
Следната битка во трговијата нема да се води толку околу ултрабрзата испорака колку околу способноста на компаниите да одговорат на потребите на потрошувачите токму во моментот кога тие се појавуваат.
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Брзата трговија (quick commerce) често се гледа само како концепт за брза испорака, но таа е многу повеќе од тоа. Потрошувачите сè почесто не купуваат затоа што однапред планирале, туку затоа што во моментот им треба решение за конкретен проблем. Затоа, напредните трговци го приспособуваат начинот на кој работат – од изборот на производи и маркетингот до логистиката и дигиталните технологии – за да одговорат токму на тие моменти на потреба, наместо да се потпираат само на планираните купувања и големината на кошничката.
Во изминатите три децении трговијата најмногу се фокусираше на тоа како купувањето да биде полесно: преку проширување на асортиманот, модернизирање на синџирите на снабдување, развивање програми и екосистеми за лојалност, зајакнување на омниканалното работење и скратување на роковите за испорака – од една недела, на еден ден, а денес и на само неколку часа. Секој од овие чекори отстрануваше дел од пречките во процесот на купување, но сите се засноваа на една иста претпоставка: дека потрошувачите однапред ги планираат своите набавки.
Брзата трговија е следниот чекор во оваа еволуција. Всушност, најголем дел од активностите се фокусираат на побрза обработка на нарачките, локални центри за нивна подготовка и на оптимизирање на трошоците во последната фаза од испораката.
Иако сите овие аспекти се важни, тие ја занемаруваат суштината на промената: пресвртот не се состои само во тоа што производите пристигнуваат побрзо, туку и во тоа што потрошувачите носат одлуки за купување на поинаков начин. Потрошувачите сè почесто носат одлуки за купување во моментот кога им се појавува потребата. Тоа однесување ги менува претпоставките што со децении го обликувале управувањето со асортиманот, маркетингот, работењето на продавниците и трговските стратегии. Во таа смисла, брзата трговија не е крајната цел, туку првиот знак на пошироката транзиција кон трговија во реално време (real-time commerce).
Кога потребата не може да чека
Историски гледано, купувањето почнуваше со план. Потрошувачите идентификуваа потреба, правеа список, споредуваа трговци, се организираа да ги направат набавките во една посета и на крајот купуваа. Трговците станаа многу добри во поддржувањето на тој процес затоа што тој беше предвидлив. Маркетингот можеше да влијае врз одлуките неколку недели пред потрошувачите да купат, управувањето со асортиманот можеше да се оптимизира за големината на кошничката, а синџирите на снабдување можеа да планираат врз основа на прогнозите. Но, сега тој редослед на настани се менува.
Голем дел од денешните потрошувачи идентификуваат потреба и очекуваат таа да биде задоволена веднаш. Наместо да ги планираат набавките, потрошувачите очекуваат трговците – или платформите што ги поврзуваат со нив – да ги решаваат нивните проблеми во реално време. Тоа можеби звучи како суптилна разлика, но од стратешка гледна точка не е. Компаниите повеќе не се натпреваруваат само во тоа да го направат купувањето поедноставно. Тие се натпреваруваат да го направат процесот на купување речиси непотребен.
Брзата трговија не е логистичка иновација. Таа е мост меѓу традиционалната е-трговија и агентската трговија.
Потрошувачите ги предводат промените
Една од повторливите лекции во трговијата е дека однесувањето на потрошувачите се менува многу пред да се промени оперативниот модел. „Амазон“ не ја трансформира трговијата само затоа што изгради подобри магацини, туку ја трансформира затоа што потрошувачите повеќе не беа подготвени да чекаат една недела за да ги добијат производите. Откако тоа очекување се промени, секој трговец мораше да се приспособи.
Брзата трговија се наоѓа на слична пресвртна точка. Помалку од еден на секои пет потрошувачи во САД редовно користи опции за испорака за помалку од 30 минути, но тие што ги користат се однесуваат поинаку од поширокиот пазар. Тие купуваат поимпулсивно, поретко ги посетуваат продавниците и се помалку лојални на конкретни трговци и брендови. Затоа, особено е важно денес трговците повеќе да се фокусираат на однесувањата што тивко се развиваат под површината.
