
Развојот низ работата, тимовите и колегите ја обликуваше оваа професионална авантура во искуство што исполнува, но и обврзува.
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Илија Лазовски, менаџер за развој на бизнис во „Хенкел“
Од првите чекори во FMCG-индустријата со глобални брендови, преку различни менаџерски улоги во дистрибуција и интернационален бизнис, па сè до денешната позиција во „Хенкел“, нашиот соговорник Илија Лазовски гради кариера исполнета со динамика, предизвици и континуиран развој. Во разговорот што следува тој споделува искуства, научени лекции и вредности што стојат зад неговиот повеќегодишен успех.
Биографски податоци
Датум и место на раѓање: 28 октомври 1981 година, Неготино.
Образование: Дипломски студии по бизнис-администрација и економија на Американскиот универзитет во Бугарија (АУБГ); постдипломски студии MBA во финансии на Универзитетот „Шефилд“.
Кариера:
Моментална функција:
Менаџер за развој на бизнис во „Хенкел“ (од ноември 2016 година).
Хоби: Пишување поезија, прошетки, музика и филм.
Брачна состојба: Оженет, две деца.
Влез во динамичниот свет
За разлика од повеќето врсници, Илија како дете немал јасен план за тоа која би била неговата професија. Единствено што знаел е дека сака да биде среќен и исполнет во работата. На почетокот од кариерата, како што вели, ни на сон не можел да претпостави дека ќе изгради толку разновиден и динамичен професионален пат.
Кога се вработив, веднаш по дипломирањето, ми се отворија врати на еден нов динамичен свет во кој секој ден беше ново искуство кое сѐ уште трае, повеќе од 20 години. Развојот низ работата, тимовите и колегите ја обликуваше оваа професионална авантура во искуство што исполнува, но и обврзува, вели тој.
Одговорностите и обврските се обемни, но на крајот на краиштата, сѐ се сведува на остварување на зацртаните цели и планови.
Почетоците на кариерата на Илија датираат од 2005 година, со ангажман во „П & Г“. Како што вели, првото вработување било резултат на исцрпен процес на тестови и интервјуа. Со „П & Г“ влегува во светот на FMCG-индустријата и практично станува дел од една голема мрежа на брендови, категории, маркети и дистрибутери од целиот Балкан. Ова искуство беше проткаено со многу учење, обуки и патувања, преку кои ги вградив моите принципи и вредности како личност. За мене, ова беше динамичен период во кој ги поставив темелите за тоа што значи професионален менаџер и запознав многу луѓе со кои и денес сум во приватен или професионален контакт. Тука ги научив основите на тоа што значи работа во мултинационална компанија со глобални брендови.

Во 2011 година тој станува дел од тимот на „Нелт СТ“, што според него било логичен избор како дистрибутивен партнер на „П & Г“, чие македонско претставништво во меѓувреме згаснало. Во оваа компанија имал можност да продолжи да гради знаење од една поинаква перспектива низ призмата на дистрибуцијата и теренската работа. И, секако, да го примени веќе стекнатото искуство. Позицијата подразбирала работа со тимови и луѓе, за која сфатил дека се потребни специфични знаења и вештини.
По искуството стекнато во „Нелт“ следува нов професионален предизвик. Преземајќи ја улогата на комерцијален менаџер во „Перминдекс“, нашиот соговорник ја проширува одговорноста кон управување со продажбата, развој на нови пазари и остварување финансиски резултати. Промената, како што вели, произлегла од потребата за понатамошен раст и надградување. Бев дел од еден динамичен тим, во кој бев одговорен за соработката со дистрибутерите во Македонија, Србија и БиХ, како и за повеќе од 20 извозни пазари. Тука научив што значи саемско претставување на македонски производ во многу земји, кој допрва се пробиваше на меѓународната сцена. Оваа индустрија беше сосема поинакво искуство од класичниот FMCG. Гордо ја претставувавме Македонија во светот.
Водењето тимови е една од најпредизвикувачките, но истовремено и најисполнувачки задачи за еден менаџер.
Посветеност до најситниот детаљ
Од ноември 2016 година почнува нова фаза во кариерата на Илија во рамките на компанијата „Хенкел“, како менаџер за развој на бизнис. Со оваа промена тој повторно се враќа во FMCG-индустријата, каде што добива можност да ги примени сите дотогаш стекнати знаења и искуства во една сеопфатна и одговорна позиција. Во соработка со дистрибутерските тимови, одговорен е за македонскиот пазар, управувајќи со портфолио од повеќе од 400 производи во десетина категории. Вклученоста во сите клучни аспекти на бизнисот – од продажба и логистика до маркетинг и финансии – му овозможува да изгради длабоко разбирање за менаџирањето на процеси и луѓе. Со поддршка од колегите од „Хенкел“ и партнерските дистрибутери, секојдневно се справува со предизвиците на пазарот, обезбедувајќи квалитетни брендови за потрошувачите на македонскиот пазар.

