
Секој мал успех ме мотивираше да размислувам дека шансите се исти за сите, од нас зависи како ќе ги искористиме...
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Секој мал успех ме мотивираше да размислувам дека шансите се исти за сите, од нас зависи како ќе ги искористиме.
Лирим Мифтари, менаџер за обука и развој на продажниот тим во „Тиквеш“
Разговараше: Данче Драгинова-Камчева, danche@instore.mk
Секоја нова улога и предизвик го мотивираат нашиот соговорник Лирим Мифтари да се развива, да учи и да ја пренесува својата експертиза на тимот. Тој верува дека успехот не е само во бројките, туку во луѓето и во нивното постојано усовршување. Денес тој е дел од тимот на „Тиквеш“ како менаџер за обука и развој на продажниот тим...
Биографски податоци
Датум и место на раѓање: 15 јули1977 година.
Образование: Дипломиран економист.
Кариера:
- Менаџер за логистика во ИЦС – Италијански конзорциум (од 1997 до 1998 година);
- Менаџер за логистика и преведувач во УНХЦР, Македонија/Косово (од 1998 до 1999 година);
- Преведувач во ОБСЕ, Македонија (од 1999 до 2001 година);
- Специјалист за развој на пазарот и тим-лидер во „Пивара Скопје“ (од 2002 до 2014 година);
- Регионален тренер за комерцијална продажба во „Кока-Кола ХБЦ“ (од 2014 до 2019 година);
- Менаџер за национална теренска продажба во „Деволи“ (од 2020 до 2023 година);
- Менaџер за продажба во „Евапифај“ (од 2023 до 2024 година).
Моментална функција: Менаџер за обука и развој на продажниот тим во „Тиквеш“ (од октомври 2024 година).
Хоби: Планинарење, историја.
Семејна состојба: Татко на три деца.
Од транзиција до мотивација
Лирим раскажува дека детството го доживеал во бурен транзициски период, кога целиот систем се менувал. Раната возраст е полна со фантазии, соништа, идеализирање... Го паметам периодот кога почна создавањето на приватниот сектор. Нови правила, ново време. Целиот период беше исполнет со неизвесност и тешко можеше да се планира долгорочно. Правилото беше едноставно – мораш да се потрудиш и да се бориш за позицијата во општеството, да бидеш најдобар во тоа што го правиш. Тоа беше единствениот начин да се добие статус, позиција, респект... – вредности што ми останаа врежани до денес. Научив да се соочам со стравот од невозможното и секој мал успех ме мотивираше да размислувам дека шансите се исти за сите, од нас зависи како ќе ги искористиме.
Тоа е периодот кога сè што било државно се срушило како кула од карти – таа ситуација го детерминира неговиот избор за иднината: Никогаш не сакав да бидам дел од тогашниот концепт на сигурност, а тоа е „државна работа“, сакав да бидам дел од динамичното време, да развивам вештини и постојано да учам.
Во текот на студиите сериозно се посветил на учење странски јазици – англиски и италијански, што подоцна му овозможило да се вклучи во странски мисии. Тоа било и неговото прво професионално искуство во ОБСЕ и УНХЦР, од кое научил дека луѓето се пред сè, а сè друго може да се надомести: Верувајте, тоа мото ме води и денеска, истакнува тој.
Многу сум горд што успеав да бидам дел од развојниот пат на многу луѓе, кои денес се на високи менаџерски позиции. Со нив сум во континуиран контакт и денес, секогаш се поддржуваме во правците каде што нè носи животот.
Патот до лидерските позиции
Во 2002 година Лирим станува дел од „Пивара Скопје“: Еден постар член од семејството ми се јави за огласот. Искрено, аплицирав зашто бев свесен дека полека треба да си дадам правец на мојата кариера. По интервјуто со менаџерскиот тим бил избран да се приклучи во продажбата. Почетокот бил интензивен – интензивни теоретски и практични обуки, теренска работа. Бил фасциниран од тоа како функционира голем систем со воспоставени стандарди и дисциплина, што го научило да гради резултати низ тимска работа и интегритет.

По три години на позицијата комерцијалист, Лирим станува тим-лидер за Западниот Регион: Првпат добив тим што требаше да го водам. Поддршката од компанијата и обуките надвор и во државата беа клучни. Тоа е време кога созревав и се освестував како е да се менаџира со луѓе за процеси и задачи. Големо постигнување беше дека со тимот успеваме да имаме најлојална база на купувачи, а успеав да создадам и наследници, подготвени да одговараат на предизвиците. Верувањето и пасијата за тимот донесоа ред награди, а конкуренцијата беше речиси незабележлива. Во тој период тој создава мрежа од доверливи партнери и купувачи, со силна интеракција и фокус на потребите на пазарот. „Купувачот е секогаш на прво место“ станува негова водилка.
Позитивните резултати и годишните евалуации во рамките на компанијата му отвораат на Лирим нов правец во кариерата. Насоките од „Кока-Кола ХБЦ“ биле јасни – да се воведат нови пристапи што ќе одговараат на наметнатите предизвици. Врз основа на тие потреби, компанијата формирала посебен сектор за комерцијален развој и способност, чија цел била да го унапреди развојот на продажната сила и да ги подготви тимовите за новите барања на пазарот.
