
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Агрон Јетиши е искусен меѓународен менаџмент-консултант и бизнис директор, кој поседува МБА диплома. Тој дополнително ја има зајакнато експертизата преку обемни извршни обуки во „А.Т Керни“ и „Делоит“, каде што извршувал високи консултантски и советодавни раководни позиции, вклучително и позицијата директор на советодавни услуги (Director of Advisory).
Јетиши е особено препознатлив по практичниот пристап кон консалтингот, насочен кон постигнување резултати, при што често презема и извршни одговорности како привремен главен комерцијален директор (CCO), главен директор за маркетинг (CMO), па дури и главен извршен директор (CEO).
Денес, Јетиши е активно вклучен во работата на неколку технолошки компании од областа на вештачката интелигенција (ВИ), каде што работи како Senior FMCG Industry Expert, помагајќи да се премости јазот меѓу напредната технологија и реалните деловни потреби. Тој учествува во дизајнирањето на ВИ апликации специфични за индустријата и ги советува компаниите низ Европа за тоа како да ги идентификуваат, интегрираат и развиваат решенијата.
Како би го оцениле досегашниот развој на современата малопродажба во Западен Балкан? Кои се клучните разлики меѓу пазарите во регионот и какви промени можеме да очекуваме во следните пет години?
Би се фокусирал на четири пазари во Западен Балкан. Црна Гора, веројатно, е пазарот со највисок степен на консолидација, каде што водечка улога има современата малопродажба, а по неа следуваат дисконтерите, при што HDL е значаен играч со многу интересен деловен модел. Традиционалната трговија станува сè повеќе сезонска, што ги одразува силните туристички текови. Северна Македонија е следна, со особено конкурентен сегмент на дисконтери, кој предводи на пазарот. На Косово доминираат современите малопродажни синџири, по кои следуваат локалните клучни клиенти и традиционалната трговија, додека дисконтерите сè уште имаат ограничено присуство. Албанија е најголемиот од овие четири пазари, но истовремено и најфрагментираниот. Сепак, се чини дека нејзиниот дисконтен сегмент се развива побрзо отколку оној на Косово, иако сè уште има многу мал пазарен удел.
Цената е важна насекаде, но победник не е нужно трговецот со најниски цени, туку оној на кој потрошувачите му веруваат дека ќе им понуди добра вредност за потрошените пари.
Во следните пет години очекувам консолидација преку преземања, спојувања меѓу локалните синџири и проширување на веќе етаблираните регионални играчи. Традиционалната трговија ќе бележи пад, додека електронската трговија првично ќе се развива во главните градови. Можно е и дистрибуцијата за хорека-секторот да се консолидира преку партнерства со меѓународни оператори, како што е „Метро“, кој веќе е присутен во Србија. Трговците на мало што не се меѓу трите или четирите најголеми ќе мора да имаат јасна точка на диференцијација во асортиманот (на пример, приватни трговски марки на „Кооп“ или други меѓународни брендови што би можеле да бидат конкурентни на нашите пазари). Новите учесници на пазарот главно ќе се развиваат преку хипермаркетскиот и дисконтниот формат, како „Ошан“ и „Лидл“, кои веќе имаат договорено одредени локации.
Меѓународните приватни трговски марки ќе продолжат да растат, додека локалните приватни трговски марки ќе се соочуваат со тешкотии во постигнувањето економии од обем и тешко ќе можат да остварат раст, освен во категориите во кои свежината, транспортните трошоци или царинските давачки им обезбедуваат предност.
Главните промени со кои ќе се соочиме во следните пет години се:
Малопродажниот пазар во Македонија влегува во период на засилена конкуренција и промени во пазарната структура. Врз основа на Вашето искуство на овој пазар, колку домашните малопродажни синџири се подготвени за новите пазарни услови и каде ги гледате нивните најголеми предности и слабости?
Врз основа на моето искуство на македонскиот пазар, забележувам дека локалните синџири веќе се подготвуваат, или ја препознаваат потребата да се подготват, за посилна конкуренција, вклучително и за потенцијалното влегување на меѓународни играчи како што е „Лидл“. За разлика од неколку соседни пазари, Северна Македонија веќе има добро развиен дисконтен сегмент, што треба да им помогне на постојните оператори да ги подобрат резултатите и да се диференцираат.
