
Кариерата не се гради преку ноќ – тоа е процес што бара континуирана работа, одговорност, препознавање на вистинските можности и негување добри односи...
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Кариерата не се гради преку ноќ – тоа е процес што бара континуирана работа, одговорност, препознавање на вистинските можности и негување добри односи.
Мислав Матијевиќ, генерален менаџер на „Подравка“ – Полска
Разговараше: Данче Драгинова-Камчева, danche@instore.mk
Филозофијата на нашиот соговорник Мислав Матијевиќ, кој од 1 јули е на позицијата генерален менаџер на „Подравка“ – Полска, е дека од секоја ситуација може да се извлече нешто вредно, па дури и од предизвиците. Затоа тој гледа напред со оптимизам и со вера во континуитетот на развојот. Задоволен е од досегашниот пат, но истовремено е свесен и дека професионалниот развој е континуиран процес, кој бара приспособување и учење низ целата кариера.
Биографски податоци
Датум и место на раѓање: 17 јули 1989 година, Загреб.
Образование: Магистер по економија на Економскиот факултет во Загреб; магистер по бизнис-администрација на Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје.
Кариера:
- Аналитичар за продажба за Југоисточна Европа во „Подравка“ – Хрватска (од 2015 до 2019);
- Маркетинг-директор во „Подравка“ – Македонија (од 2019 до 2023);
- Генерален директор на „Подравка“ – Унгарија (од 2023 до 2025).
Моментална функција:
- Генерален директор на „Подравка“ – Полска (од јули 2025).
Хоби: Со оглед на новиот член на семејството, слободно време најмногу го поминува во кругот на семејството.
Брачна состојба: Оженет.
Првите чекори во бизнис-светот
Како дете, Мислав сонувал да стане фудбалер. Тоа беше искрен, детски сон – денови поминати на игралиштето со топка, над креветот постер на Роналдо... Фудбалот ме научи на важни животни лекции – што значи да бидеш дел од тим, да го препознаеш вистинскиот момент за потег, да го поднесеш поразот и да продолжиш понатаму. Иако професионално е во сосема различен свет, токму тие вредности денес тој ги пренесува и во работата.
Тој признава дека не ни замислувал, а уште помалку планирал оти неговата кариера ќе го однесе надвор од матичната земја. Се сеќава дека на првиот разговор за работа во „Подравка“ едно од прашањата било: Дали би бил подготвен да работиш во некоја од нашите странски компании?, на што одговорил: Секако!, но повеќе од отвореност кон нови можности отколку од вистинско очекување дека тоа ќе се случи. Денес, со искуството што го имам по речиси седум години работа надвор од матичната земја, можам да кажам дека тоа беше пресвртна точка. Не само во кариерата, туку и во начинот на кој гледам на светот, луѓето и на бизнисот. Промената на околината те тера да растеш, да се приспособуваш, да слушаш – и токму во тие ситуации најмногу учиш.
Понекогаш во животот треба да бидеш храбар и да ризикуваш, затоа што токму тие чекори, кои на почетокот изгледаат тешки и неизвесни, често нѐ доведуваат до најважните животни пресврти.
Првото работно искуство на Мислав е во „Подравка“, уште како студент. Летото 2010 година, додека другите најчесто размислувале за одмор, тој добил можност да го спои корисното со пријатното – да ги заработи првите пари за море, а истовремено и да стекне чувство за работниот ритам и за одговорностите што ги носи професионалниот живот.
Најважната лекција што ја научив тогаш не беше само колку е тешко и предизвикувачки да се заработат првите пари, туку и колку се клучни дисциплината и одговорноста во секој сегмент од работата. Секој успех, вклучувајќи го и финансискиот, е резултат на посветен труд и почитување на договореното. Тоа искуство ми даде основна перспектива за вредноста на трудот и сериозноста. Особено сум благодарен што мојот прв чекор во бизнис-светот беше во компанија како што е „Подравка“, која и денес е местото каде што растам и се развивам.
Следува „Хрватски Телеком“, искуство кое, како што вели, било еден од клучните пресвртни моменти во неговиот професионален развој. Иако на почетокот бил студентски работен ангажман, кој му овозможил да ги усогласи обврските на факултет, брзо сфатил колку се вредни лекциите што ги добил таму. Работата во продажба и секојдневната комуникација со клиентите, магијата на директната продажба... да, дефинитивно, тоа искуство ми ги отвори очите за важноста на активното слушање, приспособливоста и брзото донесување одлуки. Научив како да изградам доверба и да воспоставам квалитетни односи за само неколку минути. Работата во голем систем ме научи и на дисциплина, тимска работа и на важноста од јасна и ефикасна комуникација во сложени организациски структури. Тоа искуство беше мост меѓу студентските денови и сериозниот бизнис-свет.
