
Зад тие 80 години стојат традицијата и континуираниот квалитет на производите, како и стремежот да бидеме сè подобри и иновативни.
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Нашиот соговорник, Горан Медиќ, моментално е на позицијата генерален директор на компанијата „Фруктал“, со седиште во Ајдовшчина, Словенија. Како искусен менаџер, со претходно искуство во компании и организации како што се „Слопак“, Бизнис-здружението на Словенија и Србија – БАСС, „ИТМ груп“, успешно ја води словенечката „Фруктал“ повеќе од една декада. Поседува широк спектар на вештини кој опфаќа управување со продажба, маркетинг-стратегии, FMCG-сектор, маркетинг-менаџмент, стратешко планирање и други области. Во интервјуто за InStore тој зборува за јубилејот на компанијата, нејзиниот развоен пат, актуелниот фокус и за плановите за понатамошен развој.
Разговараше: Милица Милутиновиќ, milica@instore.rs
Годинава „Фруктал“ го одбележува 80. јубилеј. Како ќе ги сумирате најважните моменти во историјата на компанијата и што сметате дека е најголемото достигнување?
Fructal е еден од најпрепознатливите и најценети брендови на поранешна Југославија, со богата традиција и силна емоционална врска со потрошувачите. Во текот на осумте децении постоење компанијата изгради репутација како синоним за квалитет, природно и иновативно – вредности што ги негуваме и денес. Еден од клучните моменти во поновата историја на „Фруктал“ беше, секако, влезот во составот на домашната групација „Нектар“ во 2011 година. Тоа дополнително ја засили нашата позиција на пазарот и отвори нови можности за развој. Денес производите на „Фруктал“ се извезуваат на сите континенти, а брендот останува лидер во категоријата овошни сокови и напивки во земјите на поранешна Југославија. Нашето најголемо достигнување е што успеавме да ја задржиме лидерската позиција во текот на сите овие години и да останеме доследни на нашите вредности, особено во очите на потрошувачите. Континуирано вложуваме во фабриката и во иновации, со цел да ја задржиме таа позиција и да ја подобриме нашата понуда преку нови, современи производи што ќе ги задоволат потребите на пазарот.
Колку е тешко да се зачуваат традицијата и вредностите на брендот во услови на сè поголема конкуренција и промени на пазарот?
Имаме чест и привилегија што сме една од ретките компании во регионот што ја одбележуваат 80-годишнината од постоењето. Зад тие 80 години стојат традицијата и континуираниот квалитет на производите, како и стремежот да бидеме сè подобри и иновативни. Нашата сила лежи првенствено во луѓето, кои со своето знаење, посветеност и труд овозможуваат нашите брендови да бидат најпродавани во своите категории, не само во Словенија, туку и во регионот. Кога толку многу години сè што правите се темели на вредностите на компанијата и нејзините брендови, всушност, градите заедница и доверба со нејзините припадници. Промени на пазарот секогаш ќе има, а ние како компанија мора да бидеме подготвени да одговориме на нив во реално време и континуирано да се приспособуваме.
Да се вратиме на актуелните проблеми... Откупот на овошје е актуелна и секогаш чувствителна тема за производителите. На кој начин „Фруктал“ соработува со локалните овоштари и кои се мерките што ги преземате за соработката да биде стабилна и одржлива?
Имаме тесна и долгорочна соработка со локалните овоштари, откупувајќи ги практично сите количества овошје што се достапни во Словенија, вклучувајќи јаболка, праски и крушки. Веќе долго време „Фруктал“ е најголем откупувач на словенечко овошје, а таа позиција дополнително ја зајакнавме со лансирањето на производот Fructal Superior, направен исклучиво од словенечки јаболка. За да ја сочуваме стабилноста и одржливоста на оваа соработка, активно ја поддржуваме локалната производствена активност. На пример, учествувавме во обновата на засадите на праски во Випавската Долина и развивме посебни производи од ова овошје, со карактеристичен дизајн и јасна комуникација со потрошувачите. Овошјето се откупува по поволни цени и „Фруктал“ редовно го презема целокупното достапно количество од производителите, што дополнително ги поттикнува обновата и развојот на локалните овоштарници. Овоштарите со кои соработуваме ја оценуваат оваа практика како клучна за опстанокот на нивните фарми и нагласуваат дека им е особено важно што имаат сигурен и долгорочен партнер. Дури и во предизвикувачките години, како што беше 2023, кога поради временски непогоди беше уништен целиот принос на праските од Випава, „Фруктал“ продолжи да откупува големи количества домашно овошје. Во 2024 година откупивме повеќе од 1.676 тони словенечко овошје. Овој пристап покажува сериозна посветеност и поддршка на локалните производители и одржување на стабилноста во синџирот на снабдување.
Дестилеријата во Дуплица зазема важно место во производствениот процес на компанијата. Какви се плановите за нејзино унапредување и во која мера таа придонесува за развој на нови производи?