Нивните предности се длабокото познавање на локалните навики за купување, условите на пазарот на трудот и регулаторното опкружување, како и веќе воспоставените локации во урбаните средини. Нивните слабости главно се од структурна природа: меѓународните конкуренти можат да ги искористат предностите на глобалните набавки, софистицираните портфолија на приватни трговски марки, напредните ИТ-системи и системи за вештачка интелигенција, посилните понуди за лојалност на потрошувачите, попогодното и поконкурентно купување за време на викендите, како и подобрите менаџерски пакети.

Дали очекувате консолидацијата на малопродажниот сектор во регионот да се забрза во наредните години? Кои конкурентски предности ќе им овозможат на големите малопродажни синџири да растат и под кои услови помалите локални трговци ќе можат да останат успешни?
Да. Консолидацијата ќе продолжи, иако нејзината динамика ќе се разликува од една до друга земја. Ако ја земеме Албанија за пример, според некои процени, традиционалната трговија сè уште зазема околу 70% од пазарот. Токму таму гледам најголем потенцијал за пораст на локалните и странските играчи (преку органски пораст и/или спојувања и преземања – M&A).
Според мене, локалните клучни клиенти (LKA) се оние што ќе бидат најпогодени доколку не се диференцираат, не ги подобрат маржите и не ги задржат неопходните вештини потребни за успешно водење на бизнисот. Од друга страна, големите трговци ќе имаат корист од економиите од обем при набавката на стоки, како и во однос на услугите, комуналните трошоци и слично.
Цената и натаму е одлучувачки фактор за многу потрошувачи во регионот. Дали конкурентската предност во иднина првенствено ќе се заснова на ниските цени или на комбинација од цена, асортиман, достапност, услуга и целокупно искуство при купувањето?
Цената е важна насекаде, но победник не е нужно трговецот со најниски цени, туку оној на кој потрошувачите му веруваат дека ќе им понуди добра вредност за потрошените пари. Категори-менаџментот (Category Management) е клучен за создавање таква перцепција преку правилно избраниот асортиман, ценовната структура, достапноста на производите и соодветните промоции. Според моето искуство, многу малку трговци во регионот за кој зборуваме го познаваат категори-менаџментот, а уште помалку го применуваат во практиката, усогласено со својата деловна стратегија. Тоа е од клучно значење за нивниот одржлив пораст.
Потрошувачите не се хомогена група. Според моите согледувања, сегментот на потрошувачи што најагресивно реагира на промотивни понуди и поволности може да претставува помалку од една петтина од купувачите на некои од овие пазари. За многу други, довербата во квалитетот на производите, брендовите и приватните трговски марки има предност пред споредувањето на цените. Сè поголем број купувачи ги проверуваат состојките и роковите на употреба. Успешната понуда се заснова на сигурен квалитет, вистинска вредност за потрошените пари и трговец кој соодветно реагира кога купувачите имаат барање или поплака.
Трговците треба да дејствуваат уште сега: да изградат скалабилни оперативни модели, да инвестираат во луѓе и податоци, да го зајакнат категори-менаџментот и да воспостават јасни показатели за успешност.
Какво влијание очекувате да имаат дисконтерите и порастот на производите со приватни трговски марки врз Западен Балкан, особено врз домашните трговци, производителите и дистрибутерите? Кои од овие учесници ќе мора најмногу да ги приспособат деловните модели?
Очекувам дисконтерите да го прошират своето присуство, особено во Албанија и на Косово. Со текот на времето нивниот потенцијален пазарен удел би можел да достигне од 30 до 40% на некои пазари, иако навиките на потрошувачите ќе ја одредат горната граница на тој пораст. На Косово купувачите често очекуваат широк избор во рамките на секоја категорија, што може да го ограничи форматот на класичен дисконтер. Моделот на мек дисконтер (soft discounter), со околу 3.600 артикли (SKU), би можел да биде посоодветен за Косово и Албанија.
Приватните трговски марки имаат огромен потенцијал, но премногу често се третираат само како производи што наликуваат на постојните брендирани производи наместо како целосна комерцијална стратегија. Успехот бара избор на соодветни категории, доволни количини, соодветни спецификации, тестирање кај потрошувачите, како и дисциплинирано управување со продажните полици и синџирот на снабдување. Неуспешното лансирање производи создава проблеми со истекувањето на роковите на употреба, достапноста на производите и односите со добавувачите.
