.webp&w=1920&q=100)
Само со автентично доживување на пазарот – преку секојдневие, контакти и навики, може вистински да се разберат луѓето и нивните преференции, и на тој начин да се изгради успешна стратегија
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Само со автентично доживување на пазарот – преку секојдневие, контакти и навики, може вистински да се разберат луѓето и нивните преференции, и на тој начин да се изгради успешна стратегија.
Разговараше: Данче Драгинова-Камчева, danche@instore.mk
Биографски податоци
Датум и место на раѓање: 26.12.1980 година, Скопје.
Образование: Електротехничар за автоматика и сметачка техника.
Кариера:
- Маркет-девелопер во „Пивара Скопје“ (од 2004 до 2006 година).
„Тиквеш“ (од 2006 до 2025 година):
- Продажен претставник (од 2006 до 2008 година);
- Менаџер за продажба – Македонија (од 2008 до 2010 година);
- Менаџер за продажба – Скопје и КА-менаџер (од 2010 до 2014 година);
- Супервизор за продажба – Србија (од 2014 до 2016 година);
- Регионален менаџер – Албанија, Косово и Црна Гора (од 2017 до 2025 година).
Моментална функција: Регионален менаџер во „Тиквеш“
Хоби: Прошетки, фитнес-сала, пчеларство (10-ина кошници), бесплатно склопување, поправање и донирање компјутери на деца во згрижувачки семејства.
Брачна состојба: оженет, две деца – син (16 години) и ќерка (10 години).
Александар Ацковски, кој речиси две децении е дел од приказната на винарницата „Тиквеш“, вели дека неговите очекувања од работата и воопшто од кариерата не само што се исполнети, туку и надминати. Почнав скромно, но со многу ентузијазам и упорност. Денес сум горд што работам на три меѓународни пазари, водам тимови и имам слобода да креирам стратегии и да носам одлуки. Секој нов предизвик ми е дополнителен мотив, истакнува тој, раскажувајќи ни го неговиот развоен пат до денешната позиција – регионален менаџер во „Тиквеш“.
Наместо згради, гради мрежи и пазари
Како дете Александар сонувал кога ќе порасне да биде архитект или инженер – го фасцинирале создавањето, структурите и организирањето: Интересно е како тие карактеристики ми се најдоа и во кариерата – само што наместо згради, градам мрежи и пазари. Тој, како што вели, не очекувал дека неговата кариера ќе биде толку динамична, но секој нов предизвик му отворал врата кон следниот. Кога работиш со страст и се вложуваш, природно доаѓаат и поголемите одговорности, истакнува Александар.
Неговото прво професионално искуство е во „Пивара Скопје“, каде што почнува со работа сосема случајно во 2004 година, преку агенцијата „Партнер“. Но, штом влегол во динамичниот свет на FMCG-секторот, веднаш се пронашол – брзото темпо, постојаната комуникација со луѓе и јасно мерливите резултати го освоиле од прв момент: Тоа беше совршен старт.
На почетоците се сеќава со голема благодарност. За него, „Пивара“ била како во војска: станување рано наутро, секојдневно бричење, секогаш уреден и подготвен за работниот ден... Таму ја поставил основата на својот професионален пристап – ја научил вредноста на дисциплината, предизвиците на теренската работа, важноста од вистинското разбирање на пазарот, силата на тимската работа и, можеби најважното, умешноста за самомотивација.
Освен во Скопје, добивавме задачи и низ градовите во Македонија. Така ги запознав сите градови во земјава. Не постои град, ниту населено место каде што не сум бил и работел, се сеќава нашиот соговорник.

Виното инспирира и спојува
Откако тогашниот сопственик на „Пивара Скопје“ ја купил винарницата „Тиквеш“, Александар бил избран како најдобар од екипата и повикан да се приклучи во новата компанија за да ги постави темелите на дистрибуцијата и продажбата, да ѝ даде добар старт на една нова приказна. Се покажа дека сакам да работам со продукт што има повеќе емоција, приказна и култура. Со виното не само што продаваш, туку и инспирираш, спојуваш луѓе.
