
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Еден од најголемите предизвици е балансот меѓу традицијата и иновацијата – како да се почитуваат наследството и природата на винскиот регион, а истовремено да се воведуваат современи технологии и трендови што ја прават винската приказна...
Дане Јованов, сопственик на „Дане Хермес вајн естејт“
Еден од најголемите предизвици е балансот меѓу традицијата и иновацијата – како да се почитуваат наследството и природата на винскиот регион, а истовремено да се воведуваат современи технологии и трендови што ја прават винската приказна конкурентна и препознатлива на глобалниот пазар.
Разговараше: Данче Драгинова-Камчева, danche@instore.mk
Од 2020 година нашиот соговорник Дане Јованов почнува сопствена винска приказна, наречена „Дане Хермес вајн естејт“... Пресудно влијание имаше желбата да продолжам нешто што гордо го носам како наследство од мојот татко, човекот кој ми ја вгради љубовта поврзана со виното, со лозјето и со земјата. Тоа беше моја внатрешна мотивација – да изградиме семејна приказна што не се мери само со бројки, туку со вредности, со квалитет и со емоција, вели тој на почетокот од нашиот разговор.
Биографски податоци
Датум и место на раѓање: 4 јануари 1983 година, Неготино.
Образование: Дипломиран агроном-инженер, магистер по винска микробиологија, доктор по енологија – винарство
Кариера:
- Енолог во „Бовин“ (од 2005 до 2007);
- Енолог и управител на „Стоби“ (од 2007 до 2016);
- Енолог и управител во „Пуклавец фемили вајнс“ – Македонија и Словенија; член на Управен одбор и енолог во Словенија (од 2016 до 2023).
Моментална функција:
- Сопственик и управител на „Јованов груп“ (од 2016);
- Сопственик, управител и енолог во „Дане Хермес вајн естејт“ (од 2020).
Хоби: Скијање, возење велосипед, џогинг и планинарење.
Брачна состојба: Оженет, татко на три деца (12, 10 и 6 години).
Семејните корени како темел
Како дете, Дане бил многу љубопитен кон науката и природата. По првите детски соништа за пилот или војник, сакал да биде човек што прави нешто важно во животот – кардиохирург или доктор по интерна медицина. Подоцна, кога благодарение на татко му полека почнал да навлегува во светот на виното, кај него се родила љубовта кон земјата и сфатил дека земјоделството, а особено лозарството и винарството, е неговиот вистински избор.
Уште од почетокот на кариерата се стремев да го достигнам тоа што денес го имам постигнато. Почнав со скромна визија – да работам во винарница, да учам и да се усовршувам. Како што навлегував во светот на виното и подоцна во светот на бизнисот, секој следен чекор ми отвораше нови врати и предизвици. Сфатив дека мојата страст не е само во производството на вино, туку и во градењето бренд, визија и култура околу него. Потекнувам од фамилија со голема традиција во производството на вино и уште од студентските денови целта ми беше на некој начин да излезам од „сенката“ на мојот родител и да ги надградам неговите достигнувања. Динамиката ми дојде природно – не како цел сама по себе, туку како последица на дисциплината, пожртвуваноста и посветеноста.
Винскиот пат низ годините
Дане потекнува од семејство енолози – неговиот покоен татко Ѓорѓи Јованов Хермес е еден од основоположниците на приватната винска иницијатива во земјава, кој во 1998 година заедно со доминантниот сопственик во тоа време ја основа винарницата „Бовин“.
По дипломирањето имав понуда да студирам мастер-студии во Европа, но мојот родител ме убеди да останам во „Бовин“ за од него да ги научам сите практични аспекти за производството на грозје, а потоа и на вино. Доста млад го добив првото практично искуство во таа винарница, а веќе од наредната берба добар дел од производствените обврски беа на мој грб. За кратко време „созреав“ како енолог и во меѓувреме запишав и мастер-студии по винска микробиологија во земјава, а практичниот дел во најголем дел беше изработен во Италија, се сеќава Дане.
Тоа бил период на интензивно учење – Дане научил дека виното не се раѓа во винарницата, туку во лозовите насади и дека секој добар енолог мора редовно да ги посетува лозовите насади. Навлегол во светот на производството на вино, одржувал вински дегустации, го победил стравот од јавен настап... Уште од почетокот на мојата кариера татко ми успешно ми го пренесе неговото знаење. Научив дека винарницата не е само технологија – туку цел синџир на логистика, стратешко планирање, маркетинг и продажба, со еден збор голема тимска работа и секојдневна комуникација. Тој солиден темел ми помогна подоцна, кога веќе почнав да управувам со многу поголеми системи на производство и продажба на вино.

По речиси три години во „Бовин“, Дане прави „трансфер“ во „Стоби“. Иако признава дека преминот бил емотивно тешка одлука, со текот на времето се покажал како вистинска вредност со стратешки потенцијал на долг рок.
Во тоа време ми пристапи г. Јорданов, кој имаше амбициозни планови за инвестирање (над 20 милиони евра) за една од најсовремените винарници на Балканот, би рекол и во Југоисточна Европа. Ме привлече можноста да учествувам во креирање нови вински стилови, да поставуваме нови вински стандарди и да бидам дел од нешто што се гради од почеток.