Одговорностите и обврските се обемни, но на крајот на краиштата, сѐ се сведува на остварување на зацртаните цели и планови. Преку порастот на брендовите расте и бизнисот на нашите дистрибутери, партнери на пазарот. Позицијата сама по себе е уникатна бидејќи е линк меѓу пазарот и производителот, меѓу понудата и побарувачката. Кога некој ме прашува што точно работам, станува сѐ потешко да се даде едноставен и краток одговор. Многу елементи се проткаени во позицијата што го носи товарот за целиот бизнис на „Хенкел“ на нашиот пазар и која изискува голема енергија и посветеност до најситниот детаљ.
Водењето тимови го смета за една од најпредизвикувачките, но истовремено и најисполнувачки задачи за еден менаџер. Во текот на својата работа имал можност да организира многубројни обуки, тим-билдинзи и секојдневни активности насочени кон пренесување знаења, мотивација и енергија. Како дел од тимот на „Хенкел Адриатик“, забележува и сличности и суптилни разлики во начинот на работа меѓу земјите од регионот, од Словенија до Македонија. Според него, на крај сè се сведува на искрен човечки однос, при што ефикасната тимска работа е најдобриот механизам за постигнување успешни резултати.
За професионализмот, животот и за успехот
Според Илија, за која било позиција клучно е доброто домашно воспитување. Вели дека оттука произлегуваат многу вредности без кои еден професионалец не може да функционира. Теоретското знаење и дипломите, како што истакнува, се важни, но кога тоа треба да се примени во реалноста, на површина излегуваат вистинските квалитети на еден човек. На прашањето кои особини се неопходни за успешно извршување на неговата позиција, како и во која мера ги препознава кај себе и што би променил, тој вели дека верува оти најдобра процена за тоа можат да дадат луѓето од неговата околина, кои најдобро ги гледаат и силните страни и слабостите.
На младите професионалци што сакаат да изградат динамична кариера во продажба и развој на бизнис, тој им порачува: Бидете упорни во секој потфат, верувајте во своите идеи и квалитети и не дозволувајте општеството да ве задржи назад. Замислете какви би сакале да бидат работите околу вас (а не како се сега) и водете се со таа идеја низ животот. Однесувајте се онака како што очекувате другите да се однесуваат. Градењето односи со луѓето е клучно за долгорочна соработка во која било сфера.

Пред крајот на разговорот тој вели дека неговите очекувања од работата, и воопшто од кариерата се исполнети и континуирано остануваат да се исполнат. Мило ми е што успеав дома да изградам кариера со сопствен напор и залагање. На половина од работниот век, среќен сум што можам да кажам дека се чувствувам како допрва да почнувам.
Додава дека можеби ќе звучи како клише, но верува дека неговиот најголем успех е што изградил паралелно и кариера и семејство. Клучот на успехот се истрајноста, дисциплината и посветеноста. Тоа се основни етички и морални вредност за каков било потфат.
На прашањето дали во некој момент од кариерата се запрашал дали донел погрешна професионална одлука и која одлука би ја променил доколку би можел, Илија вели дека не размислува на тој начин. Наместо тоа, истакнува дека е благодарен за сè што досега постигнал и научил, како и за тоа што е здрав и има изградено дом и семејство кое му дава неисцрпна енергија и поддршка, нагласувајќи дека токму тоа за него е најважно во животот.