Раните корисници се однесуваат поинаку
Разликата меѓу начинот на кој потрошувачите купуваат денес и начинот на кој очекуваат да купуваат во иднина е значајна. Иако брзата трговија сè уште е во рана фаза на усвојување, очекувањата на потрошувачите се менуваат многу побрзо. Ова е образец што често се повторувал во историјата на трговијата: потребите и навиките на потрошувачите постепено се менуваат, а компаниите понекогаш предоцна сфаќаат дека пазарот веќе се променил и дека нивниот постоен модел повеќе не одговара на новите очекувања.
Се чини дека брзата трговија поттикнува токму ваква промена. Потрошувачите сè помалку се потпираат на планирање на набавките однапред, а сè повеќе очекуваат да можат веднаш да го решат тоа што им е потребно. Оваа промена не влијае само врз тоа каде купуваат, туку и врз критериумите според кои ги оценуваат трговците – колку се брзи, достапни и способни да одговорат на нивните потреби во моментот кога тие се појавуваат.
Трговскиот систем е изграден за поинаков потрошувач
Современиот трговски бизнис е дизајниран да ја оптимизира планираната побарувачка. Менаџерите за асортиман ја оптимизираат понудата за да ја зголемат вредноста на кошничката и продуктивноста на категориите. Маркетерите влијаат врз одлуките за планирано купување преку однапред подготвени промоции и медиумски кампањи. Тимовите за снабдување ја предвидуваат побарувачката неколку недели однапред, пред производите да стигнат во продажба. Продавниците првенствено функционираат како дестинации за купување. Програмите за лојалност ги наградуваат повторените посети со текот на времето. Сите овие функции и понатаму се важни, но се изградени за потрошувачи што планираат пред да купат.
Трговијата во реално време ја менува целта. Наместо да ги оптимизираат посетите на продавниците, напредните трговци се фокусираат на решавање на конкретните потреби на секој поединечен купувач. На пример, родител кој доцна навечер ќе забележи дека му се потрошени лековите за детето, ќе бара начин да ги набави веднаш наместо да чека до следниот ден. Патник кој заборавил полнач за телефонот, пак, нема да споредува различни трговци и да разгледува промоции, туку ќе бара најбрзо решение. Тоа се непосредни проблеми што бараат непосредни решенија, а компанијата што прва ќе го реши проблемот најверојатно ќе оствари продажба.
Импликациите се многу пошироки од само забрзување на испораката на нарачките. Мерчендајзингот се оптимизира за успешно решавање на конкретната потреба на купувачот наместо за зголемување на вредноста на кошничката. Маркетингот се насочува кон релевантност во моментот кога ќе се појави потребата наместо кон убедување на купувачот со недели однапред. Продавниците стануваат дистрибутивни центри за испорака на нарачки. Синџирите на снабдување се префрлаат од фокус на точноста на прогнозите кон брза реакција и приспособливост. Лојалноста сè помалку се гради преку доделување поени, а сè повеќе преку решавање на проблемите на купувачите во моментот кога тоа им е најважно. Ниту една од овие функции не исчезнува, но секоја од нив почнува да се оптимизира за поинаков резултат.
Брзата трговија е мост кон агентската трговија
Многу од дебатите за агентската трговија (agentic commerce) се фокусираат на напредокот во вештачката интелигенција (ВИ), но поголемиот предизвик е поврзан со однесувањето. Потрошувачите прво треба да се навикнат да им ги делегираат своите одлуки за купување на други. Брзата трговија ја забрзува таа промена. Потрошувачите сè повеќе стекнуваат навика да бараат од дигиталните платформи да ги решаваат нивните итни проблеми. Следниот чекор е дигиталните платформи, а подоцна и ВИ-агентите, да препорачуваат производи, да избираат трговци и да ги завршуваат купувањата наместо нив. Технологијата можеби ќе пристигне брзо, но најпрвин се менува однесувањето на потрошувачите.
Од оваа перспектива, брзата трговија не е логистичка иновација. Таа е мост меѓу традиционалната е-трговија и агентската трговија. Со текот на времето, бојното поле ќе се помести од влијание врз купувачите кон изградба на доверлива платформа која потрошувачите, а подоцна и ВИ-агентите, ќе ја консултираат прва кога ќе се појави потреба.
За компанијата:
„Керни“ е глобална консултантска фирма за менаџмент, со мрежа од над 3.600 луѓе што работат во повеќе од 40 земји. Соработува со повеќе од три четвртини од 500. најголеми американски компании на листата на „Форчн“, како и со највлијателните владини и непрофитни организации.
Авторки на текстот:
Кетрин Блек, партнер; Натали Шилд, принципал.