Од локален старт до меѓународна перспектива
Од некој што пораснал во Копривница, чии двајца родители работеле во „Подравка“, се очекувало дека е природно да сонува оти еден ден ќе стане дел од таа голема приказна. „Подравка“ за мене никогаш не била само компанија – таа ги обединуваше наследството, стабилноста и чувството на заедништво. Затоа, 2015 година за мене имаше посебно значење – тогаш го почнав професионалниот пат во компанијата, како аналитичар за пазарите во Југоисточна Европа.
Првиот ментор на Мислав бил Милан Тадиќ – личност од која многу научил за техничката аналитика и пазарната стратегија. Од него усвоил вредности на одговорност, човечки пристап во лидерството и ја сфатил важноста на односите во тимот. Многу од темелите на моето денешно бизнис-размислување беа формирани токму тогаш, преку тој однос.
По речиси четири години се појавила можноста што ја означила новата фаза – преземање на позицијата маркетинг-директор во Македонија. Тоа беше моето прво сериозно искуство во странство и, без сомнение, една од најважните професионални школи. Работата со директорот на компанијата, Игор Мањиќ, и колешките Наташа Димовска и Симона Тасковска беше драгоцена. Заедно успеавме да оствариме видливи резултати, што ми ги отвори вратите за следниот предизвик – водење на пазарот во Унгарија.
Работата на странски пазари овозможува стекнување непроценливо знаење и искуство – се среќавате со различни законски рамки, деловни култури и потрошувачки навики. Тоа се лекции што не се учат од учебници, туку исклучиво преку практика.
На почетокот од работата во Унгарија голема помош на Мислав му давал Далибор Шијак, директор за интернационални пазари, кој ги споделил знаењето и искуството и му овозможил полесен почеток. Иако релативно кратко, времето поминато во оваа земја било интензивно и пресудно за да го донесе до денешната позиција – директор на компанијата во Полска, пазар кој е сложен, голем и висококонкурентен.
А кога денес ќе се свртам назад, јасно ми е – сѐ почна од една копривничка приказна. Приказна исполнета со работа, поддршка од одлични луѓе и подготвеност не само да се искористи секоја понудена можност, туку и да се надмине.
За моменталните работни задолженија во Полска, како директор на компанијата, Мислав вели дека има одличен тим што ги води клучните сектори – продажба, маркетинг, логистика, финансии, но реалноста на денешното деловно опкружување е што од директорите се очекува постојана вклученост. Тоа значи да бидеш информиран, брз во донесувањето одлуки и подготвен да реагираш на промените на пазарот, предизвиците со партнерите или внатрешниот развој на ситуацијата.
Тоа значи дека денот го почнувам со анализа на продажните резултати, продолжувам со координација на тимовите, одобрување на клучните планови и стратегии, контакти со партнери и купувачи, а често присуствувам и на терен – за да ја почувствувам ситуацијата во продавниците или да слушнам повратни информации од пазарот. Особено задоволство ми е вклучувањето во развојот на нови производи и кампањи бидејќи сметам дека иновациите и брзата адаптација кон потребите на потрошувачите ја прават разликата на пазарот.

Освен тоа, важен дел од неговата работа е и развојот на луѓето – поттикнување на тимовите на подобра соработка, отворена комуникација и преземање иницијативи. Друг клучен фокус е стратешкиот развој, односно дополнителното зајакнување на позицијата на брендовите, проширувањето на дистрибуцијата, зголемувањето на присуството во свеста на потрошувачите, но и изградбата на стабилни односи со купувачите и со партнерите.
Во разговорот со Мислав се навративме на неговото искуство во Македонија, но и како ја добил можноста да работи тука. Тој сподели дека верува оти сѐ почнува со внатрешната мотивација – желбата секој ден да научиш нешто ново, да даваш повеќе и да се развиваш чекор по чекор. Како што нагласи, важно е не само сопственото залагање, туку и некој во организацијата да го препознае тоа и да ти даде шанса.
Сепак, одлуката да заминам во Македонија не беше лесна... Во тој момент мојата покојна мајка се бореше со тешка болест, а јас бев само две години во врска со девојката – денес моја сопруга. Не е лесно да се оди од дома, од семејството, од сѐ што е познато... Но, понекогаш во животот треба да бидеш храбар и да ризикуваш, затоа што токму тие чекори, кои на почетокот изгледаат тешки и неизвесни, често нѐ доведуваат до најважните животни пресврти.
Македонија, за Мислав, била многу повеќе од првата меѓународна позиција – била конкретен исчекор од камфор-зоната и можност да ја преземе првата целосна одговорност за пазарот, тимот и резултатите. Период кога научил што значи да се донесуваат одлуки што директно влијаат врз луѓето, брендот и бизнисот. Најголемиот предизвик беше почетокот – новата средина, различната деловна динамика и изградбата на доверлив однос со луѓе што не ги познаваш. Во такви ситуации се сфаќа дека бројките, плановите и стратегиите, колку и да се важни, не функционираат без една клучна компонента – луѓето. Токму тука првпат научив како изгледа градењето тим однатре, не само функционално, туку и емоционално.
