
Зоран Богатинов е млад професионалец со значително искуство во угостителството и бизнис-развојот на меѓународно ниво
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Најголемиот дел од работата се базира на градење и одржување односи и секојдневна интеракција со луѓе. Треба да умееш да слушаш, да препознаеш што им е важно и да најдеш начин тоа да го поврзеш со она што го нудат твоите брендови.
Зоран Богатинов, менаџер за бизнис-развој за Блискиот Исток во „Перно Рикар“
Разговараше: Данче Драгинова-Камчева, danche@instore.mk
Биографски податоци
Датум и место на раѓање: 23 октомври 1996 година, Кочани.
Образование: СОУ „Ѓошо Викентиев“, Кочани.
Кариера:
- Келнер во повеќе угостителски објекти, Кочани (од 2014 до 2016 година);
- Келнер во „ЈА Ocean View Hotel“, Дубаи (од 2016 до 2017 година);
- Сомелиер во STK, Дубаи (од 2017 до 2020 година);
- Главен сомелиер за синџирот ресторани „The Maine“, Дубаи (од 2020 до 2022 година);
- Бренд-амбасадор за виски за Блискиот Исток во „Перно Рикар“, Дубаи (од 2022 до 2025 година).
Моментална функција:
- Менаџер за бизнис-развој за Блискиот Исток во „Перно Рикар“, Дубаи (од јуни 2025 година).
Хоби: Патувања, гастрономија, спорт.
Брачна состојба: Во врска.
Зоран Богатинов е млад професионалец со значително искуство во угостителството и бизнис-развојот на меѓународно ниво. Патувањето од Македонија до Дубаи и работата за водечки светски брендови го обликувале неговиот развоен пат, кој почнал во угостителскиот сектор, а денес го позиционираат како менаџер за бизнис-развој во една од најголемите компании во индустријата. Во ова интервју тој го сподели своето искуство, предизвиците и лекциите од неговото кариерно патување, како и важноста на постојаното учење и приспособување во глобалниот бизнис-амбиент.
Од Кочани до Дубаи
Како дете, Зоран бил опседнат со фудбал – секојдневно поминувал часови играјќи со другарите и сонувал дека еден ден ќе игра за некој голем европски клуб. Иако животот ме однесе по друга патека, таа страст кон тимската работа, дисциплината и постојаното подобрување остана со мене – и мислам дека токму тие вредности ми помогнаа и во кариерата.
Неговиот професионален пат почнува во угостителството, но никогаш не можел да претпостави дека тој ќе биде толку динамичен и ќе го одведе надвор од родната земја. Угостителството во Македонија не се гледа како индустрија во која можеш да градиш кариера и да напредуваш. Напротив, најчесто се смета за „привремена работа“ – начин да се стекне искуство, да се заработат пари и потоа да се продолжи понатаму. Иако на почетокот не го гледал како „кариера“, токму угостителството била работата што ќе му донесе најмногу знаење – за луѓето, за одговорноста, за комуникацијата, за задржување на смиреноста под притисок, како секојдневно се дава максимумот...
Првото вистинско работно искуство на Зоран е во хотел „Градче“, а потоа работел во неколку ресторани и барови во Кочани, меѓу кои и во „Аква центар“. Таму добил можност да биде дел во различни аспекти на угостителството – од секојдневната комуникација со гости до помош при организирање настани. Бев среќен што имав можност да работам со неверојатен тим на искусни и професионални луѓе. Благодарение на нив, научив како да се носам со брзото темпо, како да останам смирен под притисок и фокусиран кога ситуациите бараат брзи одлуки.Научив дека вистинскиот успех не се мери само со завршените задачи, туку со начинот на кој се извршуваат – со страст и посветеност.
Клучниот пресврт се случил по еден краток разговор со поранешен колега, кој веќе работел во хотел со 5 ѕвездички во ОАЕ. Неговото искуство и приказна биле инспирација за да почне да размислува пошироко – да бара нови предизвици.
Во септември 2017 година Зоран оди во Дубаи и почнува сосема ново поглавје. Тој признава дека кога одлучил да се пресели, имал големи сомнежи – не познавал никого и Дубаи тогаш сè уште не бил глобален центар каков што е денес. Знаев дека стандардите и нивото на услуга тука се многу високи. Но, истовремено бев свесен дека можностите за професионален развој и напредок во Дубаи се многу поголеми отколку можностите што би ги имал во Македонија.
