
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Последниве години забележувам една интересна појава. Без разлика дали разговарам со сопственик на компанија, менаџер, продавач или млад претприемач, речиси секогаш добивам исто прашање: „Што прави конкуренцијата?“. Кои им се цените? Каква кампања имаат? Како продаваат? Што објавуваат на социјалните мрежи?
Пишува: Петар Лазаров, Brand, Sales & Business Detective, Strategic Avant-gardist
Прашањето само по себе не е погрешно. Напротив, секој сериозен бизнис треба да ја познава својата конкуренција. Но, почнав да забележувам нешто друго. Кај многу компании, конкуренцијата повеќе не е информација. Таа станува опсесија. А кога ќе стане опсесија, почнува да ја диктира стратегијата.
Пред неколку дена налетав на едно видео од Питер Тиел, коосновачот на PayPal:
„Competition is for losers.“ Првата реакција ми беше: „каква глупост.“ Звучи арогантно. Па зарем конкуренцијата не е двигател на напредокот? Но, кога го прочитав неговото објаснување, сфатив дека не зборува против конкуренцијата. Зборува против копирањето.
И тогаш ми стана јасно дека можеби најголемата грешка што ја правиме во бизнисот не е што губиме од конкуренцијата. Најголемата грешка е што толку многу ја следиме, што полека стануваме нејзина копија. Без свој личен идентитет и карактер.
Од најрана возраст сме воспитувани дека животот е натпревар. За оценки. За факултет. За работа. За плата. За позиција. За статус. Постојано ни повторуваат дека треба да бидеме подобри од некого. Ретко кој нè учи дека можеби е поважно да бидеме свои и да бидеме поинакви.
Истото се случува и во бизнисот. Едни компании секој ден се прашуваат: „Што прави конкуренцијата?“ Други се прашуваат: „Што им треба (кој проблем) на луѓето, а никој не го нуди (решава)?“ Разликата изгледа мала, но создава две сосема различни компании. Првата реагира. Втората креира.
Во повеќе од дваесет години работа со различни брендови и бизниси, сум видел компании што биле опседнати со секој чекор на конкуренцијата. Ги следеле нивните цени, реклами, производи, попусти и промоции. Секоја нивна одлука била реакција на туѓ потег. Но, ако цело време реагираш, тогаш не ја водиш играта. Некој друг ја води.
Во исто време, компаниите што оставиле најголема трага речиси никогаш не победиле затоа што биле „малку подобри“. Победиле затоа што биле доволно различни за луѓето да ги запаметат.
Истото важи и за луѓето. Некој цел живот се труди да биде подобар од колегата.
Некој друг гради свој стил. Свој пристап. Свој начин на размислување. Првиот се натпреварува. Вториот создава своја категорија.
Токму затоа, низ годините, си создадов едно едноставно правило што денес е дел од секој процес на брендирање или развој на бизнис на кој работам: „Шокирај го системот.“
Не со скандали. Не со евтини провокации. Туку со храброст да бидеш поинаков.
Подобро е да те запомнат затоа што си се осмелил да размислуваш различно, отколку да те заборават затоа што си размислувал како сите други. Денес луѓето секојдневно гледаат илјадници пораки. Мозокот автоматски филтрира сè што веќе го видел. Ако звучиш како сите други, изгледаш како сите други и се однесуваш како сите други, тогаш стануваш невидлив.
Најголемиот ризик денес не е да згрешиш. Најголемиот ризик е никој да не забележи дека постоиш.
Затоа, следниот пат кога ќе се запрашате: „Што прави конкуренцијата?“, обидете се да поставите едно поинакво прашање: Што можам да направам јас, што никој друг не го прави? Можеби токму таму започнува вистинската конкурентска предност.
Не кога ќе ја победите конкуренцијата. Туку кога ќе престанете да личите на неа.