
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Кога камионџиите излегоа на протести во четири држави од Западен Балкан – Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина – многумина се однесуваа како да се случува нешто неочекувано. Како одеднаш Европската Унија да им кажала „стоп“. Како правилото 90 дена престој во 180 да паднало од небо.
Пишува: Горан Теменугов, новинар
Но, тоа правило не е ново. Постои речиси две децении. Разликата е што денес почна стриктно да се спроведува. Со дигитален систем. Со електронско броење. Без простор за „провлекување“ низ системот.
И тука почнува вистинскиот проблем.
Превозниците од 2015 година наваму почнаа да забележуваат дека контролите стануваат почести. Пред три години алармот веќе беше гласен. „Макам-транс“, преку Царинската управа, испраќал циркуларни писма до стопанските комори, до здруженијата, до сите релевантни чинители во економијата. Предупредувал дека правилото ќе почне да се применува стриктно, дека дигитализацијата ќе го затвори просторот за толеранција и дека транспортот ќе се најде во сериозен проблем.
Но, додека камионите се движеа, додека синџирите на снабдување функционираа, додека кај странските инвеститори немаше застој – малкумина сакаа да слушнат.
Стопанските комори беа убедени дека нема потреба од драматизирање. Бизнисот течел. Немало реален проблем. Протестите, дури, биле непотребен ризик. Краткорочната штета се гледала. Долгорочната опасност – не.
А токму таа долгорочна опасност денес ја живееме.
Кога Романија и Бугарија влегоа во Шенген, географијата стана математика. Од моментот кога камионот ќе ja напушти Македонија, часовникот почнува да отчукува. И транзитот се брои. И деновите на граница се бројат. И застојот во колона се брои.
Денес, нашите камионџии се „ловат“ низ Европа на разни начини. Контроли на паркинзи, проверки на индустриски зони, влегување во фабрички кругови, броење денови на самото место. Ако се утврди пречекорување, следуваат казни, привремени притвори, забрани за работа, црни печати. Камионот останува со стока, фирмата плаќа адвокати, инвеститорите трпат застој.
Ова не е само транспортен проблем. Ова е ризик за целата економија. Македонија има значајна трговска размена со Велика Британија, каде што извезува производи за автомобилската индустрија. Тие стоки патуваат со камиони низ Европската Унија. Ако возачите не можат да го реализираат транспортот поради лимитот од 90 дена, директно се загрозува и таа соработка. Тоа не е маргинално прашање, туку прашање на доверба и сигурност во испораката.
Македонија можеби е мала, но отворена економија и е сериозна транзитна точка на два коридори – 8 и 10. Ако транспортот застане, застануваат и извозот, и увозот, и производството во ТИРЗ-зоните, и договорите со странските партнери.
Протестите во четири земји од регионот ја подигнаа свеста. Конечно темата стана јавна. Конечно се зборува за можни решенија, за преодни модели, за изземање на професионалните возачи како посебна категорија.
Но, да бидеме искрени: ова не требаше да се решава во 12 и 5. Требаше во 11 часот.
Требаше кога првпат стигнаа предупредувањата. Кога првпат се појавија засилени контроли. Кога „Макам-транс“ алармираше преку институциите. Тогаш требаше да се мобилизираат и коморите, и институциите, и странските компании што зависат од транспортот.
Кај нас, за жал, важи едно правило: проблемот не постои додека не стане болка. А кога ќе стане болка, веќе сме во трка со времето.
Денес сите бараат решение. И добро е што има политичка волја и интензивни разговори. Но, да не се лажеме – ова не е изненадување. Ова е последица на игнорирање.
Камионџиите предупредуваа. Три години. Пишуваа. Алармираа. Не беа слушнати.
Сега правилото од 90 дена не е техничко прашање. Туку прашање на економска реалност. И прашање дали конечно ќе научиме да реагираме пред да дојде ножот до коска.