
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Една година подоцна повторно ги читаме истите економски забелешки од Брисел. Извештајот на Европската комисија за 2026 година признава поместувања, но двете главни оцени се исти како во 2025 година. Ограничен напредок кај функционалната пазарна економија и одреден напредок во подготвеноста за конкуренцијата во ЕУ. Значи, сме сработиле нешто, но недоволно за подобра оцена. А времето си поминува.
Да бидеме коректни, има и добри работи. Дигитализацијата напредува, стручното образование подобро се поврзува со работодавците, а банкарскиот сектор останува стабилен. Тоа се основи врз кои може да се гради. Но, застарените програми во високото образование, иселувањето и недостигот на вештини продолжуваат да ги мачат фирмите. Проблемите што ги знаевме лани и натаму ни го ограничуваат порастот.
Најсериозното предупредување е за неговиот квалитет. Комисијата оценува дека порастот премногу се потпира врз потрошувачката, кредитите и побарувачката поттикната од државата, а недоволно врз продуктивноста. Поголемиот промет е добра вест за трговците. Но, колку е одржлив ако зад него нема повеќе создадена вредност? Не можеме секоја година со ново задолжување да ја надоместуваме слабоста на економијата.
Токму тука се вклопува актуелната дебата за плаќање по работен час и минимална саатница. Предлогот заслужува сериозна расправа. Пофлексибилната организација може да им помогне и на фирмите и на работниците. Сепак, промената на пресметката на платата нема автоматски да ја зголеми продуктивноста. Таа се мери и преку вредноста создадена во еден работен час. Повеќе одработени часови можат да донесат поголемо производство, без да значат поголема продуктивност по час.
Најважната порака за бизнисот: Расправата за саатницата има смисла ако оди заедно со инвестиции во продуктивноста и со држава што си ја завршува работата навреме.
Да го земеме работникот во магацин. Со добра опрема, софтвер и организирани испораки може да заврши повеќе работа во истото време. Ако чека документ, камион или поправка на опремата, загубениот час не е само негова одговорност. Затоа, кога бизнисот бара попродуктивен работник, треба да каже и колку вложува во технологија, обука и подобро управување. А минималната саатница треба јасно да ги заштити заработката и правата на работниците.
И државата има свој дел од таа сметка. Во минатогодишниот извештај доцнењето со повратот на ДДВ веќе беше проблем. Во годинашниот пишува дека само 14,3% од повратот бил исплатен во законскиот рок. Фирмата чека свои пари, а треба да плати добавувач, плата или нова машина. Колку продуктивност губиме таму? Лесно е од работникот да се бара да го искористи секој час, додека институциите си дозволуваат да ги пробиваат роковите.
Слично е и со буџетот. Лани Комисијата предупреди на растот на тековните трошоци и слабата реализација на инвестициите. Сега забележува дека дефицитот за 2025 година е во планот, но структурата на трошењето се влошила. Реализирани се само 64,6% од ревидираниот план за капитални расходи. Значи, подобар резултат на хартија, делумно затоа што не сме изградиле сè што сме планирале. А токму патиштата и инфраструктурата треба да им ја олеснат работата на компаниите.
Останува и сивата економија. Препораката за нејзино формализирање се повторува, а чесната фирма продолжува да се натпреварува со некој што не ги плаќа истите обврски. На тоа се додаваат нетранспарентната државна помош и прописите што се носат без доволно време за приспособување. Како да планираш инвестиција кога условите ти се менуваат во од?
И ограничувањето на цените на храната не дало голем ефект врз инфлацијата, според Комисијата. За трговијата, тоа е причина дебатата да се насочи кон фер конкуренција, пониски трошоци и ефикасни институции наместо кон постојани интервенции.
За мене, тука е најважната порака за бизнисот. Расправата за саатницата има смисла ако оди заедно со инвестиции во продуктивноста и со држава што си ја завршува работата навреме. Инаку, ќе го мериме секој час на работникот, а ќе ги губиме годините за реформи. Следниот извештај повторно ќе ни ги наброи истите проблеми. Само што во меѓувреме уште некој добар работник ќе си замине.
* Ставовите на авторот на колумната се негови лични ставови и не се секогаш ставови и на редакцијата.