
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Работејќи на пресекот меѓу управување со човечки ресурси и правни процеси, во изминатата деценија одблизу сведочев како технологијата, пазарот и очекувањата на луѓето го менуваат светот на работата побрзо од кога било. Но, зад сите трендови и стратегии стои една непроменета вистина: успехот на секоја компанија почнува од тоа колку вреднувани и слушнати се чувствуваат луѓето што работат во неа.
Пишува: Искра Танчевска Лазаревска, офицер за човечки ресурси и правна усогласеност, „Никс“
Денес живееме во време на огромни трансформации. Вештачката интелигенција веќе е дел од секојдневната работа, а компаниите истовремено сè повеќе се ориентираат кон вештини наместо формални позиции и од вработените се очекува постојано учење и адаптација. Стекнувањето и управување со вештини станува најважната конкурентска предност во организациите на иднината. Кога луѓето се адаптираат и можат да ја применат технологијата ефективно, организацијата расте заедно со нив.
Во 2026 година најважно е што можете да правите и со какви вештини најдобро да придонесете на своето работно место. Верувајте, сега се чини како на работодавачот повеќе да не му е грижа каде сте студирале и со кој просек сте го завршиле Вашето формално образование.
Компаниите со брзина на светлината ги менуваат описите на работните места сè со цел да ги усогласат талентите со задачите и да ги автоматизираат „здодевните и повторувачки“ работи. И не станува тука збор само за некое модерно брзо решение, напротив истражувањата покажуваат дека 60% од вработените би биле задоволни и ќе останат лојални на компанијата доколку истата нуди брзо надградување на вештините.
Така што, според мене во моментов најдобар совет до работодавачите и нивните бизнис-партнери за човечки ресурси е сериозно да го земат во предвид ревидирањето на работните позиции со имплементација на внатрешни патеки за мобилност со што би спречиле „исчезнување“ на исклучително талентирани вработени и потенцијални вработени.
Компаниите на иднината нема да ги победат машините – туку луѓето што знаат да работат со луѓе.
Во мојата работа, особено во производствена средина каде што резултатите се мерливи, секојдневно гледам колку е лесно да се заборави дека зад секоја бројка стои човек. Човек со идеи, со грижи и човек со потенцијал.
Тоа е една од многуте причини зошто управувањето со човечки ресурси денес има многу поширока улога од порано. Ние повеќе не сме само оддел за администрација или регрутација. Нашата улога е да создадеме средина каде што технологијата и човечноста работат заедно, а работното искуство на вработените заедно со нивните вештини да биде во центарот на стратегијата на секоја компанија.
Во 2026 година успешните компании веќе не се натпреваруваат само во производи или услуги. Тие се натпреваруваат во култура.
Во текот на мојата кариера сум видела како една искрена пофалба, една можност за развој или едноставно чувството дека некој навистина те слуша – може да ја промени целата енергија во еден тим.
И токму таму се случува вистинската трансформација. Не во новите системи. Не во новите алгоритми. Туку во начинот на кој ги гледаме луѓето.
Затоа што на крајот, технологијата може да го трансформира начинот на работа, но не може да ја замени човечката вредност во организацијата.