Првите месеци во Дубаи биле вистински предизвик за него – одеднаш се нашол во средина со луѓе од повеќе од 200 националности, целосно различна од сè што дотогаш доживеал. На неговото прво работно место немало ниту еден од Европа. Најголемиот предизвик, но истовремено и најголемата придобивка, беше приспособувањето на сите тие култури и менталитети. Секој ден учев нешто ново за луѓето околу мене, за начинот на кој размислуваат и работат. Тоа беше како некоја порта што ми покажа колку голем и разнолик е светот. Дополнително, требало да се приспособи на локалната култура во Емиратите и на екстремно жешките лета.
Преку тие предизвици Зоран ги стекнал најдрагоцените искуства – запознал луѓе од целиот свет, изградил пријателства што траат и денес, научил како да биде посамостоен и самоуверен. Тие први месеци ми дадоа сила и зрелост за понатаму. Би му препорачал на секој што е млад и желен да учи и да се развива, да дојде и лично да доживее како е да се работи овде.

Во центарот на глобалниот пазар
Следува ангажманот во „The Maine“, синџир врвни гастрономски ресторани, кој за Зоран била една од највлијателните фази во кариерата. Пред да почнам со работа таму, имав среќа да работам на место каде што вината беа централна точка во целокупното искуство. Под менторство на искусни професионалци, стекнав длабоко знаење за светот на вината – поминував часови учејќи, дегустирајќи, истражувајќи различни региони и сорти, и полагајќи курсеви за да стекнам меѓународно признати сертификати. Тоа беше период кога буквално се вљубив во вината и сфатив колку влијание има едно добро избрано вино врз целото искуство на гостите.
Кога почнал во „Maine“, винската понуда била скромна и немало сомелиер. Зоран го препознал огромниот потенцијал и веднаш се вклучил со имплементација на нови промоции, ја проширил винската листа од 40 на повеќе од 200 различни вина на трите различни локации во Дубаи, создал и имплементирал интерна винска онлајн-академија за целиот персонал и соработувал со глобални вински брендови. Тоа ми овозможи да креирам своја мрежа на клиенти со голема куповна моќ, кои со текот на времето станаа редовни гости. Ресторанот прерасна во винска дестинација, во која гостите секојдневно уживаа во ретки и ексклузивни вина, некои вредни и по 3.000 долари.
Оваа позиција го научила не само како да води и да менаџира винска програма, туку и како да инспирира и да едуцира тимови. Чувството дека може да го пренесе знаењето и да создаде вистинска винска култура во еден ресторан за него било исклучително исполнувачко. Токму тој едукативен аспект – пренесувањето на приказната зад секое вино и желбата винската култура да им ја приближи на што повеќе луѓе – го пренел и понатаму, кога ја добил улогата на бренд-амбасадор за виски во „Перно Рикар“.
Работејќи повеќе години во угостителство, секогаш верував дека најголемата вредност се луѓето што ги запознаваш и врските што ги градиш со нив. Во град како Дубаи тоа е особено важно бидејќи луѓето овде веднаш препознаваат кога си добар и посветен, кога вложуваш во тоа што го работиш. Со текот на времето, се отворила нова можност за Зоран, кога од „Перно Рикар“ му понудиле да стане нивен виски амбасадор за Блискиот Исток.
Им бил потребен некој што има искуство во едукација, знае да одржува презентации и да раководи со публика, некој што ја познава пазарната динамика на индустријата во Дубаи. Тоа било неговата предност што му овозможила да ја добие работата.

Вискито ме фасцинираше од претходно – уживав да ги истражувам различните вкусови, методите на производство и приказните зад секој бренд. Кога станав дел од компанијата, имав чест повеќе пати да ги посетам нашите дестилерии во Шкотска. Тоа беше посебно искуство – да го видиш процесот однатре, да ги слушнеш приказните на луѓето што цел живот се посветени на занаетот и да сфатиш колку време, трпение и љубов стојат зад секоја капка виски. Сето тоа знаење и експертиза потоа ги понесов на Блискиот Исток, каде што и денес со гордост ги споделувам со нашите партнери, клиенти и љубители на виски. Работата ми даде уникатна можност да патувам и да бидам дел од најразлични проекти – од Бахреин до Непал, од Светското првенство во Катар, па сè до Малдивите. На секое од овие места имав можност не само да го претставам брендот, туку и да запознавам нови луѓе, да слушнам нивни приказни и да разберам како културата и околностите влијаат врз начинот на кој уживаат во пијалакот. Сфаќаме дека иако доаѓаме од различни делови на светот, секогаш има нешто што нè поврзува.
Како бренд-амбасадор за скоч виски, улога што му овозможила да се фокусира на едукација, тренинзи и да биде лицето на брендовите Chivas Regal, Royal Salute и The Glenlivet на Блискиот Исток, Зоран ги претставувал брендовите на јавни настани и бил директно вклучен во нивната презентација пред публиката. Со текот на времето, како што стекнувал повеќе искуство и ја продлабочувал соработката со различни тимови на различни пазари, му се отворила можност да премине во поширока и посеопфатна улога – менаџер за бизнис-развој.