Во „Тиквеш“ почнал како продажен претставник и со текот на времето, благодарение на постигнатите резултати, добивал нови улоги и одговорности. Секоја позиција му отворала нова перспектива – нов начин на гледање на работата, на тимот, на пазарот... Од 2016 година е одговорен за повеќе пазари, но, како што истакнува, никогаш не престанал со учење. Напротив, учел континуирано – до ден-денес: Ги поминав сите обуки за продажба, менаџмент, лидерство, стратегии за извоз... Научив и албански да зборувам. Добив сертификат од обуката WSET (Wine & Spirit Education Trust), посетував различни сомелиерски обуки, а иако и самиот понекогаш предавам, сепак повторно се навраќам на учењето.
Во 2014 година Александар го добива првиот ангажман да работи за странски пазар, како супервизор за продажба во Србија. Тоа беше прв предизвик во странство, кој веднаш го прифатив. Сакав да покажам дека можеме да бидеме конкурентни и успешни и надвор од домашниот пазар. Сакав во Србија да го ископирам македонскиот модел на работа и поставеност.
Според него, за навистина да се разбере еден пазар, не е доволно само да се патува – мора да се биде присутен таму, дење и ноќе. Низ годините се преселувал таму каде што било потребно. Додека го развивал српскиот пазар, две години живеел во Ниш и девет месеци во Белград. Потоа една година живеел во Бар, Црна Гора, и уште една година во Драч, Албанија.
Само со автентично доживување на пазарот – преку секојдневие, контакти и навики, може вистински да се разберат луѓето и нивните преференции, и на тој начин да се изгради успешна стратегија, истакнува Александар.
На моменталната позиција тој е одговорен за продажбата и развојот на пазарите во Албанија, Косово и во Црна Гора. Во неговите моментални обврски како регионален менаџер се вклучени дистрибуцијата, комерцијалните стратегии, инвестициите во хорека-каналот, поддршката на дистрибутерите, адвертајзингот, маркетингот, буџетирањето иводењето тимови.
На прашањето како го доживува македонскиот пазар во споредба со пазарите на кои работи, Александар истакнува дека секој пазар носи своја уникатна култура на консумирање вино: Во Косово се бараат модерни стилови, во Црна Гора доминира премиум сегментот, во Албанија расте интересот за домашните брендови. Заедничко е што сите консументи бараат квалитет. Цената не е пресудна. Што се однесува до луѓето во балканскиве земји, по интензивната комуникација и интеракција со нив, сфатив дека во суштина меѓу нас нема разлики, освен јазикот.
За професионализмот, животот и за успехот
Александар признава дека одржувањето баланс меѓу динамичната работа и приватниот живот е еден од најголемите предизвици, особено кога тоа вклучува чести патувања и ангажман на различни пазари. Тоа што ми овозможува да го одржам тој баланс е безрезервната поддршка од мојата сопруга. Таа е мојата најголема сила – со разбирање, трпение и охрабрување ми помага да останам фокусиран и стабилен, и на работа и дома. Без неа, ова темпо и оваа посветеност не би биле можни.
Според него, најважните квалитети што треба да ги има една успешна личност се приспособливоста, одговорноста, истрајноста и искрената комуникација. Тој верува дека ги поседува тие особини, но истакнува дека секогаш работи на подобрување, особено во делот на делегирање.
На помладите колеги и на новите генерации тој би им препорачал да сфатат дека фразата ова не може постои само во нивните глави: Сѐ е остварливо, само треба да се раздели во чекори.Не плашете се од промени. Учете од секој пазар и од секој човек. И најважното – градете мрежа на познанства, негувајте ги тие познанства и развивајте доверба, а не само бројки.
Најголемиот професионален успех за Александар е што помогнал брендот „Тиквеш“ да изгради стабилно и препознатливо присуство на пазарите во Србија, Албанија, Косово и во Црна Гора. Успеавме да создадеме мрежа од лојални партнери и купувачи. Клучот на мојот успех е во посветеноста, разбирањето на пазарот „од терен“, тимската работа и во постојаната желба за учење.
На крајот од разговорот, го прашавме дали во некој момент размислувал дека донел погрешна одлука во својата кариера и ако би имал можност да промени некоја професионална одлука, која би била таа. Одговори и потврдно и одречно. Имаше моменти кога сум се прашувал дали одредени чекори биле правилни, особено кога преселбите беа чести и динамиката голема. Но, денес гледам дека секоја одлука, дури и тие што биле тешки, ме довела дотука. Можеби би забрзал одреден дел од развојот, но не би менувал ништо суштински – затоа што секој чекор беше дел од учењето и напредокот, заклучува Александар.