Кариерата не е ексел-табела во која однапред можете да ја оптимизирате секоја ќелија.
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Александар Мастиловиќ, експерт за дигитална трансформација, ВИ и сајбер-безбедност
Нашиот соговорник Александар Мастиловиќ не припаѓа на типичниот профил на професионалец чија кариера се движи по однапред поставена линија. Напротив, неговиот пат изгледа како логичен, но динамичен редослед на интереси што постојано се надградуваат: од математика и техника, преку академска работа, до регулаторни институции, меѓународни проекти и консалтинг.
Биографски податоци
Место на раѓање: Сараево, БиХ.
Тековно место на живеење и работа: Белград, Србија.
Образование: Магистер по технички науки, дипломиран инженер по електротехника, област телекомуникации.
Кариера:
Моментален ангажман:
Хоби: Патувања, спорт.
Без мапа, но со компас
Ако го прашате како почнало сè, ќе одговори едноставно и прецизно: Како дете не се разликував многу од денес. Само тогаш сè беше поедноставно. Сакав броеви, математика, техника и натпреварување. Ако немаше проблем за решавање, ќе го најдев.
Втората голема љубов на Александар била кошарката. Како и многу момчиња од Балканот, имал „стратешки план“ кој во тој момент изгледал како совршен бизнис-модел: математика, техника, кошарка и – американски колеџ: На крај, технологијата победи, но натпреварувачкиот дух од кошарката остана во секој мој проект.
Понекогаш најдобрата иновација е мала, прецизна интервенција што постојниот систем го прави подобар, без потреба сè да се гради од почеток.
Неговата кариера опфаќа академска работа, истражувања, регулаторни институции и меѓународни организации. На нашето прашање дали имал јасна визија дека неговиот професионален пат ќе го одведе кон технологија, дигитална трансформација и сајбер-безбедност, тој вели: Од почетокот немав мапа на кариерата, но имав компас. Тој компас секогаш покажуваше кон решавање конкретни проблеми, што во суштина е и опис на научната работа, за која долго бев убеден дека е мојот сигурен пат.
На почетокот од 21 век, како што вели, телекомуникациите биле тоа што денес е вештачката интелигенција – голема тема, големи ветувања и чувство дека светот се менува. Подоцна сфатил дека технологиите доаѓаат во бранови и дека секоја има своја деценија на експанзија. Една за телекомуникациите, друга за софтверот, трета за ВИ. Верувам дека по 2030 година сè повеќе ќе зборуваме за енергијата – и поради геополитиката и поради едно многу практично прашање: кој ќе ги напојува сите тие системи, од дата-центри за вештачка интелигенција до визијата за премин кон електрични автомобили.
Соработката меѓу академијата и стопанството е еден од најбрзите начини за модернизација на економијата. Ако факултетите произведуваат знаење, а компаниите пазарна вредност, логично е тие да седат на иста маса.
Неговиот премин од академијата во регулаторната сфера, а потоа во консалтинг, не значела напуштање на технологијата, туку премин од лабораторијата во реалниот свет. Во регулаторната работа научил дека нерегулираната технологија пуштена на пазарот не е бенефит, туку ризик.
Од академија до реален свет
Професионалниот пат на Александар почнува во родниот град: Не брзав со интернационализацијата. Напротив, имав малку романтична, но искрена идеја: не сакав да одам во светот, сакав светот да дојде во Сараево.
Неговата академска и истражувачка дејност на Универзитетот во Сараево почнува во време кога телекомуникациите, криптографијата и сајбер-безбедноста сè уште се формираат како дисциплини во регионот. Тогаш бевме во фаза кога учевме додека предававме. Немаше доволно литература, немаше локални примери, а индустријата веќе бараше знаење, се сеќава тој и нагласува дека најважната лекција од тој период е дека образовната програма не треба да се пишува според тоа што професорот знае да го предава, туку според она што студентите треба да го знаат за три до пет години: Не е срамота да се учи заедно со студентите – срамота е да се игнорира иднината и да им се ускрати на младите можноста да бидат конкурентни на глобалниот пазар на труд.
Академската работа го научила на дисциплина во размислувањето. Сфатил дека големите проблеми не бараат секогаш големи решенија. Понекогаш најдобрата иновација е мала, прецизна интервенција што постојниот систем го прави подобар, без потреба сè да се гради од почеток. Во академскиот свет постои една интересна вистина, иако ретко се кажува гласно: добриот докторат не мора да биде енциклопедија. Најголемата вредност често е во тоа сложена работа да се објасни јасно, кратко и применливо. Тоа денес е особено важно во бизнисот – менаџерите немаат време за теорија без последици, а во компактно објаснување секој збор носи информација.