Ако треба да издвои нешто највредно што го понел од тоа искуство, тоа без сомнение е способноста да создаде и води мотивиран и ангажиран тим. Дури и денес, кога гради тим или работи на развој на луѓе во организацијата, секогаш се враќа на лекциите што ги научил токму во Македонија.
За професионализмот, животот и за успехот
Одлуката за градење кариера надвор од родната земја, според Мислав, бара силна поддршка од семејството затоа што заминувањето во странство не е само логистички сложен чекор, туку и емотивен предизвик што подразбира приспособување на нова култура, нова средина и нови деловни практики. Сепак, придобивките се многубројни. Работата на странски пазари овозможува стекнување непроценливо знаење и искуство – се среќавате со различни законски рамки, деловни култури и потрошувачки навики. Тоа се лекции што не се учат од учебници, туку исклучиво преку практика. Токму тоа искуство ве обликува во професионалец со меѓународна перспектива и поширок поглед на бизнисот.
Иако квалитетната биографија е важна, уште поважно е што зад неа стојат конкретни резултати и луѓе што ми ја дале шансата тие резултати да ги реализирам.
Затоа, на сите што ќе добијат таква шанса, тој искрено би им препорачал да ја прифатат: Можеби нема секогаш да биде лесно, но трудот, промената и откажувањата долгорочно се исплаќаат повеќекратно. А, знаењето и личниот раст што ќе ги стекнете на тој пат – остануваат со вас засекогаш.
За една личност да биде успешна во работата, потребни се волја, желба, труд – и да го работи тоа што навистина го сака. Според Мислав, кога овие нешта се на свое место, речиси сè станува можно. Освен тоа, тој смета дека клучни се и одговорноста, трпеливоста и способноста за носење брзи, но промислени одлуки.
Би рекол дека волјата, трудот и посветеноста на работата се константа во мојот професионален пат – ме следат уште од првиот работен ден. Секогаш се трудам да го дадам максимумот и да бидам коректен: кон луѓето, преземените обврски и кон резултатите. Сметам и дека ја имам развиено дисциплината за носење одлуки под притисок, како и навиката да бидам присутен „на терен“ – бидејќи вистинскиот увид во работата доаѓа од средбите со купувачите, партнерите и тимот, а не само од извештаите. Одговорноста кон луѓето ми е еднакво важна како и одговорноста кон бројките. Верувам во отворена комуникација: ако нешто оди добро – да го кажеме; ако не оди – уште поважно е да го кажеме и веднаш да реагираме.
Сепак, признава дека секогаш има простор за личен напредок. Би сакал да биде потрпелив во ситуации кога работите не се одвиваат со замисленото темпо. Работи на тоа подобро да ги калибрира очекувањата, повеќе да делегира и да им даде простор на тимовите самите да стигнуваат до решенија со сопствен ритам. Учам и активно да слушам – не само да ја чујам информацијата, туку да го разберам и контекстот зад неа.
Од денешна перспектива, Мислав вели дека неговите очекувања од кариерата генерално се исполнети, дури и повеќе од тоа. Со 36 години, кога ќе се навратам наназад, навистина можам да бидам задоволен од сето тоа што досега сум го постигнал. Иако квалитетната биографија е важна, според мене, уште поважно е што зад неа стојат конкретни резултати и луѓе што ми ја дале шансата тие резултати да ги реализирам. Посебна благодарност им должам на моите надредени, кои во клучни моменти го препознаа мојот труд и ми укажаа доверба.
Според него, кариерата не се гради преку ноќ – тоа е процес што бара континуирана работа, одговорност, препознавање на вистинските можности и негување добри односи. Притоа, тој не верува дека досега донел некоја клучна погрешна одлука. Секако, признава дека понекогаш се појавува тој „што ако“ момент – но, верува дека дури и одлуките што не биле совршени биле вредни поради искуството што го донеле.
За најголемиот успех во животот, Мислав без најмало двоумење одговара: Тоа е моето семејство, особено денес, кога покрај себе ја имам сопругата и нашиот двомесечен син Ноа. Чувствувам дека тоа е вистинската круна на сè што сум постигнал досега. Додава дека успехот во кариерата никогаш не доаѓа сам од себе. Зад секој постигнат резултат стојат луѓето и нивната поддршка и разбирање.
На крајот од разговорот тој заклучува дека поддршката од семејството е непроценлива и е вистински темел на неговиот успех: Без нивната љубов и доверба, не би бил таму каде што сум денес. Затоа, секој професионален успех го доживувам како заеднички – како плод на заедничка работа, откажувања и соништа што ги градиме заедно.
Тоа е она што секојдневно го мотивира да биде подобар, не само како професионалец, туку и како човек.