Процесот на физичко градење на „Стоби“ нашиот соговорник го чинел три години од професионалниот живот, но тоа бил исклучително вреден и важен период на интензивно учење и практично искуство. Се запознал со сите аспекти на еден комплексен проект – од локациски услови на градежна парцела и детални урбанистички планови, од идејни, основни и изведбени градежни проекти, од набавка на процесна техника и технологија, транспорт и логистика, па сѐ до следење на законска легислатива, банкарско и финансиско работење.
Ангажманот во „Стоби“ претставуваше период на интензивен развој и афирмација за мене како вински експерт. Како дел од тимот, не само што се усовршив во производството на вино, туку придонесов и кон поставување нови производствени системи (cross-flow) и воведовме нови пазарни стандарди. За релативно кратко време, брендот Stobi се позиционираше како еден од водечките на македонскиот пазар и на клучните извозни дестинации. Таму ја завршив и докторската дисертација и како резултат на тоа се јави нов бренд – Vranec Veritas, со кој ги освоивме сите награди на големите меѓународни оценувања за квалитет на виното во Европа и светот, со гордост истакнува Дане, и додава дека биле први што се навратиле на традицијата и произвеле вино од подзаборавените сорти ‘ркацители, жилавка и жупљанка.
Освен Vranec Veritas, уште еден спореден производ од докторската дисертација на Дане се закитил со двојна победа на „Вино Љубљана“ – станува збор за вино од сортата шардоне, ферментирано во комбинација од дабови бочви и буриња од акација.
Особено ми е драго што со сите почести од „Стоби“ се пензионира и мојот родител, што на некој начин ја заокружи и нашата семејна винска приказна во тоа време. Искрено сум благодарен на г. Јорданов за укажаната доверба и можноста да изградиме една од најсовремените винарници во Македонија и на Балканот во тоа време, тоа беше клучниот момент за понатамошниот развој на мојата кариера.
Следува ангажманот во словенечкиот холдинг на винарници и бизнис-групацијата „Пуклавец фемили вајнс“. По двегодишна комуникација и преговори, во годината кога „Стоби“ бележи историски најголем пораст, Дане одлучил да направи деловен потег кој за многумина бил нејасен – да премине да работи во една мала винарница во Долни Дисан, покрај Неготино. Сакам да се предизвикувам самиот себе и да ја напуштам комфорната зона бидејќи сметам дека личниот и професионален раст доаѓа само кога излегуваме од удобната зона и преземаме издржани ризици.
За Дане, ова е нова можност во интернационален холдинг со бизниси на сите континенти. Тој објаснува дека главниот бизнис на „Пуклавец фемили вајнс“ е проектирање и изградба на LNG-терминали низ светот, нивни транспорт и логистика, а винскиот бизнис е само мал дел од севкупниот обрт на холдингот.
За кратко време од енолог во компанијата во Македонија станав и управител, а веќе по првата успешна берба ме повлекоа да работам во централата во Словенија. За кратко време во Љубљана станав член на бордот на директори и енолог во холдингот, во сите три винарници што ги поседуваше во тој момент. Со сопствениците, меѓу кои и господинот Владимир Пуклавец, делевме исти вредности и визија за виното. За кратко време, црвените вина што ги произведувавме во Неготино се најдоа на пребирливите пазари во Словенија и Хрватска, а потоа и во Холандија, САД, Обединетото Кралство и во Бразил.
Работата во Словенија за Дане била голем предизвик, не само на професионален, туку и на личен план бидејќи често патувал на релација Скопје – Љубљана и бил отсутен од дома. Таму се нашол во ново опкружување, нова култура на работа, поинаков менталитет и му било потребно одредено време да се приспособи и да ја усвои тамошната корпорациска култура.
Најмногу уживам во креативниот процес на создавање нови вина, т.е. кога ги комбинирам различните сорти, ја слушам природата и ја внесувам својата визија во секоја капка. Тоа е моментот кога науката и уметноста се спојуваат и резултираат со нешто што носи задоволство и гордост.
Потписот на винската страст
Одлуката да почне сопствена винска приказна за Дане не била импулсивна – таа зреела со години, носена од потребата да создаде нешто лично, автентично и долгорочно. По речиси две децении искуство во големи системи, во кои учествувал во градење брендови од нула за други компании, почувствувал дека созреало времето да го преточи стекнатото знаење и страст во нешто што ќе го носи семејното име – „Дане Хермес вајн естејт“.