Дестилеријата е многу важен дел од нашите производствени процеси и имаме големи планови за неа. Годинава почнавме процес на уредување на просторот, екстериер и ентериер, за да ги отвориме вратите во првиот квартал на 2026 година. Иако „Фруктал“ традиционално се поврзува со сокови, нашето портфолио на алкохолни пијалаци заслужува внимание и има голем потенцијал за понатамошен пораст. Планот е да го претставиме на соодветен начин и да стекнеме нови бизнис-партнери и потрошувачи. Имаме многу да покажеме и понудиме, но да не зборуваме премногу однапред. Овој развоен период подразбира и развој на нов идентитет на брендот, кој преку дестилеријата во Дуплица ќе обедини цело портфолио. Во план е лансирање на две нови ограничени изданија – традиционалниот Brinjevec и Pelinkovec со цитрус, со цел да го одбележиме и прославиме годинешниот јубилеј.
Кои иновации моментално ги развивате и кој сегмент планирате да го унапредите во наредниот период?
Нашите активности, во најголема мера, ги следат условите на пазарот. Се соочуваме со новата регулатива и акцизи што се одразија врз перформансите, но очекуваме стабилност и значителен резултат до крајот на годината. По повод големиот јубилеј, ќе ја претставиме специјалната роденденска верзија на енергетскиот бар Frutabela Birthday Cake. Во завршна фаза сме на подготовката за лансирање два производи во ограничена серија – Brinjevec и Pelinkovec. Ги следиме промените во консумацијата, па дефинитивно во следниот период ќе се фокусираме на сегментот жестоки алкохолни пијалаци, како што се вотката и ликерите. Во тој контекст, веќе работиме на подготовка на нови производи и на нови големини на пакувањата на постојните производи, за да покриеме поширок спектар на можности за консумација. Е-трговијата како канал за продажба е нешто во кое моментално не сме присутни и е дел од нашата стратегија за понатамошен пораст и развој.
Беше најавено дека компанијата инвестирала повеќе од седум милиони евра во одржливост, иновации и подобрување на работните услови во рамките на најголемиот инвестициски циклус во последните десет години. Во што точно е инвестирано?
На почетокот од 2024 година „Фруктал“ почна со најголемиот инвестициски циклус во последните десет години. Овие инвестиции имаат цел да го модернизираат производството, да ја зголемат енергетската ефикасност и да ја зајакнат локалната производствена активност, а со тоа и целокупното работење. Дел од инвестициите се насочени кон инсталирање нова линија за картонска амбалажа од обновливи материјали, базирани на шеќерна трска. Благодарение на оваа модернизација, емисијата на CO₂ при производството на амбалажа е намалена за дури 52%, а производите Fructal Superior ја добија ознаката Carbon Verified бидејќи 87% од амбалажата потекнува од обновливи извори. Исто така, „Фруктал“ воведе нова линија за „pouch“ амбалажа – прва во Словенија – која овозможува производство на иновативни производи, како што е Fruit to go. Оваа линија носи енергетски поефикасна пастеризација и поголема автоматизација на производствените процеси, а ни овозможува двојно да го зголемиме производствениот капацитет и да соработуваме со други брендови. Следните инвестиции вклучуваат модернизација на постојните картонски и ПЕТ-линии преку инсталација на нови асептични танкови и пастеризатори. Овие промени овозможуваат пофлексибилно и поеколошко производство – очекувањата се дека годишните заштеди од нив ќе бидат околу 300.000 евра. За да преминеме на зелени извори на енергија, „Фруктал“ изгради соларна електрана со капацитет од 606 kWp, која годишно ќе произведува околу 650 MWh електрична енергија, што покрива околу 13% од вкупните потреби на компанијата. Во 2026 година планираме изградба на уште една електрана, со што ќе се зголеми уделот на обновливите извори на енергија на една третина од вкупната потрошувачка. Покрај технолошките иновации, значителен дел од средствата беа вложени и за подобрување на работните услови, што вклучува автоматизација на физички напорните процеси, модернизација на вентилациските системи и набавка на опрема што го намалува физичкиот напор на вработените, зголемувајќи ги безбедноста и ефикасноста.
За крај, каде ја гледате компанијата во наредните 80 години и што сакате да остане како клучна порака од овој голем јубилеј?
Нашиот слоган со децении наназад е „Во соработка со природата“ (U saradnji sa prirodom). Тоа е она на што сме доследни и во што планираме да истраеме – да им го понудиме на нашите потрошувачи најдоброто од природата и Fructal да продолжи да биде синоним за квалитет, традиција и доверба. Ќе продолжиме да ја прошируваме понудата во согласност со потребите на потрошувачите, но се обврзуваме дека како лидер во категоријата ќе продолжиме да поставуваме нови трендови и да воведуваме новитети. Во стремежот да продолжиме да бидеме дел од сите убави и важни моменти во животот, им се заблагодаруваме на сите потрошувачи што заедно растеме и што благодарение на нив, се развиваме веќе 80 години.