Ќе бидам брутално искрен! Бев шокиран кога ми беше понудено да преземам улога на тренер за продажниот тим. Првите двоумења ми беа дека не сум го правел тоа и што конкретно ќе ми бидат задачите. Менаџерскиот тим беше убедлив и ме увери дека тоа е следното ниво, соодветно за мене. По преземањето на позицијата со тим од над 70 члена, сфатив дека треба брзо да се приспособам и менувам. Имав безброј повици на телефон, посети, преговарања, средби со купувачи... Тогашниот комерцијален менаџер ми кажа една реченица: Сè што си стекнал досега како искуство и знаење, треба да го пренесеш на продажниот тим.
Лирим секогаш верувал дека учењето е процес што има почеток, но нема крај. Желбата и мотивот придонеле вистински да се пронајде во улогата. Ги следел сите новини и збиднувања во делот на новите процеси, посетувал голем дел од организациите во системот на „Кока-Кола“ за да ги приспособи и имплементира во рамките на „Пивара Скопје“. Интересно е што беше тешко да им се долови и објасни на луѓе што се надвор од бизнисот што конкретно значи таа улога.
Во тој период навлегол и во доменот на тренинзи и менторирање со принцип „еден на еден“. Ја засакал таа улога од срце, ја извршувал со голема пасија и страст бидејќи сатисфакцијата била огромна кога гледал како луѓето напредуваат: Многу сум горд што успеав да бидам дел од развојниот пат на многу луѓе, кои денес се на високи менаџерски позиции. Со нив сум во континуиран контакт и денес, секогаш се поддржуваме во правците каде што нè носи животот.
Во 2020 година Лирим се враќа во продажбата како одговорен за националната стратегија во корпорацијата „Деволи“. Како некој што секогаш размислувал надвор од стандардните рамки, презема нови предизвици – да развива проект за приватни трговски марки со еден од најголемите синџири во земјата. Ремоделирал тимови, креирал нова територијална стратегија (Route to market), за што резултатот бил речиси двоен пораст на продажбата.
Следува изградба на цел систем од нула – да формира тим, стратегија и дистрибуција во нова компанија: Дојде момент кога имав чувство дека го постигнав максимумот и преминав во „Евапифај“ како менаџер за продажба за цела земја. Едно ново искуство и целосно нов пристап. Во рок од една година се изгради цела платформа и имавме силни резултати во делот на нумеричка дистрибуција. Ја променивме играта во таа категорија.
Од октомври 2024 година Лирим ја презема улогата менаџер за обука и развој на продажниот тим во „Тиквеш“. Во животот е важно да знаеш што сакаш. Преминувањето во „Тиквеш“ дојде во вистинското време. Неизмерно задоволство е да се работи со луѓе, да ги развиваш и да гледаш како се надградуваат. Оваа винарница е импресивна приказна што ја поместува границата на локална компанија и функционира на ниво на корпорација на Балканот и пошироко.
Негови сегашни обврски се да ги креира рамките за продажниот тим, почнувајќи од дефинирање на компетенциите, матрицата за евалуација, параметрите за егзекуција, регрутирањето и онбордингот на нови членови, детектирањето сегменти за развој за секој член од тимот... Главниот фокус е да придонесам во делот на коучинг „еден на еден“. Дел сум и од работниот тим за воведување нова дигитална апликација за продажниот тим, која ја лансиравме неодамна и сме многу горди бидејќи е креирана од нас од почеток до крај и приспособена за нашите потреби.
За професионализмот, животот и за успехот
И покрај понудите за работа надвор, Лирим секогаш се гледал во Македонија: Семејството и трите деца се моја потпора и мотивација. Тежнеам да бидам добар пример и да градам вистински вредности во животот.

Според него, од круцијална важност е да бидеме свесни за контекстот на времето во кое живееме бидејќи промените се случуваат брзо и секогаш треба добро да се менаџира со времето. Максимално се посветувам на семејството и ме радува што децата полека чекорат во сериозните предизвици на животот, а јас ги насочувам колку што можам.
Лирим верува дека интегритетот и кредибилитетот се најважни за успех во кариерата. Истакнува дека секогаш дејствува со искреност бидејќи верува оти само така може да се донесат правилни одлуки. Мислите и начинот на размислување се клучни, секогаш со фокус кон позитивното. На колегите им препорачува: Бидете отворени, соочете се со стравот, бидете храбри и секој ден подобри во тоа што го работите. Тогаш вашата работа ќе стане пасија, а вие незапирливи во креативноста и желбата за чекор напред.
Неговиот најголем успех, како што истакнува на крајот од нашиот разговор, е способноста да го промовира тоа што го сака наместо да се жали за она што го нема. Кога го прашавме дали би менувал нешто во кариерата, неговиот одговор беше едноставен: Не би сменил ништо. Ова е тоа што ме исполнува. Најдобар начин да ја предвидите иднината е да го создавате тоа што го сакате.