Сега моите одговорности се пошироки и стратешки. Главната цел ми е да препознавам нови деловни можности и да обезбедам нашите брендови да имаат видливост и присутност на пазарот. Тоа подразбира градење нови односи со потенцијални партнери во хорека-сегментот, но истовремено и одржување и развивање на постојните соработки. Вклучува и постојана комуникација со нашите партнери за подобро да ги разбереме нивните потреби и да најдеме начини како преку нашите брендови да им помогнеме да го збогатат искуството на своите гости, објаснува Зоран и додава дека уште еден важен аспект од неговата работа е и соработката со внатрешните бренд-тимови. Дел од мојата работа е и внимателно следење на пазарот и трендовите бидејќи Дубаи е место каде што секојдневно се отвораат нови барови и ресторани и мораш постојано да бидеш во тек со тоа што се случува.
И покрај тоа што неговата улога сега е повеќе стратешка, Зоран најмногу ужива во фактот што останува блиску до луѓето – клиентите, партнерите и колегите. Сè уште има можност да споделува знаење, да предлага нови идеи и да гради долгорочни соработки засновани на доверба и заедничка страст кон брендот.
За професионализмот, животот и за успехот
Зоран верува дека за да се биде успешен во ваква улога, потребна е комбинација од неколку клучни особини. Најважната, според него, е способноста за поврзување со луѓето: Најголемиот дел од работата се базира на градење и одржување односи и секојдневна интеракција со луѓе. Треба да умееш да слушаш, да препознаеш што им е важно и да најдеш начин тоа да го поврзеш со она што го нудат твоите брендови.
Дубаи, како што тој го доживува, е град што никогаш не мирува – секој ден носи нешто ново, било да е тоа нов ресторан или нов тренд на сцената. Затоа, смета дека оваа работа бара постојано присуство, отворен ум, будни очи и уши, и подготвеност навреме да се реагира. Истовремено, улогата бара и висока адаптабилност. Пазарот, особено во Дубаи, се менува брзо, а со тоа доаѓа и потребата за постојано приспособување. Флексибилноста, трпението и истрајноста се неопходни бидејќи односите не се градат преку ноќ – тие бараат време, енергија и континуирана посветеност за да донесат резултати на долг рок. Љубопитноста и креативноста, според него, исто така играат клучна улога. Не е доволно само да го понудиш производот – потребно е да осмислиш како тој производ ќе стане дел од искуството на гостите, преку уникатни активности, свежи пристапи и моменти што ќе останат во сеќавање.
Многу од овие особини, како што вели Зоран, доаѓаат од неговото воспитување и културен бекграунд. Според него, тие се длабоко вкоренети во македонската ДНК – од дома уште како дете учел да биде гостопримлив, искрен, да почитува, да работи чесно и со труд, и да гради односи базирани на доверба и долгорочност. Ако би требало да посочи нешто што би сакал да го подобри кај себе, тоа би била способноста подобро да го организира своето време и приоритетите – особено кога се соочува со повеќе предизвици одеднаш.
Моите очекувања од работата и кариерата во голема мера се исполнети. Уште сум млад и секој ден учам нешто ново, се соочувам со предизвици што ме тераат да растам и имам можност да работам со луѓе од различни култури и пазари, што е навистина вредно искуство. Сепак, секогаш има нешто повеќе што сакам да постигнам. Нови цели, нови проекти, нови предизвици – тоа е она што ме држи мотивиран и ми дава желба да продолжам да се развивам. Така што, задоволен сум од она што сум го постигнал, но секогаш гледам напред кон она што следува, истакнува тој.

Не е доволно само да го понудиш производот – потребно е да осмислиш како тој производ ќе стане дел од искуството на гостите, преку уникатни активности, свежи пристапи и моменти што ќе останат во сеќавање.
Неговиот најголем успех, како што вели, е во тоа што има можност да го работи тоа што вистински го сака – работа што му овозможува постојано учење и размена на знаења и искуства со луѓе од целиот свет. Почнал од нула – чекор по чекор, без многу поддршка, но со огромна волја, посветеност и истрајност. Токму затоа никогаш не заборава од каде почнал. Тоа го држи приземјен и му дава дополнителна мотивација постојано да се развива, да прифаќа нови предизвици и да вложува максимум во сè што прави.
Не би рекол дека сум донел погрешни одлуки. Секој избор, дури и тие што на почетокот ми изгледале тешки или погрешни, ме научил нешто важно, и токму сите тие одлуки ме доведоа до местото каде што сум денес, заклучува Зоран на крајот од разговорот.