
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Во јануари годинава „Јухор“ ја реализира аквизицијата на компанијата „Фуд стар плус“, со што дополнително ги зајакна производствените капацитети и го прошири портфолиото во сегментот производи од месо од живина. По тој повод разговаравме со генералниот директор Драган Миладиновиќ, кој истакнува дека синергијата меѓу постојното портфолио на „Јухор“ и потенцијалот на „Фуд стар плус“ претставува силна основа за понатамошна диверзификација на асортиманот и развој на нови производи во согласност со современите потреби на потрошувачите.
Со преземањето на „Фуд стар плус“, „Јухор“ влегува во нова фаза на развој. Дали оваа аквизиција го означува почетокот на пошироката стратегија за пораст и диверзификација?
Аквизицијата на „Фуд стар плус“ претставува значаен стратешки чекор за „Јухор“ и јасно ја потврдува нашата определба за одржлив пораст, зајакнување на пазарната позиција и долгорочна стабилност на работењето. Оваа инвестиција не е изолиран потег, туку дел од внимателно дефинирана стратегија што опфаќа и вертикална и хоризонтална експанзија на компанијата.
На вертикално ниво, интеграцијата на „Фуд стар плус“ овозможува дополнително зајакнување на суровинската база, со што се подобруваат контролата на квалитетот, стабилноста на снабдувањето и ефикасноста на целиот производствен синџир. Истовремено, со преземањето на производствените капацитети се создава простор за оптимизација на процесите, зголемување на продуктивноста и воведување повисоки стандарди. Од друга страна, хоризонталниот аспект на оваа аквизиција се рефлектира во отворање нови можности за проширување на пазарот, како во земјата така и во странство. Со тоа се зајакнува пласманот, се проширува базата на купувачи и се создава простор за поинтензивна комерцијална активност.
Дополнително, синергијата меѓу постојното портфолио на „Јухор“ и потенцијалот на „Фуд стар плус“ претставува силна основа за понатамошна диверзификација на асортиманот и развој на нови производи, во согласност со современите потреби на потрошувачите.
Во целина, оваа аквизиција означува почеток на нова фаза во развојот на компанијата, во која преку стратешки партнерства, инвестиции и унапредување на внатрешните капацитети градиме посилен, поконкурентен и пофлексибилен бизнис-систем, подготвен да одговори на предизвиците на модерниот пазар.
Нашата стратегија се темели на балансиран пристап, комбинација од инвестиции во внатрешните капацитети и внимателно избрани развојни можности. Долгорочната цел е јасна – „Јухор“ долгорочно да остане стабилен, конкурентен и релевантен учесник на пазарот. Кој беше клучниот мотив за оваа аквизиција и како таа се вклопува во долгорочната стратегија на компанијата?
Клучниот мотив за аквизицијата произлегува од јасната потреба за понатамошно унапредување на ефикасноста на работењето и зајакнување на пазарната позиција на „Јухор“. Еден од важните фактори беше територијалната позиција на производствените капацитети на „Фуд стар плус“, која овозможува силна синергија со постојните операции, особено во делот на обезбедување стабилна и квалитетна суровинска база. Географската поврзаност директно придонесува за оптимизација на логистичките процеси и вкупните трошоци на работењето. Освен оперативните придобивки, аквизицијата значајно ја зајакнува и нашата преговарачка позиција кон постојните партнери, но и при воспоставување нови соработки.
Поголемиот обем на работа, проширените капацитети и постабилниот синџир на снабдување ни овозможуваат поголема флексибилност и конкурентност на пазарот. Особено значаен стратешки аспект е препознавањето на растечкиот тренд на побарувачка за пилешко месо, како и потенцијалот за понатамошен развој на овој сегмент. Со влегување во оваа категорија дополнително го диверзифицираме портфолиото и поставуваме основа за долгорочен пораст во сегмент што бележи континуирана експанзија.