Дигитализацијата на синџирите на снабдување, аналитиката на продажба, автоматизацијата на процесите и ВИ-алатките не доаѓаат сами по себе – потребни се луѓе што разбираат и технологија и реален бизнис-процес.
Паралелно со академската работа, следува и првиот контакт на Александар со приватниот сектор, преку одделот за компјутерски комуникации во компанијата „Елзас“. Тоа, како што вели, бил момент кога теоријата првпат се соочила со реалноста. Работата со приватниот сектор рано му покажала дека знаењето нема целосна вредност додека не излезе од кабинетот и лабораторијата. Таа соработка ја доживува како пионерски чекор, кој бил пред своето време. Соработката меѓу академијата и стопанството е еден од најбрзите начини за модернизација на економијата. Ако факултетите произведуваат знаење, а компаниите пазарна вредност, логично е тие да седат на иста маса. Тоа е особено важно за малопродажбата, логистиката и за FMCG-секторот. Дигитализацијата на синџирите на снабдување, аналитиката на продажба, автоматизацијата на процесите и ВИ-алатките не доаѓаат сами по себе – потребни се луѓе што разбираат и технологија и реален бизнис-процес.
Пресврт: глобална перспектива
Следува период на меѓународни истражувачки проекти, вклучувајќи го и ADVANTAGE, финансиран преку програмата FP7 на ЕУ. Во тој период се развиваат и технологиите што денес ги препознаваме како основа на 5G и интернет на нештата (IoT, Internet of Things).
Тоа беше суштинска промена на аголот на гледање: првпат фокусот не беше на човекот како корисник на повици и пораки, туку на комуникацијата меѓу машините и сензорските мрежи – тоа што денес го нарекуваме IoT. Сложеноста на тие задачи и секојдневната работа со колеги од целиот свет ми помогнаа да разберам како една технологија се движи од идеја до стандард и примена – и да ги препознам трендовите уште пред да станат јавно видливи.
Во тој период Александар престојува и како истражувач на универзитети во Австралија и во САД. Двете нови земји му ја промениле перспективата бидејќи се соочил со системи во кои помалку се разговара за процедурата, а многу повеќе за резултатот.
Кај нас најчесто прво прашуваме: Кој е надлежен?, а таму почесто се прашува: Што треба да се испорача и до кога? Бирократијата е значително помала – формалните процедури се работа на посебни служби, а истражувачот е целосно фокусиран на резултатот, кој мора јасно да се оправда и пред надредените и пред државните фондови што го финансираат.
Од 2017 година Александар интензивно е вклучен и во работата на организацијата IEEE преку различни одбори, проекти и глобални иницијативи. IEEE е најголемата професионална инженерска организација во светот (повеќе од 500.000 членови) и институција која, како што тој нагласува, стои зад многу технологии што секојдневно ги користиме, а не сме ни свесни за тоа. Нашиот домашен вај-фај, блутут и бројни други стандарди се дел од тоа семејство. Дополнително, IEEE управува и со најголемата база на рецензирани научни трудови и е централен авторитет во електротехничката струка.
Особена чест за мене беше тоа што во своите 30-ти години бев именуван во Управниот одбор за публикации – како убедливо најмлад член и претставник на најмалата земја на таа маса. Покрај мене седеше Винт Серф, креаторот на TCP-протоколот, човек директно заслужен за настанокот на интернетот, а денес еден од директорите на „Гугл“. Преку тој одбор поминуваа ректори и декани на „Стенфорд“ и „Принстон“, како и претставници на компании како „Интел“. Да седите на иста маса со имиња што веќе се дел од историјата на технологијата – многу брзо ви го намалува егото, но ја зголемува амбицијата.
Најголемата вредност од тоа искуство за Александар не била само техничка. Сфатил колку е важно да се разбере пазарот и исплатливоста на технологијата во примена. Понекогаш решението е одлично, но времето е погрешно. Како пример го наведува блокчејн: технолошки релевантен, но моментално во сенка на еуфоријата околу ВИ.
Понатаму, работата во Регулаторната агенција за комуникации на БиХ му носи ново професионално ниво – од технички инженерски пристап кон системско размислување. Таму најпрвин работи како советник на генералниот директор, а потоа и како директор на Секторот за телекомуникации. Работата во регулаторниот сектор го научила дека технологијата не е добра само затоа што е нова.
Како инженер, природно ја гледате технологијата афирмативно – што сè може да унапреди, забрза и поврзе. Но, регулаторот мора да постави и други прашања: дали е безбедна, дали пазарот е фер, дали корисникот има заштита, колку безжичните мрежи смеат да зрачат, дали инфраструктурата му служи на јавниот интерес.
