
Додека во јавната дискусија сите се фокусираат на поскапувањата на храната, вистинската причина за високата инфлација останува во заднина и е многу посериозна од тоа што се гледа на касата во маркетот.
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Додека во јавната дискусија сите се фокусираат на поскапувањата на храната, вистинската причина за високата инфлација останува во заднина и е многу посериозна од тоа што се гледа на касата во маркетот. Главен проблем е базичната инфлација – показател што ги исклучува нестабилните ставки како храна и енергија, откривајќи ја вистинската, долгорочна слика на економијата.
Пишува: Горан Теменугов, новинар
Состојбата со базичната инфлација
Во првата половина на 2025 година, според Народната банка на Македонија, базичната инфлација се движеше помеѓу 3,4 % и 5,6 %, што е значително повисоко од европскиот просек. Тоа јасно укажува дека Македонија има длабоки структурни слабости, пред сè, во поглед на енергетската ефикасност и фискалната политика. Според Државниот завод за статистика, нашата економија троши до трипати повеќе енергија за производство на ист производ во споредба со ЕУ-просекот. Тоа е цената на неефикасноста која директно ја плаќаат граѓаните преку повисоки цени. Исто така, експанзивните фискални политики во минатото ја подгреваат инфлацијата.
Реалноста што ја чувствуваат граѓаните
Затоа, не чуди тоа што чувствуваме поголема инфлација од официјалните бројки, особено во секторите како услуги, каде што зголемувањето на цените директно го нарушува животниот стандард. И ако се прашаме зошто референтната камата на НБРМ, од која зависат сите камати на кредитите за граѓаните, е 5,35 отсто или за 3,35 повисока од Европската централна банка (ЕЦБ), доаѓаме до одговорот зошто Народната банка применува повисоки каматни стапки, односно рестриктивна монетарна политика која е неопходна за да се спречат понатамошни инфлаторни очекувања.
Без сериозна и транспарентна фискална политика, инфлаторните притисоци нема да се намалат, туку ќе продолжат да го нагризуваат животниот стандард.
Фискална консолидација – неопходен чекор
Но, инфлацијата не може да се решава само со монетарни инструменти на НБРМ. И Владата има обврска итно да ја забрза фискалната консолидација, односно да го намали буџетскиот дефицит преку рационализација на јавните трошења. Без сериозна и транспарентна фискална политика, инфлаторните притисоци нема да се намалат, туку ќе продолжат да го нагризуваат животниот стандард. Но, дел од борбата против инфлацијата е контрола на порастот на платите, кои исто така влијаат врз инфлацијата. И овде Владата влегува во парадокс. Дали да се бори против повисоки плати и да оди контра очекувањата на гласачите или да влезе во сериозна битка за уривање на базичната инфлација. А оваа борба ќе биде остра и болна за сите нас, бидејќи ќе треба да се исправаат децениски пропусти.
Во ваков контекст, барањето на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) за зголемување на минималната плата на 500 евра создава дополнителна тензија. Од Министерството за труд и социјална политика јасно посочија дека ваквото барање во моментов не е економски издржано, a ССМ, пак, одговара дека генерален штрајк е нивната последна и единствена опција.
Опасностите од нагло покачување на минималната плата
Анализите од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) потврдуваат дека наглото покачување на минималната плата може да предизвика отпуштања, намалување на работните часови и затворање на фирми, особено во трудоинтензивните гранки како текстилната индустрија и угостителството.
Иако барањето за повисока минимална плата е социјално оправдано, структурните проблеми и ниската продуктивност во економијата го прават ова покачување неодржливо на долг рок. Без суштински структурни промени и инвестиции во продуктивност и енергетска ефикасност, секое зголемување на минималната плата ќе биде краткотрајна мерка со долгорочни негативни последици.
Дилемата пред Владата
Затоа, Владата е пред вистинска дилема - дали да се оди со остри и неопходни, но непопуларни реформи, кои на краток рок ќе му наштетат на рејтингот или да балансира меѓу можностите и очекувањата на јавноста, која бара повисоки плати и ниска инфлација.
Затоа, основно што во моментов е потребно е да изгради стабилен економски модел кој овозможува одржлив пораст на платите и животниот стандард, за што е неопходен сериозен, конструктивен социјален дијалог меѓу Владата, синдикатите и бизнис-заедницата. Само така ќе може вистински да се нападне инфлаторниот предизвик и да се обезбеди сигурна, предвидлива иднина за сите нас.