
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Новите законски измени за организирање наградни игри односно „giveaways“ на социјалните мрежи, предизвикаа низа реакција во бизнис заедницата. Додека државата се обидува да воведе ред, вистинското прашање е дали овие мерки ќе го запрат нелегалното онлајн работење или само дополнително ќе ги оптоварат регистрираните компании. За предизвиците на новата регулатива, сивата економија во е-трговијата и дигиталниот маркетинг, разговараме со Нина Ангеловска Станков, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ).
InStore: АЕТМ континуирано се залага за сузбивање на сивата економија и заштита на граѓаните преку креирање регистар на легални е-трговци. Дали сметате дека обврската организаторите на giveaway задолжително да приложат документ од Централниот регистар ќе ги спречи нерегистрираните продавачи на социјалните мрежи да ја користат оваа алатка за раст?
Нина Ангеловска Станков: Не очекуваме дека оваа мерка сама по себе значително ќе го намали бројот на нерегистрирани продавачи кои организираат giveaway кампањи. Оние што и денес работат нерегистрирано веќе ги кршат основните законски обврски — не ја регистрираат својата дејност и не плаќаат даноци. Затоа, тешко е да се очекува дека тие одеднаш ќе почнат да ја почитуваат оваа нова обврска и дека ќе се воздржат од организирање наградни активности.
Клучот за решавање на овој проблем не е во воведувањето нови административни барања, туку во поефикасното откривање и санкционирање на нерегистрираните субјекти. Само со доследна примена на постојните закони може да се намали сивата економија и да се создадат еднакви, фер услови за сите на пазарот.
Од друга страна, исклучително важно е да продолжиме со промоција на легалната е-трговија за да им помогнеме на граѓаните полесно да препознаат од кого купуваат. Токму затоа АЕТМ го разви бесплатниот јавен Регистар на е-трговци, каде потрошувачите можат брзо да проверат дали некоја онлајн продавница е регистрирана. Дополнително, го воведовме и Беџот за верификуван е-трговец — визуелна ознака која легалните трговци ја поставуваат на своите веб-страници, сигнализирајќи им на купувачите дека се работи за безбедно и проверено место за купување. Ваквите иницијативи, поддржани со поефикасен инспекциски надзор, можат вистински да ја зголемат довербата во онлајн купувањето.
InStore: Дали строгата регулација на подарувањата конечно ќе создаде пофер пазарни услови за легалните е-трговци кои редовно ги подмируваат своите даночни обврски кон државата?
Нина Ангеловска Станков: Асоцијацијата ја поддржува секоја регулатива што има за цел поголема транспарентност, заштита на потрошувачите и фер конкуренција. Сепак, за една регулатива да ги постигне овие цели, таа мора да биде пропорционална, практично применлива и пред сè — доследно спроведувана.
Пофер услови ќе имаме само тогаш кога правилата ќе важат и ќе се применуваат подеднакво за сите. Самата законска измена нема да ја намали нелојалната конкуренција доколку нерегистрираните продавачи продолжат да функционираат целосно надвор од системот.
Постои реален ризик новите административни обврски најмногу да ги почувствуваат токму легалните компании кои веќе плаќаат даноци, додека оние кои работат во „сивата зона“ нема да бидат засегнати доколку изостане ефективен инспекциски надзор на терен и на социјалните мрежи.
InStore: Со новиот закон, легалните бизниси мора да платат административна такса од 100 евра, како и дополнителен надоместок од 18% од вкупната вредност на наградниот фонд пред да започнат со кампањата. Дали стравувате дека овие нови трошоци ќе претставуваат преголем финансиски удар, особено за малите и микро е-трговци?
Нина Ангеловска Станков: Секој нов финансиски и административен трошок е товар за компаниите, но притисокот е најголем кај микро и малите бизниси кои работат со многу ограничени буџети за маркетинг. Додека за големите брендови овие износи можеби нема да бидат пресудни, за помалите е-продавници тие можат да бидат причина целосно да се откажат од организирање на вакви промотивни активности.
Очекуваме дека во иднина компаниите многу повнимателно и поретко ќе ги користат giveaway кампањите. Гледано од аспект на развојот на дигиталниот маркетинг, овие бариери го ограничуваат пристапот до еден од наједноставните и најдостапните механизми за промоција што досега успешно ги користеа помалите бизниси за да стигнат до нови клиенти.
InStore: Процедурата наложува барањето за дозвола да се поднесе дури 30 дена пред почетокот на наградната игра. Колку оваа бирократизација ќе ја наруши флексибилноста и брзината на дигиталниот маркетинг на македонските е-продавници?
Нина Ангеловска Станков: Брзината, флексибилноста и агилноста се главните предности на дигиталниот маркетинг. Кампањите на социјалните мрежи често се планираат, адаптираат и лансираат во рок од неколку дена за да се фати одреден пазарен тренд или момент. Во тој контекст, рок од 30 дена за одобрување е исклучително долг период.
Влијанието врз бизнисите може значително да се ублажи само доколку државните институции понудат брзо онлајн решение — односно процесот на поднесување барања и одлучување да биде целосно дигитализиран и ефикасен. Но, доколку ова подразбира традиционално собирање хартии, физички посети на шалтери и долги бирократски процедури, тоа сериозно ќе ја закочи флексибилноста на нашите е-продавници и ќе им ја одземе способноста брзо да реагираат на потребите на пазарот.