Врз основа на примерите со кои сум се сретнал, уделот на приватните трговски марки кај конвенционалните регионални малопродажни синџири често е под 5%, без да се земат предвид дисконтерите. Сепак, постои пример од Косово каде што овој удел надминал 25%, додека „Кooп“ во Италија покажува до кое ниво може да се развие една зрела програма за приватни трговски марки. Таму нивниот удел надминува 45%.
Со порастот на оперативните трошоци, недостигот на работна сила и зголемениот притисок врз маржите, што ќе биде клучно за одржување на профитабилноста на малопродажните синџири? Дали идниот пораст повеќе ќе зависи од отворање нови продавници или од подобрување на продуктивноста на постојните операции?
Потребни се и двете работи. Малопродажните синџири мора да продолжат да отвораат продавници таму каде што економската оправданост е привлечна, а истовремено да ги подобруваат продуктивноста и профитабилноста на целата постојна мрежа. Категори-менаџментот може да ги зајакне асортиманот, маржите и управувањето со обртниот капитал, додека вештачката интелигенција може да ги подобри предвидувањата, достапноста на производите, распределбата на работната сила и брзината на носење одлуки. Експанзијата без оперативна дисциплина може да уништи вредност, додека самото зголемување на ефикасноста не може да ја замени веродостојната стратегија за пораст.
Колку се подготвени малопродажните компании во Западен Балкан, вклучително и во Северна Македонија, да ја имплементираат вештачката интелигенција во секојдневното работење? Дали главниот предизвик лежи во технологијата, квалитетот на податоците или подготвеноста на менаџментот?
Главната пречка е подготвеноста на менаџментот. Технологијата станува сè подостапна, но раководителите мора да бидат подготвени да ги редизајнираат процесите на носење одлуки, работните процеси и системите на одговорност во согласност со нејзината примена. Квалитетот на податоците е од големо значење, но дури и квалитетните податоци нема да создадат вредност доколку менаџментот ја третира вештачката интелигенција како самостоен ИТ-проект. На трговците им се потребни јасно дефинирани одговорности, компетентни тимови и подготвеност да постапуваат врз основа на добиените сознанија.
Доколку денес советувате малопродажен синџир во Северна Македонија кој сака да инвестира во вештачка интелигенција, кои апликации би му препорачале да ги постави како приоритет? Каде трговците на мало би можеле најбрзо да постигнат мерливи резултати – во управувањето со залихите, предвидувањето на побарувачката, формирањето цени, логистиката или персонализацијата на понудите?
X Toka Retail AI како прва апликација и Promitea – Procurement Intelligence се моите две омилени апликации засновани на вештачка интелигенција. Вештачката интелигенција несомнено ќе има брзо и директно влијание врз сите деловни функции. Бидејќи ГОТОВИНАТА (CASH) е важна во секој бизнис, јас би почнал со комерцијалниот сектор, оперативното работење, маркетингот, корпоративното управување, а потоа би ги опфатил и другите функции.
Како треба трговците да го мерат повратот на инвестицијата во ВИ? Кои показатели би ги сметале за најважни при утврдувањето дали технологијата навистина ја подобрува профитабилноста, ја зголемува продуктивноста и го унапредува искуството на потрошувачите?
Треба да се мери дополнителната вредност пред и по имплементацијата, врз основа на истите оперативни и финансиски клучни показатели за успешност (KPI), со веродостојна почетна основа за споредба. Би ги анализирал бруто-маржата, продажбата по квадратен метар, обртот на залихите, стапката на недостапност на производите, отпадот, продуктивноста на работната сила и задржувањето или задоволството на потрошувачите.
Кои три промени ќе имаат најголемо влијание врз малопродажниот сектор во Западен Балкан до 2030 година? Што треба да направат трговците уште денес за да се позиционираат меѓу победниците, наместо да бидат оние што ќе заостанат?
Според мене, се издвојуваат три промени: прво, пораст преку проширување на малопродажната мрежа и консолидација на пазарот, во комбинација со повисока продажба и продуктивност; второ, интеграција на вештачката интелигенција во секојдневното носење одлуки во малопродажбата; и трето, дигитализација на ценовните етикети.
Трговците треба да дејствуваат уште сега: да изградат скалабилни оперативни модели, да инвестираат во луѓе и податоци, да го зајакнат категори-менаџментот и да воспостават јасни показатели за успешност.