
Менаџерот мора да препознае кога стагнира и да бара нови знаења и предизвици. Одговорноста, упорноста и добриот тајминг беа моите најсилни адути...
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Менаџерот мора да препознае кога стагнира и да бара нови знаења и предизвици. Одговорноста, упорноста и добриот тајминг беа моите најсилни адути...
Разговараше: Данче Драгинова-Камчева, danche@instore.mk
Биографски податоци
Датум и место на раѓање: 1978 година, Загреб.
Образование: Магистер на Економскиот факултет, Универзитетот „Јосип Јурај Стросмајер“ во Осиек; IEDC – Bled School of Management
Кариера:
- Асистент за ревизија во „ИНА груп“ (од јули 2003 до мај 2004 година);
- Бренд-менаџер и менаџер за клучни купувачи во „Бадел 1862“ (од мај 2004 до март 2008 година)
- Менаџер за клучни купувачи, менаџер за бизнис-развој во Адриа Регионот, регионален директор за продажба за Хрватска, Словенија, Северна Македонија, Црна Гора и Косово во „Хенкел“ (од 2008 до 2020 година);
- Извршен директор за продажба на групацијата за пијалаци во „Јамница плус“; CEO на групацијата за пијалаци, организациска дивизија во рамките на „Фортенова“ (од 2020 до 2023 година);
Моментална функција:
- CEO на „Станиќ груп“ (од ноември 2023 година);
Хоби: Едрење
Семејна состојба: Оженет
Заедничка црта на луѓето што се на позицијата CEO, како што е нашиот соговорник Иван Чевра во „Станиќ груп“, е социјалната интелигенција. Тој додава дека за оваа позиција е потребно да се поседува и стратешко и логично размислување, силно чувство за одговорност, упорност и искуство.
Приказната на Чевра е пример како трудот, љубопитноста и посветеноста можат да изградат стабилна и успешна кариера. Од денешната позиција може да се каже дека неговиот пат до неа бил исполнет со многубројни искуства, предизвици и континуирано учење.
Од детски соништа до првото професионално искуство
Уште како дете, тој бил фасциниран од два света – динамичниот американски бизнис и убавината на природата и морето. Од една страна, го привлекувале филмовите со успешни бизнисмени во костуми, а од друга – научниот живот на истражувачите и морските биолози. Од оваа перспектива јасно е дека се приближив кон првата насока, меѓутоа, секогаш размислувам како би било да тргнев во другата насока, истакнува тој, иако од тоа што му е хоби, може да се каже дека не се откажал од убавините на морето, бидејќи го сака едрењето.
По студиите, неговиот прв вистински професионален чекор бил во нафтено-енергетскиот гигант ИНА груп. Тука ја почнал кариерата како асистент во ревизија. Тоа било, како што вели, голема чест – да биде дел од контингентот на млади надежи на компанијата. Според него, ова е исклучително искуство: во рамките на програмата имавме можност, во текот на 6 месеци, да ги поминеме сите оддели во компанијата, од бензински станици до големопродажба, финансии итн. Искуството во контролингот стекнато тука ќе му стане темел за сите идни раководни позиции, бидејќи како CEO еден од главните сегменти е контрола на трошоците и преостанатите КПИ.
Патот кон маркетингот и продажбата
Следната станица во неговата кариера била компанијата „Бадел 1862“, каде што почнал во маркетингот, токму во моментот кога се лансирал нов бизнис-сегмент. Како млад соработник добив уникатна можност да бидам дел од процесот – од идеја, преку стратегија, до лансирање на пазарот, раскажува тој. Но, во компанијата препознале дека на неговиот карактер (изразено ориентиран кон целта) повеќе одговара работа во продажба. Унапреден на позицијата менаџер за клучни купувачи, каде што го запознал и својот прв ментор, кој влијае врз неговиот понатамошен развој и профилирање на менаџер каков што е сега.
12 години во „Хенкел“ – место за огромен трансфер на знаење и константна едукација
2008 година го носи во ново поглавје наречено „Хенкел“. Ваквите компании многу добро го доловуваат вашиот потенцијал и постепено го развиваат за да го искористат максимално. Многу млади луѓе денес не разбираат дека не станува збор само за земање плата за вашата работа, туку и за знаењето што компанијата ви го дава бесплатно. Луѓето плаќаат за различни програми, училишта итн. Сепак, тие забораваат дека во вистинската компанија добивате непроценливо вистинско практично знаење и искуство, вака Чевра го опишува искуството што го добива во оваа компанија. Во неа тој се вработува како менаџер за клучни купувачи за Словенија и Хрватска, а потоа напредувал во менаџер за бизнис-развој за Косово, Македонија и Црна Гора. По неколку години станал регионален директор на продажба за пет пазари од Адриа Регионот.
Тој период го врзува и со Македонија, на која се сеќава со насмевка на лицето: Соработката со тимот во „Саманта“ беше исклучителна – создадовме искрено партнерство, работевме напорно, но и уживавме во секојдневието. Тоа беше вистински пример на „work hard, play hard“.
Регионални пазари и разлики во менталитетот
Како одговорен за пазарите од поранешна Југославија, Чевра објасни дека меѓу пазарите постојат разлики. Од Словенија, каде што пазарот е екстремно сегментиран на модерна трговија, до Србија и Македонија, каде што сè уште голем удел има традиционалната трговија. Хрватска и Црна Гора се некаде на средина. Тоа што е заедничко, а кое е најизразено во Хрватска, БиХ и Македонија, е изразената сезонска карактеристика, кога бизнисот дури се дуплира во летните месеци. Најспецифичните пазари се БиХ поради сложеноста и регионалните преференции и Словенија како најтежок пазар од аспект на продажба. Отсекогаш го сакав македонскиот пазар поради неговата разновидност и можноста да се создаде повеќеканална стратегија што ви овозможува одредена флексибилност кога трендовите не одат според планот, истакна тој.
Нови знаења и погледи во „Јамница плус“ и во „Станиќ груп“
По повеќе од 13 години, Чевра чувствувал дека е време за промена и нови знаења. Понекогаш менаџер мора да препознае кога стагнира и да бара ново искуство. Во „Фортенова“ најдов визија и енергија што ме мотивираа, вели тој. Како CEO на групацијата за пијалаци во „Фортенова“, со тимот успеал да ја зајакне позицијата на брендот и да постигне одлични резултати.
Денес, како главен извршен директор на „Станиќ груп“, управува со комплексна организација со 35 бренда и 5 производствени погони во три земји. Во ваква компанија, клучно е да имаш силни соработници – луѓе што се експерти во својата област. Улогата на CEO е да постави стратегија и амбиции, и да ги отстрани сите пречки што му стојат на патот на тимот, додава Чевра.
Квалитетите на еден успешен лидер
Според него, најважните особини за успешен менаџер се социјалната интелигенција, стратегиското размислување, чувството за одговорност, упорноста и искуството. Својата одговорност ја развил уште како студент, кога работел како скипер на јахти. За себе ќе каже: Тој период ме научи на планирање, работа во тим и голема одговорност. Единствено би сакал да сум малку помалку нестрплив.
Поглед кон иднината
На прашањето дали ги исполнил своите очекувања, вели дека кариерата му донела многу повеќе од тоа што го замислувал, но и дека учењето никогаш не завршува. Сите грешиме, но важно е да извлечеме поука. Разликата меѓу добар и лош менаџер е во тоа колку добри одлуки донесува, вели тој.
Својот успех го објаснува едноставно: Тоа што зависеше од мене беа одговорноста, упорноста и добриот тајминг. А за она што не зависеше – имав среќа да имам извонредни ментори.