
Колку често молчиме – не затоа што немаме што да кажеме, туку затоа што се плашиме?
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Пишува: доц. д-р Фросина Денкова Зафировска, европски сертифициран системски семеен психотерапевт и спортски психолог
Психолошката безбедност најчесто ја поврзуваме за тимови, лидери и организациска култура. Но, ако погледнеме подлабоко, ќе видиме дека оваа тема почнува многу поинтимно – во односот што го имаме сами со себе. Начинот на кој си дозволуваме да мислиме, да пробаме, да згрешиме или да се изразиме, директно влијае врз нашата продуктивност и креативност. Не станува збор само за тоа што можеме, туку за тоа што си дозволуваме.
Ако сме искрени, ќе признаеме дека молчењето не доаѓа од недостиг на идеи. Доаѓа од оној тивок, но упорен глас, кој нè сопира во последен момент: Не е доволно добро, Ќе погрешам, Не сега. И така, уште една идеја останува неискажана, уште еден чекор – неодлучен.
Интересно е што ова не е нова тема во психологијата. Уште во 60-тите години од минатиот век Карл Роџерс зборувал за значењето на прифаќањето без осуда како предуслов за личен раст. Денес, благодарение на Ејми Едмонсон, психолошката безбедност ја разбираме како перцепција дека е безбедно да преземеме интерперсонален ризик и да кажеме што мислиме, да поставиме прашање, да згрешиме, без страв од понижување или казна. Но, најчесто оваа дефиниција ја гледаме низ призмата на другите. Како нешто што треба да ни го даде средината. А што ако најголемиот недостиг на психолошка безбедност не доаѓа однадвор, туку однатре?
Ако го замислиме нашиот ум како простор за работа, прашањето е: дали тој простор е лабораторија за идеи или судница? Ако секоја мисла веднаш се анализира, критикува и оттурнува, тогаш не е чудо што почнуваме да се автоцензурираме. Не затоа што немаме капацитет, туку затоа што не чувствуваме дека е „безбедно“ да го користиме.
Токму тука се случува тивката саботажа. Внатрешниот критичар станува главен филтер низ кој поминува сè. Ни шепоти дека грешката е ризик што не вреди да се преземе, дека несовршеноста е слабост, дека е подобро да се повлечеме отколку да се изложиме. И така, постепено, го стеснуваме сопствениот простор на дејствување.
Ако го замислиме нашиот ум како простор за работа, прашањето е: дали тој простор е лабораторија за идеи или судница?
Парадоксот е што мозокот функционира поинаку. Кога чувствуваме закана, дури и психолошка, влегуваме во режим на преживување. Креативноста се намалува, љубопитноста се гаси, а продуктивноста станува ограничена. Но кога има чувство на безбедност, мозокот се отвора – станува пофлексибилен, поиновативен, поспремен за учење.
Ви се случило ли некогаш да седите на состанок и да имате идеја, но да не ја кажете бидејќи не сте сигурни како ќе биде примена? Или во пријателски разговор да премолчите нешто важно за да избегнете непријатност? Или во партнерски однос да изберете тишина наместо искреност за да не предизвикате конфликт? Тоа се моменти на психолошка небезбедност кога се повлекуваме за да се заштитиме. Наспроти тоа, сите сме доживеале и спротивни ситуации, разговор во кој сме се чувствувале слушнати без осуда, средина каде што сме можеле да кажеме не знам или не се согласувам без страв, однос во кој искреноста не води кон казна, туку кон разбирање. Токму во тие моменти не само што сме поискрени, туку сме и покреативни, поангажирани и поавтентични.
Психолошката безбедност не е „луксуз“ на добрите тимови, туку темел на секоја средина во која луѓето навистина создаваат, растат и остануваат.
