
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Приватниот сектор е подготвен да инвестира и да се приспособува на европската економска интеграција, но владите мора да обезбедат соодветна регулатива и инфраструктура, порача Бранко Азески, в.д. претседател на Коморскиот инвестициски форум и претседател на Стопанската комора.
Во обраќањето до министрите, во контекст на Лидерскиот самит во Тирана, Азески побара јасно да бидат пренесени барањата на компаниите од Западен Балкан.
„Приватниот сектор е подготвен да инвестира, да се прилагодува и да го понесе товарот на економската интеграција, но владите мора да ја испорачаат регулативата и инфраструктурата“, изјави тој.
Азески ја потврди поддршката за Планот за раст, оценувајќи дека неговата вредност е во поврзувањето на реформите со пристапот до единствениот пазар на ЕУ и со конкретна финансиска поддршка. Сепак, предупреди дека компаниите и натаму се соочуваат со пречки што директно влијаат врз нивниот опстанок и конкурентност.
Како прв проблем ги посочи тарифните квоти на ЕУ за челик. Според него, ограничениот бесцарински извоз и дополнителните царини по исцрпувањето на квотите ја загрозуваат конкурентноста на производителите. Тоа, предупреди Азески, може да доведе до губење нарачки, намалување на производството и извозот, како и негативни последици за инвестициите и работните места.
Тој побара зелените ленти и договорите за граничните премини да функционираат непрекинато, 24 часа на ден, седум дена во неделата.
„Автопатот на единствениот пазар нема да има смисла ако камионите со стока и понатаму чекаат со часови на границите. Секој изгубен час на граница е директна загуба на профит и конкурентност“, порача Азески.
Меѓу приоритетите ги наведе и усогласувањето со индустриските стандарди и склучувањето спогодби за оцена на сообразноста, познати како ACAA, за производите да стигнуваат до европскиот пазар без двојни контроли и дополнителни трошоци.
Според Азески, примената на механизмот за јаглеродно прилагодување на границите, CBAM, и интеграцијата на енергетските пазари бараат итна и координирана поддршка за извозниците да не се соочат со ценовен шок.
Тој ги поздрави иницијативите „Роаминг како дома“, дигиталните иновациски центри и најавениот Фонд за забрзан раст на Западен Балкан, но побара пристапот до финансиските инструменти да биде поедноставен, особено за малите и средните претпријатија.
„За компаниите, точките за кои дискутирате денес не се административни поглавја, туку директен услов за опстанок и конкурентност“, нагласи Азески.