
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Даница Личанин-Блажеска, сопственичка и управителка на синџирот маркети „Рептил“, во изјава за InStore посочува дека сегашниот распоред на празниците претставува сериозен организациски предизвик за трговските компании, особено поради потребата од обезбедување работници во сменска работа и исплата на зголемени дневници.
Таа го поддржува предлогот празниците што се паѓаат во недела да не се префрлаат во наредниот работен ден.
„Празникот кога паѓа во недела да не се поместува наредниот ден. Нека се празнува кога е денот“, вели Личанин-Блажеска, повикувајќи се на практиките во европските земји.
Според неа, потребно е да се преиспита и бројот на верските празници што се законски утврдени како неработни денови.
Личанин-Блажеска смета дека во мултиетничка и мултиконфесионална држава, каква што е Македонија, големиот број празници за различните заедници создава дополнителни обврски за работодавачите.
Таа предлага да се задржат двата главни верски празника, а останатите да се преиспитаат во однос на статусот на неработни денови.
Како конкретен пример го посочува Духовден, за кој законски неработен ден за православните верници е петокот пред празникот што се одбележува во недела.
Според неа, ваквите решенија дополнително го усложнуваат планирањето на смените и обезбедувањето континуитет во работењето на маркетите.
Иницијативата на Стопанската комора за намалување на бројот на неработни денови ја отвори дебатата за влијанието на празниците врз продуктивноста и трошоците на компаниите. Додека синдикатите предупредуваат дека не смеат да се кратат стекнатите работнички права, дел од трговците бараат поинаква распределба на празниците, враќање на 2 јануари како неработен ден и укинување на дополнителниот слободен понеделник кога празникот паѓа во недела.
Дали Македонија има премногу неработни денови и колку празничниот календар го оптоварува работењето на компаниите? Ова прашање повторно се најде во фокусот на јавноста откако Стопанската комора на Северна Македонија предложи измени на Законот за празниците, со цел поголема продуктивност, пониски трошоци и полесно организирање на работните процеси.
Според анализата на Комората, во земјава се предвидени 11 неработни празнични денови за сите граѓани, но со дополнителните празници за припадниците на различните верски и етнички заедници, бројот на законски предвидени неработни денови за одредени категории работници може да достигне 16 или 17 годишно.
Комората предлага нов модел со кој секој вработен би имал право да избере два дополнителни неработни дена од празниците што се однесуваат на одделни верски и етнички заедници. Изборот би се уредувал со договорот за вработување, а би постоела можност со договор да се предвидат и повеќе од два дена.
Вториот предлог предвидува празниците што се паѓаат во недела да не се префрлаат во понеделник како дополнителен неработен ден.
Од Комората нагласуваат дека не бараат укинување на самите празници, туку промена на начинот на кој се користат како неработни денови.
Да се врати 2 јануари како неработен ден, но да се скрати друг празник
Интересен дел од предлогот на Личанин-Блажеска е враќањето на 2 јануари како неработен ден.
Овој ден престана да биде законски неработен за сите граѓани со измените на Законот за празниците од 2007 година, кога беа воведени и други празници, меѓу кои 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба и 8 Декември – „Св. Климент Охридски“.
Според Личанин-Блажеска, 2 јануари треба повторно да биде слободен ден, но не со зголемување на вкупниот број празници, туку со замена на некој од постојните, како 23 Октомври или 8 Декември.
Таа смета дека со поинаква распределба може да се постигне подобар баланс меѓу потребите на вработените и компаниите.
Дополнително, укажува и на потребата од едукација за значењето на празниците.
Според неа, кога државата има толку голем број празнични денови, важно е граѓаните да знаат што се одбележува и зошто, особено децата во училиштата и градинките.
Колку ја чини економијата неработењето?
Еден од главните аргументи на работодавачите е дека празниците влијаат врз продуктивноста, трошоците за работна сила и организацијата на работењето.
Личанин-Блажеска оценува дека кога ќе се соберат неработните празнични денови и годишниот одмор, компаниите се соочуваат со значителен период на намалена расположливост на работната сила.
Според нејзината процена, станува збор за период што може да достигне приближно два месеца годишно, кога работодавачите треба да го приспособат работењето на отсуствата на вработените.
„Од една страна имаме економска криза за која треба да внимаваме, а од друга страна, трошокот за неефикасните денови се пресликува врз работењето“, посочува таа.
За трговскиот сектор ова прашање има дополнителна тежина бидејќи дел од продажните објекти продолжуваат да работат за време на празниците, што значи потреба од дополнителни надоместоци, замени на вработени и посложено планирање на смените.
И Стопанската комора предупредува дека празничните прекини во работењето можат да предизвикаат одложување на деловните активности и дополнителни финансиски обврски.
Според нејзината анализа на 36 европски економии, во 25 од нив бројот на државни празници и неработни денови се движи меѓу 11 и 14 годишно.
Комората наведува и дека во повеќе од половината анализирани држави празниците што се паѓаат за време на викендот не се префрлаат на следниот работен ден.
Синдикатите против кратење, Владата повикува на почитување на правата
Наспроти барањата на работодавачите, синдикатите остро се спротивставуваат на намалувањето на неработните денови.
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, смета дека работниците имаат право на одмор и празнување и дека економската продуктивност не треба да се постигнува со одземање на стекнати права.
Против иницијативата се изјаснија и организации за заштита на работничките права, кои предупредуваат дека индивидуалното договарање на празниците може да создаде притисок врз вработените.
И премиерот Христијан Мицкоски порача дека стекнатите работнички права треба да се почитуваат.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, истакна дека не треба да се кратат веќе стекнатите права на работниците. Тој најави дека доколку Стопанската комора го достави официјалниот предлог, тој може да биде разгледан на седницата на Економско-социјалниот совет закажана за 19 октомври.
Засега нема усвоени законски измени, а постојниот празничен календар останува во сила.
Отворено останува прашањето дали Македонија ќе пристапи кон реорганизација на неработните денови и дали е можно да се воспостави модел што истовремено ќе ги заштити правата на работниците и ќе овозможи поефикасно работење на компаниите.