Во поширок контекст, оваа аквизиција претставува важен чекор кон интеграција на вертикалниот и хоризонталниот развој на компанијата. Овој потег придонесува за унапредување на производствените и суровинските капацитети, како и за проширување на пазарот и асортиманот. Со тоа, компанијата останува доследна на својата стратешка цел – зајакнување на конкурентноста и одржлив пораст на домашниот и на регионалниот пазар.
Како интеграцијата ќе влијае врз производството и развојот на портфолиото, особено во сегментот производи од месо од живина? Дали проширувањето на производството отвора простор за нови производи или иновации во асортиманот?
Интеграцијата на „Фуд стар плус“ претставува значајна основа за зголемување на производствените капацитети, но и за стратешки развој на портфолиото. Развојот на асортиманот го гледаме во два временски хоризонта – краткорочен и долгорочен. Краткорочно, фокусот е на унапредување и проширување на постојниот асортиман, базирано на искуството и знаењето што веќе го имаме во „Јухор“. Тоа овозможува брза реакција на пазарните потреби и дополнително зајакнување на позицијата во сегментот месо од живина. Долгорочно, планирани се инвестиции во нова опрема и технологија, што ќе отвори простор за развој на иновативни производи и влез во категории што досега се помалку застапени на пазарот.
Континуираното унапредување на асортиманот останува еден од нашите клучни приоритети бидејќи веруваме дека иновациите и приспособувањето на потребите на потрошувачите се неопходни за долгорочна конкурентност и доверба на пазарот.
Како аквизицијата ја зајакнува пазарната позиција?
Аквизицијата носи повеќекратни придобивки и значително ја зајакнува позицијата на „Јухор“ на домашниот и на регионалниот пазар. На купувачите им се нуди поширок и интегриран асортиман на едно место, со стандардизиран квалитет, стабилна испорака и сигурност во соработката. Во услови на пазарни предизвици и нестабилност, тоа претставува значајна конкурентска предност. Дополнителна вредност е можноста купувачите да добијат свежо пилешко месо и разновидна понуда на месни преработки од свинско и живинско потекло.
Од аспект на соработката со доставувачите, зголемениот обем на работа ја зајакнува позицијата на „Јухор“ како важен и сигурен партнер во синџирот на снабдување, што може да создаде подобри услови за набавка и поголема стабилност на работењето.
На регионално ниво, аквизицијата отвора дополнителни можности за проширување и пофлексибилен настап, додека диверзификацијата на портфолиото ја зголемува отпорноста на потенцијални пазарни шокови.
Кои се следните развојни планови на „Јухор“ по ова преземање? Дали може да очекуваме нови инвестиции и понатамошна експанзија?
По преземањето на „Фуд стар плус“, фокусот на „Јухор“ останува на одржлив пораст преку континуирани инвестиции и внимателно планирана експанзија. Во современите пазарни услови, задржувањето на постојната позиција е речиси невозможно без континуирани инвестиции, а нашата цел не е само да ја одржиме, туку и дополнително да ја унапредиме конкурентноста на компанијата.
Во таа насока, идните развојни планови не се ограничени само на нови аквизиции, туку опфаќаат и широк спектар на интерни инвестиции. Посебен акцент ќе биде ставен на модернизација на производствените процеси преку автоматизација и роботизација, со цел дополнително да се зголемат ефикасноста, квалитетот и долгорочната одржливост на работењето.
Паралелно со тоа планирани се инвестиции во зајакнување на клучните сегменти на компанијата – од унапредување на производствените капацитети и логистиката до развој на нови производи и зајакнување на пазарното присуство. Исто така, ќе продолжиме да ги развиваме и вертикалните и хоризонталните насоки на пораст, потпирајќи се на синергијата меѓу постојните и новостекнатите капацитети.
Нашата стратегија се темели на балансиран пристап, комбинација од инвестиции во внатрешните капацитети и внимателно избрани развојни можности. Долгорочната цел е јасна – „Јухор“ долгорочно да остане стабилен, конкурентен и релевантен учесник на пазарот.