија и сите следни месечни исплати до наредна законска измена.
Доколку просечната нето-плата за јуни останеше иста како во мај (49.544 денари), септемвриското покачување на пензиите (пресметано според процентите што се во игра околу 3-3,5%, иако се неофицијални) би било повисоко за минимум 0,21 процентни поени, што кај просечната пензија би значело дополнителен раст од минимум 51 денар, најверојатно поголем.
Што значи ова за септевриските пензии?
Ако ја земеме предвид актуелната просечна пензија од 28.120 денари, износ утврден по последното покачување и објавен во водечките економски портали:
● Со реалниот пад во јуни: Просечната пензија во септември ќе се зголеми за минимум 713-843 денари.
● Доколку платата останеше иста во јуни: Пензијата ќе се зголемеше за минимум 764-894 денари.
Падот на нето-платите во јуни (кој главно се должеше на секторот трговија, а освен еден синџир на маркети кој има проблем со солвентност, другите постигнуваат солидни деловни резултати) ќе придонесе просечната пензија да биде со помало покачување за минимум 51 денар. На ниво на целата држава, за сите 348.000 пензионери, можеби се и повеќе, овој јунски пад на платите би заштедил околу 17,7 милиони денари месечно од буџетот на ПИОМ.
Со лесно нека ни е прифаќањето на намалувањата на нето-просечна плата макар и за 2,3% во јуни.
Пишете му на авторот ако Ви се потребни конкретни пресметки.