
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Овој текст не е приказна за успех: такви приказни има доволно во понеделник. Ова е обид еден приватен проблем да се постави како деловен: зошто луѓето кои професионално живеат од метрики, рокови и повратни информации систематски ја занемаруваат единствената „позиција“ во животот која нема ниту еден од тие механизми? Пишувам од лично искуство, како татко на три сина и човек кој паралелно градел кариера и компанија, но ќе се трудам помалку да зборувам за чувствата, а повеќе за механиката на проблемот.
Пишува: Никола Јеремиќ, коосновач, извршен директор и главен консултант на „Експерт груп“
Тезата е едноставна: работата секоја недела ти кажува каде стоиш. Детето не испраќа извештаи. На работа главно брзо добиваш повратна информација: приход, рок, процент, ескалација. Кога нешто ќе запоставиш, системот те предупредува, јасно и навреме. Родителството го нема тој систем. Детето не закажува состанок за да ти каже дека оваа година си бил отсутен; едноставно престанува да те бара, почнува важните работи да му ги кажува на другиот родител. Работата е погласна не затоа што е поважна, туку затоа што знае да бара. Во економска смисла: таму каде што нема мерење, нема ни аларм, па дефицитот расте полека и тивко.
Мојот случај е учебнички пример. Три сина: Аќим (го добив на 25 години), Лука (на 27), Виктор (на 33), роден два дена откако ја основав компанијата. Во тие денови еден искусен стопанственик ми рече: „Првите три години се најтешки. А семејството? Семејството секогаш трпи.“ Се покажа како точно на начин што тогаш не го разбирав: првите три години на Виктор се совпаднаа со „трите најтешки години“ на компанијата, и во таа битка за моето време компанијата почесто победуваше. За постарите двајца, на иста возраст, бев несразмерно поприсутен. Чиста илустрација на тезата: ресурсот (времето и вниманието) отиде таму од каде што пристигнуваа алармите.
Присуството на таткото не е сентиментална категорија, туку мерлива варијабла. Но науката тука кажува нешто понеудобно од она што обично се цитира. Најпознатата студија за родителското време (Milkie и соработници, Journal of Marriage and Family, 2015) покажа дека количината на време што мајките го поминуваат со децата на возраст од 3 до 11 години не предвидува ништо: ниту однесување, ниту емоции, ниту успех во училиште. Ефектот се појавува дури кај тинејџерите, и тоа само кај ангажираното време: заедничка активност, разговор. Значи, пораката не е „поминувајте повеќе часови со децата“. Пораката е построга: часовите воопшто не се евидентираат, се евидентира само времето во кое си целосно присутен. Сè друго е фикус на состанок: присутен, а не учествува. Кај татковците е слично: прегледот на 24 лонгитудинални студии (Sarkadi и сор., Acta Paediatrica, 2008) ја поврзува активната вклученост на таткото со мерливо подобри исходи во 22 од нив, и тоа дури и кога се споредуваат семејства со слични приходи и образование, значи не станува збор за пари. Својот дел од оваа статистика го видов на одморот ова лето: првите денови раката оди кон телефонот од чиста навика, а не од потреба. Присуството, се чини, е вештина што зарѓува кога не се вежба.
И трето, за да бидам целосно фер, бидејќи и тука постојат податоци: оваа тема не е родово симетрична. Економската литература доследно ја бележи „казната за мајчинството“, од 4 до 12 проценти пониски заработки по дете во класичната анализа на Будиг и Ингланд, додека татковците во просек добиваат „бонус за татковство“. Истражувањата на Корел покажуваат и зошто: работодавачите ги оценуваат татковците како најпосакувани вработени, а мајките како најмалку посакувани, при исти квалификации. Преведено: на мајката општествено не ѝ се простува отсутноста од дома, а нејзината присутност економски се казнува. За мене, како татко, отсутноста од дома дури и ми помагаше во кариерата.
Што да правиме со сето ова во понеделник, на почетокот на работната недела? Предлогот е проблемот да го третираме со алатките што веќе ги познаваме. Прво: она што не се планира, не се случува, па запиши го присуството во календарот како и секој состанок, со тоа што „состанокот“ се смета само ако телефонот е со екранот надолу. Второ: мери го ангажираното време, а не вкупното: еден вистински разговор во автомобилот вреди повеќе од попладне поминато во иста просторија. Трето: сметај на одложен поврат на инвестицијата, бидејќи повратната информација пристигнува по десет години, во форма на возрасен човек.
Затоа што децата навистина не испраќаат извештаи. Но еден ден ќе му раскажуваат некому како било да растат покрај нас. Тоа е единствениот извештај што се пишува со години, а не може да се дотерува пред deadline.
Извори: Milkie, Nomaguchi и Denny, „Does the Amount of Time Mothers Spend With Children or Adolescents Matter?“, Journal of Marriage and Family (2015); Sarkadi и сор., „Fathers' involvement and children's developmental outcomes“, Acta Paediatrica (2008); Budig и England, „The Wage Penalty for Motherhood“, American Sociological Review (2001); Correll и сор., „Getting a Job: Is There a Motherhood Penalty?“, American Journal of Sociology (2007).