
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Работејќи на развој на нови прехранбени производи, многу често знам да си го поставам следново прашање: „Дали ова е следниот краткотраен тренд или е само почетокот на нова група производи кои ќе ја сменат насоката на пазарот?” Одговорот на ова прашање никогаш не е едноставен, и не може да се одговори со да или не. :)
Пред десетина години, протеинските производи беа наменети и резервирани строго за билдерите и професионалните спортисти. Денес, протеинските производи се дел од секојдневната рутина на голем број луѓе.
Ако погледнеме назад низ годините, многу од производите што денес ги сметаме за наше секојдневие, на почетокот биле дочекани со сомнеж и недоверба. Протеинските барови, млекото и млечните производи без лактоза, колачињата без додаден шеќер, колачињата со намалена содржина на шеќер, колачиња збогатени со растителни влакна, колагенските производи и различни растителни алтернативи - сите овие производи се почнати како некаков глобален тренд, а денес се дел од полиците на сите маркети и дел од секојдневните навики на крајните консументи.
До пред една деценија, најважните критериуми при изборот дали некој ќе го купи крајниот производ или не, беа вкусот, цената и препознатливоста на брендот. Со влегување на миленијалците, а потоа и генерација З, на сцената во активни потрошувачи, се промени начинот на кој се купува храна и критериумите според кои прехранбениот производ се оценува. За поновите генерации, храната покрај тоа што е средство за задоволување на гладот е дел од грижата за здравјето и дел од животниот стил. Сè повеќе се читаат декларации, потрошувачот го анализира нутритивниот состав, калориската вредност и бара производ што покрај добар вкус има и некаква функционална придобивка - производ збогатен со витамини, производ со помала содржина на шеќер, производ што содржи повеќе растителни влакна, повеќе протеини... поради оваа причина, функционалноста на крајниот производ станува еден од најважните двигатели во прехранбената индустрија.
Следењето на глобалните трендови не треба да се сфати како следење на мода, туку како инвестиција во иднината на секој производител. Според мене, најголема заблуда е дека следењето трендови значи копија на нешто што веќе постои. Баш напротив. Вредноста на еден производ е во разбирањето на причините зошто тој тренд се појавил. Дали потрошувачите бараат опции за поздрави производи? Дали сакаат да внесат повеќе протеин во исхраната? Дали сакаат да си го олеснат секојдневието и да потрошат помалку време во подготовката на оброците?
Иновативниот производ почнува во моментот кога имаме пристап до одредени информации. Следењето на нови научни истражувања, посетата на меѓународни саеми и анализата на пазарот се подеднакво важни како и рецептурата на производот и користењето квалитетна суровина при самото производство. Производителите кои навреме ги следат и препознаваат глобалните трендови имаат можност да истражуваат, тестираат и да пласираат производ кој ќе биде релевантен кога побарувачката на истиот производ ќе стане масовна. Но, тука постои уште еден важен аспект кој треба да се земе предвид - не секој тренд треба слепо да се пренесе на локалниот пазар.
Секоја земја има свои навики, свои вкусови, различна куповна моќ и културолошки специфики. Успешните компании не ги копираат слепо производите, туку прават адаптација на глобалните трендовски производи. Ги препознаваат идеите што имаат потенцијал и ги обликуваат според потребите на пазарот и своите таргет потрошувачи. Вистинската конкурентска предност се крие во способноста да се препознае што е универзален тренд, а што е минлива мода на еден производ. За еден производ да стане успешен нема ништо случајно, позадинскиот процес е исполнет со месеци (а понекогаш и години) анализирање, следење, развој и тестирање.
На крајот, прашањето повеќе не е „Дали треба да ги следиме светските трендови?”. Самите трендови не ни кажуваат што треба или мора да се произведува. Трендовите ни покажуваат каде ќе биде пазарот утре.