Секоја одлука доаѓа со своја тежина. Од сигурност влегуваш во неизвесност, од структуриран систем преминуваш повторно во градење од нула (трет пат во мојата кариера). Но токму таа слобода, ризикот и одговорноста се највозбудливите аспекти на сопственото претприемништво. Тоа не е само бизнис – тоа е начин на живот, истакнува Дане. Според него, винарството како бизнис се планира со генерации бидејќи се потребни инвестиции во обучен кадар, но и во сериозна инфраструктура: Овде, пред сѐ, мислам на лозови насади – потребни се минимум 3 години до првиот род и 5-7 години за прв квалитетен род. Понатаму, потребни се инвестиции во технологија за производство на вино, инертизација, ладење, линија за полнење итн., а сите овие работи се во директна корелација со пристапот до финансии за основни и обртни средства. Следниот голем предизвик е градењето свесност за брендот, што не е процес кој се одвива преку ноќ – треба да поминат многу години во перманентно инвестирање во брендот за тој да биде препознатлив.
Дане истакнува дека секое шише што го носи потписот Dane Hermes е производ на неизмерна љубов, произведено со особено внимание, посветеност и длабока почит кон уметноста на правење вино.
Иако сме релативно млад бренд, официјално продаваме вино од почетокот на април 2024 година, успехот се должи на вистинската долгогодишна традиција во лозарството и винарството, како и на сериозните инвестиции во лозарството и бутик-винарницата. Во моментов винарницата има капацитет од 65.000 литри во инокс и 10.000 литри во дабови буриња, а плановите за наредната берба (почетокот на август) се капацитетот да се зголеми за 50.000 литри во инокс и 15.000 литри во дабови буриња. Годишното производство на вино во шишиња би се движело до максимум 50-60.000 шишиња со што квалитетот секогаш ќе биде загарантиран, а дополнителниот простор е потребен бидејќи црвените вина се зреат минимум 18 до 24 месеци пред да се наполнат во шише.
„Дане Хермес“ во моментов ги има познатите етикети Temjanika, Pinot Grigio, Olja Rosé, Pinot Noir, Merlot, Cabernet Sauvignon и Vranec, а од средината на месецов се планира и лансирање на нова купажа, посветена на таткото на Дане, која ќе го носи името Legacy (наследство).
Моментално, улогата на Дане во винската приказна опфаќа широк спектар на задолженија – од контрола и управување на целокупниот процес на производство, преку стратешко планирање и развој на брендот, до комуникација и организирање на дистрибуцијата на домашниот и странскиот пазар. Еден од најголемите предизвици со кои се соочувам е балансот меѓу традицијата и иновацијата – како да се почитуваат наследството и природата на винскиот регион, а истовремено да се воведуваат современи технологии и трендови што ја прават винската приказна конкурентна и препознатлива на глобалниот пазар. Друг предизвик е стабилноста во снабдувањето со квалитетно грозје, особено кога климатските промени и непредвидливите временски услови влијаат врз квалитетот и квантитетот. Најмногу уживам во креативниот процес на создавање нови вина, т.е. кога ги комбинирам различните сорти, ја слушам природата и ја внесувам својата визија во секоја капка. Тоа е моментот кога науката и уметноста се спојуваат и резултираат со нешто што носи задоволство и гордост.

Силата зад винската традиција
Според Дане, за да се успее на позицијата на енолог и управител или сопственик на вински бизнис, треба да се комбинираат неколку клучни особини и вештини. Најпрвин, потребна е длабока стручност и знаење. Покрај техничкото знаење, многу важна е и аналитичката способност – да се читаат податоци, да се разбираат и правилно да се интерпретираат, да се носат одлуки базирани на факти и искуство. Следно, треба да се има силен организациски и лидерски капацитет. Понатаму, креативноста и иновативноста се неопходни за да се одржи конкурентноста на пазарот, да се пронајдат нови техники и да се создадат уникатни производи што ќе ја привлечат публиката.
Кога ќе се осврне на сопствената кариера, Дане вели дека неговите очекувања делумно се исполнети – секогаш постојат нови хоризонти што го поттикнуваат да продолжи понатаму: На почетокот, очекував да работам со квалитетно вино и да придонесам за развојот на винската индустрија во Македонија. Тоа сум го остварил и дури повеќе – имав можност да работам и на странски пазари, да учам од различни култури и технологии, што го збогати моето знаење и искуство. Но, кариерата е патување, а не дестинација, па секогаш има нешто ново. Најважно е да бидеме отворени за промени и да не се задоволиме со статус кво. Моите очекувања постојано се менуваат, а тоа е знак на зрелост и желба за личен и професионален развој. Затоа, иако сум задоволен од постигнатото, не би рекол дека сум „целосно“ исполнет бидејќи секогаш гледам кон нови цели.
Дане верува дека и грешките се дел од патот кон успехот. Ако би можел нешто да промени, би бил порешителен во одредени моменти кога премногу долго се двоумел за да преземе ризик или да прифати нова можност. Од денешна перспектива, вели дека е подобро да се направи некоја грешка отколку да се остане статичен.
Мојот најголем успех го гледам во способноста да ја создавам и водам својата винска приказна, да го преточам долгогодишното искуство и љубов кон виното во бренд што ја претставува мојата визија и автентичната семејна традиција со поглед свртен кон иднината, истакнува Дане и заклучува дека како огромен успех го смета и фактот што вината Dane Hermes се препознаваат на домашниот и на регионалните пазари и што зад нив стои тим што ја дели неговата страст и посветеност кон виното.