Еден од најтесно поврзаните поими со психолошката безбедност е довербата – таа не е само „убава вредност“ на хартија, туку многу практичен механизам што одредува како да се однесуваме секој ден. Кога има доверба, ризикот да кажеме нешто искрено се чувствува помал. Кога ја нема, и наједноставното мислење може да дејствува како закана. Затоа, Едмонсон ја дефинира психолошката безбедност како чувство дека можеме да преземеме ризик без страв од негативни последици, но без доверба тој „ризик“ станува преголем и најчесто го избегнуваме. И тука почнуваат последиците: разговорите стануваат внимателни наместо искрени, идеите се задржуваат „за себе“, грешките се прикриваат наместо да се користат како лекција. Енергијата се троши на читање реакции наместо на создавање вредност. Во таква средина луѓето не престануваат да мислат, туку престануваат да зборуваат.
Сепак, постои и друга крајност, која често погрешно се меша со „храброст“. Тоа е кога се кажува сè, без филтер и без никаква свесност за контекстот или другиот. Тоа не е психолошка безбедност, станува збор за недостиг на психолошка регулација. Во таа состојба искреноста станува суровост, директноста станува повредување, а „автентичноста“ може да звучи како оправдување за импулсивност. Последиците не се поголема поврзаност, туку дистанца: нарушени односи, намалена доверба и чувство кај другите дека треба да се заштитат. Психолошката безбедност не значи да кажеме сè што ни доаѓа на ум, туку да знаеме како, кога и зошто нешто кажуваме, со задржана почит и одговорност за влијанието што го имаме.
Вистинското прашање не е само дали сме доволно добри како поединци, туку дали средината во која сме ни дозволува да бидеме тоа што навистина сме.
И сега се поставува прашањето како можеме да работиме и да го подобриме овој сегмент и што тоа ќе значи за нас? Индивидуално, почнува со свесност да ги препознаеме моментите кога се повлекуваме не затоа што немаме што да дадеме, туку затоа што се штитиме. Продолжува со промена на внатрешниот дијалог – од критика кон љубопитност, од осуда кон разбирање. Да се обидеме да си дозволиме да направиме мал ризик, да кажеме мислење, да поставиме прашање, да пробаме без гаранција дека ќе успееме. Истовремено, да развиваме и свесност за другиот, да комуницираме искрено, но не и повредувачки. Со текот на времето сето ова ќе изгради ново искуство, дека е безбедно да се појавиме какви што сме, без да изгубиме контакт со себе, но и без да го нарушиме односот со другите. А тоа значи повеќе слобода во размислувањето, поголема креативност, поавтентични односи и чувство дека не мора постојано да се „филтрираме“ за да бидеме прифатени.
Во случаи кога средината е токсична и не постои реален потенцијал за психолошка безбедност, тогаш фокусот се поместува од „поправање“ на системот кон заштита на себеси, поставување јасни граници и донесување свесни одлуки за тоа колку и како ќе останеме во таков контекст.
И сосема за крај, психолошката безбедност не е „луксуз“ на добрите тимови, туку темел на секоја средина во која луѓето навистина создаваат, растат и остануваат. Таму каде што постои, се отвора простор за искреност, учење и храброст, а таму каде што ја нема, се гради култура на молк, страв и адаптација на сметка на автентичноста.
Затоа, вистинското прашање не е само дали сме доволно добри како поединци, туку дали средината во која сме ни дозволува да бидеме тоа што навистина сме. Бидејќи разликата меѓу тим што функционира и тим што напредува не е само во талентот, туку во тоа колку е безбедно луѓето да кажат, да пробаат и да згрешат без страв.
Доц. д-р Фросина Денкова Зафировска е европски сертифициран системски семеен психотерапевт и спортски психолог со долгогодишно професионално искуство во работа со поединци, семејства и тимови. Работи 16 години во менаџмент на човечки ресурси, од кои 10 години во ИТ-индустријата како дел од топ-менаџментот. Посветена е на унапредување на менталното здравје, личниот развој и квалитетот на меѓучовечките односи. Автор е на две книги од областа на психологијата и личниот развој, во кои ги поврзува научните сознанија со практичното искуство од психотерапевтската работа. Во својата работа се фокусира на развојот на личните потенцијали, подобрување на односите и постигнување психолошка рамнотежа во современиот живот.