
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
„ХЕЛЕНИК Ринјуаблс“ (HELLENiQ Renewables), компанија членка на „ХЕЛЕНИК ЕНЕРЏИ“ (HELLENiQ ENERGY), ја заврши изградбата на својот прв проект за батериско складирање електрична енергија (Battery Energy Storage System – BESS), во рамките на индустрискиот комплекс во Солун.
Со инсталирана моќност од 100 MW и капацитет за складирање од 200 MWh, проектот претставува една од најголемите постројки за складирање електрична енергија реализирани во Грција и Југоисточна Европа.
Завршувањето на оваа инвестиција, вредна околу 50 милиони евра, претставува значајна пресвртница за „ХЕЛЕНИК ЕНЕРЏИ“, бидејќи компанијата го проширува своето портфолио надвор од производството на електрична енергија од обновливи извори, инвестирајќи во клучна инфраструктура што овозможува поефикасно користење на обновливата енергија.
Истовремено, проектот обезбедува значителна флексибилност и услуги за балансирање на националниот електропреносен систем на Грција, со што се подобруваат неговата сигурност и отпорност и се придонесува за енергетската безбедност на земјата.
Значителен дел од електричната енергија произведена од обновливи извори останува неискористен кога моменталната потрошувачка е пониска од производството.
Новиот проект овозможува поголемо искористување на зелената енергија преку нејзино складирање во батерии, по што таа се испорачува во моментите кога е најпотребна.
На овој начин се придонесува за поефикасен електроенергетски систем, се намалува потребата од ограничување на производството од обновливи извори и се создаваат неопходните мрежни капацитети за интеграција на нови постројки за обновлива енергија во националниот систем.
„Со континуирани инвестиции во Грција и Југоисточна Европа во изминатите години развивме силно портфолио на проекти за обновливи извори на енергија и батериско складирање, со вкупна моќност поголема од 6 GW, од кои повеќе од 700 MW веќе се во функција. Денес стратешки инвестираме во складирање електрична енергија, кое претставува клучна компонента на енергетскиот систем на иднината“, изјави Сотирис Капелос, генерален директор на „ХЕЛЕНИК Ринјуаблс“.
Тој нагласи дека батериите ја обезбедуваат флексибилноста неопходна за интеграција на поголем удел на обновливите извори на енергија, намалување на ограничувањата во производството и создавање посигурен и поекономичен енергетски систем.
„Со нашиот прв BESS проект во Солун правиме важен чекор кон посигурен, поодржлив и поефикасен енергетски систем, создавајќи услови за почиста и, со текот на времето, подостапна енергија за потрошувачите“, додаде Капелос.
Проектот за складирање енергија на „ХЕЛЕНИК ЕНЕРЏИ“ ќе реализира најмалку еден целосен циклус на полнење и празнење дневно, складирајќи повеќе од 200 MWh електрична енергија.
Оваа количина е доволна за целосно полнење на приближно 3.000 електрични возила секој ден, што го илустрира придонесот на проектот кон поефикасно користење на чистата енергија.
Проектот е избран во рамките на првата конкурентна постапка за јавно наддавање за системи за складирање енергија, спроведена од Регулаторното тело за отпад, енергија и води на Грција (RAAEY).
Се реализира преку Националниот план за закрепнување и отпорност на Грција, Greece 2.0, со финансиска поддршка од Европската Унија преку програмата NextGenerationEU.
Батериски парк на површина од 100.000 квадратни метри
Проектот за складирање зелена енергија е изграден на површина од приближно 100.000 квадратни метри во индустрискиот комплекс во Солун.
Опфаќа три постројки за складирање, со вкупна инсталирана моќност од 100 MW и капацитет за складирање од 200 MWh, заедно со целосната инфраструктура неопходна за приклучување на националниот електропреносен систем.
Инсталираните батерии користат литиум-железо-фосфатна технологија (LFP), со систем за течно ладење, и ги исполнуваат строгите меѓународни стандарди за безбедност и сигурност.
За приклучување на проектот на електроенергетската мрежа е изградена нова трансформаторска станица од 33/150 kV, како и подземен високонапонски електровод со должина од приближно пет километри, кој го поврзува проектот со високонапонскиот центар во Солун.
За време на изградбата биле отворени околу 100 директни работни места, а проектот дал значителен поттик и за локалната економија преку соработка со компании и добавувачи од поширокиот регион.
Новиот батериски парк претставува и важен чекор во спроведувањето на стратегијата за раст на „ХЕЛЕНИК ЕНЕРЏИ“ и нејзината посветеност на инвестиции во технологии и инфраструктура што создаваат долгорочна вредност за земјата, енергетскиот систем и граѓаните.
Се подготвува и втора постројка во Флорина
Наскоро се очекува да заврши изградбата на втората постројка за складирање енергија на групацијата, која се наоѓа во Флорина.
Постројката ќе има инсталирана моќност од 50 MW и капацитет за складирање од 200 MWh.
„Постројките за складирање зелена енергија претставуваат клучна инфраструктура, бидејќи овозможуваат поефикасно користење на енергијата произведена од обновливи извори, ја зголемуваат сигурноста на електроенергетскиот систем и создаваат услови за поголема енергетска безбедност и пристап до одржлива и достапна енергија за сите“, изјави Џорџ Алексопулос, заменик-генерален директор на „ХЕЛЕНИК ЕНЕРЏИ“.
Тој додаде дека со завршувањето на првиот проект за складирање електрична енергија, компанијата прави уште еден одлучувачки чекор во спроведувањето на својата стратегија за изградба на силен столб во областа на електричната енергија и обновливите извори, како интегрирана групација со значајно присуство во целиот спектар на енергетски активности.
Во моментов, портфолиото на проекти на „ХЕЛЕНИК ЕНЕРЏИ“ во развој, во областа на обновливите извори на енергија и складирањето, надминува 6 GW. Од нив, повеќе од 1 GW се однесуваат на проекти за складирање енергија во Грција, Романија, Кипар и Бугарија.
Стратешката цел на „ХЕЛЕНИК ЕНЕРЏИ“ е до 2028 година да има во функција проекти за обновлива енергија со капацитет од 1,5 GW, а до 2030 година повеќе од 2 GW.
Планирано е портфолиото да има избалансирана застапеност на соларни и ветерни паркови, како и системи за складирање енергија, во Грција и Југоисточна Европа.