Според Александар, секоја сериозна технолошка одлука има три страни: техничка, бизнис и регулаторна. Ако една недостига, проектот подоцна скапо ја плаќа цената. Токму тоа и ме одведе во меѓународен консалтинг, каде што со поддршка на агенции на ОН, како што е Меѓународната унија за телекомуникации, ги советувам другите регулатори и компании како да ги помират тие наизглед непомирливи страни.
Секоја сериозна технолошка одлука има три страни: техничка, бизнис и регулаторна. Ако една недостига, проектот подоцна скапо ја плаќа цената.
Денес тој е ангажиран на проекти за дигитална трансформација и сајбер-безбедност во рамките на УНОПС (Канцеларија за проектни услуги на ОН) за земјите од Западен Балкан. Тоа значи соработка со влади, министерства, агенции и јавни претпријатија во регионот за проекти што не се секогаш веднаш видливи, но долгорочно ги менуваат капацитетите на институциите. Во тој контекст се спроведуваат активности како дигитализација на јавни услуги, модернизација на инфраструктурата (од телекомуникации до сообраќај), поддршка на образованието преку програмата „Интернет во секое училиште“, дигитализација на здравството и зајакнување на сајбер-безбедноста.
Тие проекти не се спринт. Понекогаш ни по една година не гледате спектакуларен резултат, но знаете дека се гради темел. Притоа, најголемиот предизвик на Западен Балкан не се само парите. Поголем предизвик е институционалниот капацитет – доволно луѓе, знаење и процеси за добрата идеја да се претвори во одржлив систем. Затоа истовремено работиме и на зајакнување на локалните институции, за да можат самостојно да водат слични проекти.
За професионализмот, животот и за успехот
Александар признава дека во тоа динамично темпо балансот меѓу професионалниот и приватниот живот е постојан предизвик, особено кога работата е географски мобилна.
Луѓето често гледаат фотографии од аеродроми, конференции и убави градови, па велат: Блазе си ти, постојано патуваш. Но, едно е да дојдете во Рим, Скопје, Виена или Барселона како турист, а сосема друго е да ги видите аеродромот, хотелот, салата за состаноци и таксито назад до аеродром, вели тој и додава дека сепак, патувањата се привилегија преку која запознал многу луѓе, култури и пазари.
Неговиот совет до младите професионалци е да не го чекаат совршениот миг бидејќи тој најчесто не доаѓа: Ако ви се укаже добра можност, прифатете ја – нема веднаш да знаете каде ќе ве однесе. Некои од најважните работи во мојата кариера не биле дел од голем план, туку последица на тоа што сум рекол „да“ на предизвик што ме поттурнал од зоната на комфор. А секој голем успех се наоѓа надвор од таа зона, прашањето е само дали имаме храброст да ја напуштиме.
Според Александар, иако постојат уште некои микроцели и соништа што го туркаат напред, тој сепак е задоволен од балансот меѓу приватниот и професионалниот живот и не би дошол во ситуација да го жртвува едното за сметка на другото.
Негов најголем успех смета дека е постигнатото чувство на задоволство и отсуството на каење, па дури и на љубомора кон тие што постигнале повеќе. Тоа силно влијае врз карактерот и врз способноста да изградите искрени и квалитетни односи, и приватно и професионално.
Тој нагласува дека не мисли оти досега донел погрешна одлука и е горд на тоа. Познава многу колеги што постојано се преиспитуваат и носат чувство на каење. Грешки имало и ќе ги има, но тој ги доживува како лекции, а не како неуспеси.
Често велам дека кариерата не е ексел-табела во која однапред можете да ја оптимизирате секоја ќелија. Донесувате одлука, животот додава неколку непознати променливи, пазарот ги менува правилата на игра – и потоа гледате од што сте направени. Теоријата на хаос вели дека и најмал замав на крилјата на една пеперутка може на другиот крај од светот да предизвика бура. Секој чекор што сум го поминал ме доведе токму тука каде што сум денес, и затоа не би менувал многу.
На крајот од разговорот тој вели дека неговата порака до луѓето од бизнис-секторот, особено од малопродажба, логистика и синџири на снабдување, е едноставна: дигиталната трансформација не е ИТ-проект, туку бизнис-одлука. Кој порано ќе го разбере тоа, ќе има предност. Кој ќе го одложува, ќе го плати поскапо.
На крајот на краиштата, мислам дека токму таа енергија ме доведе и во Скопје на Supply Chain Summit, и отвори простор за соработка со вас. Ова интервју е дел од препознаениот ентузијазам и оптимизам дека заедно можеме да придонесеме за развојот на нашите економии, а со тоа и на секторите за логистика и синџирите на снабдување, кои се од суштинско значење за напредокот, заклучува Александар.