
Денес успехот повеќе не се мери само со тоа дали сме вработени или професионално остварени, туку сѐ почесто се поврзува со количeството на вложен труд, односно со тоа колку многу работиме.
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Пишува: доц. д-р Фросина Денкова Зафировска, европски сертифициран системски семеен психотерапевт и спортски психолог
21 век, со сите промени што ги донесе во природата на работата – зголемената флексибилност, појавата на сосема нови професии, рапидната дигитализација и развојот на вештачката интелигенција – не само што го трансформира начинот на кој работиме, туку суптилно ја промени и нашата перцепција за успех.
Гледано од поинаков агол, денес успехот повеќе не се мери само со тоа дали сме вработени или професионално остварени, туку сѐ почесто се поврзува со количeството на вложен труд, односно со тоа колку многу работиме. Во овој контекст се појавува и терминот работохолизам (workaholism) – состојба што може да се разбере како зависност од работа или како однесувачки образец во кој личноста има силен внатрешен нагон постојано да работи, прекумерно е вклучена во работата, но притоа нужно не чувствува вистинско задоволство од неа. Се карактеризира со внатрешен притисок за работа, наметливи мисли за работа и работење повеќе од разумното, дури и по цена на личното здравје, односите и благосостојбата.
Можеби прекумерната работа е како постојано трчање на лента – се движиме, вложуваме енергија, постигнуваме резултати, но суштински остануваме на истото место.
Работохолизмот не е само посветеност или амбиција; тој подразбира внатрешен притисок постојано да се работи, чувство на вина при одмор и тешкотија да се постават граници. Во оваа насока, прекумерната работа не само што се нормализира, туку и се наградува и идеализира, создавајќи наратив дека повеќе вредиме ако повеќе работиме.
Така, современиот концепт на успех станува двосмислен: од една страна, нуди можности за развој и самоостварување, но од друга страна, носи ризик од автосаботажа преку прегорување (burnout), губење на балансот и постепено отуѓување од сопствените потреби и вредности.
Кога работата е бегство од себеси?
Во таа нова дефиниција на успехот, каде што вредноста сѐ почесто се мери преку количеството на работа, работохолизмот тивко се вгнездува како „нормален“ начин на функционирање. Но, ако застанеме за момент и погледнеме под површината, се наметнува едно поинакво прашање:
Дали навистина работиме толку многу затоа што сакаме или затоа што нешто не ни е доволно?
Можеби прекумерната работа е како постојано трчање на лента – се движиме, вложуваме енергија, постигнуваме резултати, но суштински остануваме на истото место. Работата станува простор каде што се чувствуваме компетентни, контролирани, вредни – особено ако тие чувства ни недостигаат во некоја друга животна сфера.
Работата станува простор каде што се чувствуваме компетентни, контролирани, вредни – особено ако тие чувства ни недостигаат во некоја друга животна сфера.
Психолошки гледано, прекумерното работење многу често не е само амбиција, туку и компензација.
Компензација за внатрешно чувство дека не сме „доволни“ или, пак, можеби потреба да бидеме прифатени и вреднувани, но можеби и компензација за некаков неуспех или незадоволство во личните односи со партнерот, семејството или пријателите. Многу често, ваквата празнина кај личноста која постојано е преокупирана со работа полесно е да ја пополни со задачи отколку да ја почувствува и да се конфронтира со неа.
Во таа смисла, работата станува безбедна зона – место каде што правилата се јасни, резултатите се мерливи, а вредноста може да се „заработи“. За разлика од емоционалниот живот, кој е често непредвидлив, ранлив и бара соочување.
И тука се појавува уште едно суштинско прашање кое треба да си го поставиме:
Што се случува кога ќе престанеме да работиме? Со што остануваме?
За многумина, токму тој простор на тишина е најтежок. Затоа што таму не сме дефинирани преку улоги, успеси и продуктивност, туку се среќаваме со сопствените мисли, стравови, несигурности и потреби што долго време сме ги оттурнувале.
Така, работохолизмот не е само навика да се работи многу, туку тој може да биде и суптилен облик на бегање од себеси. Бегање од сопствените емоции, неисполнетите потреби, стравот од неуспех… но и од успех.
Додека се обидуваме да изградиме вредност преку работа, можеби несвесно се оддалечуваме од изворот на таа вредност – од себеси.
Важно е да се направи разлика: не секое интензивно работење е бегство. Постои разлика меѓу посветеност што носи смисла и енергија – и работа што служи како избегнување на сопствените емоции. Клучната разлика не е во количеството на работа, туку во односот што го имаме кон неа.
И токму тука лежи парадоксот: додека се обидуваме да изградиме вредност преку работа, можеби несвесно се оддалечуваме од изворот на таа вредност – од себеси.
Затоа, можеби најважното прашање не е колку работиме, туку:
Од што бeгаме додека работиме?
Ако додека читавте се пронајдовте во овие редови, тогаш можеби не станува збор само за навика… туку за однос што го имате кон себеси. И можеби ова не е момент за критика, туку за едно поинакво запирање – момент за искрена средба со себеси!
Ако се препознавте во ова, тогаш не ви е потребен радикален пресврт, туку свесно поместување. Поентата не е да ја оттурнеме работата, туку да престанеме да ја користиме како единствен одговор на внатрешниот немир.
Првиот реален чекор е да ја видиме состојбата таква каква што е – колку навистина работиме, кога работиме од потреба, а кога од навика или бегство. Чинот на препознавање веќе ја враќа контролата.
Потоа следуваат границите. Не големи и драматични, туку јасни и остварливи – да има крај на работниот ден, да не се отвора нова обврска во последен момент, да не сме постојано достапни. Границите не ја намалуваат нашата вредност, туку ја штитат.
И можеби најважно – свесно да почнеме да го планираме слободното време, исто како што ја планираме работата. Не како награда, туку како неопходен дел од функционирањето. Време кое нема цел да биде продуктивно, туку да нè врати кај себе.
Ќе има отпор, ќе има чувство дека не правиме доволно. Но токму таму е работата – да останеме и да не бегаме веднаш назад во работа. Затоа што суштината не е да работиме помалку, туку да не се изгубиме во тоа што го работиме. Да знаеме дека можеме да застанеме – и сепак да бидеме доволни.
И сосема на крај, би сакала да завршам со една мисла – не како заклучок, туку како тивко потсетување:
Beware the barrenness of a busy life (Чувај се од здодевноста на активниот живот, Сократ).
Во свет во кој постојано сме зафатени, лесно е да го помешаме движењето со смислата. Но, не секоја исполнетост доаѓа од тоа колку правиме – понекогаш доаѓа од тоа колку сме навистина присутни во сопствениот живот.
Доц. д-р Фросина Денкова Зафировска е европски сертифициран системски семеен психотерапевт и спортски психолог со долгогодишно професионално искуство во работа со поединци, семејства и тимови. Работи 16 години во менаџмент на човечки ресурси, од кои 10 години во ИТ-индустријата како дел од топ-менаџментот. Посветена е на унапредување на менталното здравје, личниот развој и квалитетот на меѓучовечките односи. Автор е на две книги од областа на психологијата и личниот развој, во кои ги поврзува научните сознанија со практичното искуство од психотерапевтската работа. Во својата работа се фокусира на развојот на личните потенцијали, подобрување на односите и постигнување психолошка рамнотежа во современиот живот.