
Поддршката треба да биде насочена, а не универзална. Само така парадоксот на полните кафеани и празните паричници ќе се разбере во вистинска смисла како комплексна економска слика, а не како едноставна медиумска приказна.
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Пишува: Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија и генерален извршен директор на „ГС1 Македонија“
Почнувајќи од 2022 година, јавниот дискурс постојано се навраќа кон „вечните“ теми за цените, трошоците за живот и стандардот на граѓаните. Насловите на медиумите станаа предвидливи: „народот едвај врзува крај со крај“, „скопотијата притиска“, „кризата не престанува“. Но, паралелно со тоа, секојдневната слика изгледа поинаку: кафеаните и рестораните се полни, без разлика дали е работен ден или викенд, а маркетите бележат сè поголем промет.
Ова отвора прашање: дали навистина сме во некаква економска агонија или, пак, постои елемент на парадокс, па дури и на преувеличување?
Парадокс или селективна перцепција?
Најпрво, важно е да се направи разлика меѓу реалноста и перцепцијата. Да, постојат сегменти од населението за кои економската состојба е драматично тешка, особено семејства со ниски приходи, самохрани родители, пензионери со минимални пензии и слично. Но, медиумските наративи често од таа слика прават општ заклучок, како целиот народ да живее под истиот притисок.
Во исто време, постои и друг дел од општеството кој има доволно расположлив приход за редовни излегувања, патувања и потрошувачка на луксузни производи. Тоа не е нов феномен: дури и во време на кризи, делови од економијата цветаат. Прашањето е зошто едната слика често ја брише другата?
Вистината е поделена: еден дел од општеството навистина се бори со секојдневието, друг дел живее во паралелна економска реалност со стабилна потрошувачка
Улогата на статистиката
Во последните речиси две години статистиката бележи нагорен тренд на малопродажбата. Тоа е објективен показател дека потрошувачката не се намалува, туку дури и се зголемува. Ако беше обратно, кафеаните ќе беа празни, а прометите во маркетите би паѓале. Дополнителна индикација е континуираниот пораст на депозитите на граѓаните во банките.
Универзални мерки - скапа заблуда
Како реакција на „тешката состојба на народот“, државата во изминативе години пристапи кон примена на општи мерки: замрзнување на цени и маржи на потесни или пошироки групи производи. На прв поглед тоа изгледа како солидарен потег. Но, во суштина, таквите мерки им овозможуваат и на оние со високи примања да купуваат поевтино, додека фискалниот товар паѓа врз економијата и буџетот.
Резултатот е двоен: прво, се намалуваат даночните приходи, што пак го ограничува капацитетот на државата да финансира здравство, образование или инфраструктура. Второ, се испраќа сигнал дека опфатот на државната интервенција се проширува и таму каде што тоа не е нужно, што создава култура на зависност наместо насочена поддршка.
Фокус кон оние што навистина имаат потреба
Повеќе од кога било е потребна селективна и таргетирана поддршка. Речиси никаде минималната плата сама по себе не е поставена да ги покрие „сите потреби за живот“ на цело семејство, па и две минимални плати често не се доволни кога има кирија и деца. Затоа повеќето држави ја „дополнуваат“ минималната заработка со детски додатоци, даночни олеснувања и субвенции (особено за домување и грижа), за домаќинствата со ниски приходи да можат да функционираат. Таквиот пристап е поефикасен и пофер бидејќи обезбедува заштита таму каде што навистина постои ризик од сиромаштија.
Со тоа, останатиот дел од економијата може да функционира без дисторзии. Цените ќе ги одразуваат реалните пазарни услови, а конкурентноста ќе остане жива.
Заклучок
Вистината е поделена: еден дел од општеството навистина се бори со секојдневието, друг дел живее во паралелна економска реалност со стабилна потрошувачка.
Задачата на државата и на јавноста е да направи разлика меѓу овие две слики. Поддршката треба да биде насочена, а не универзална. Само така парадоксот на полните кафеани и празните паричници ќе се разбере во вистинска смисла како комплексна економска слика, а не како едноставна медиумска приказна.