
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Во анализата за дистрибутери правиме пресек на финансиското работење на дистрибутивните и логистичките компании, чија основна дејност е дистрибуција на големо на прехранбени производи, пијалаци, тутун, козметички и други FMCG-производи. Во годинешната анализа се земени 40 компании кои во Централниот регистар се заведени според следните шифри на дејност: 46.17; 46.19; 46.34; 46.35; 46.36; 46.39; 46.45; 46.49; 46.90. Износите се во денари според официјалните податоци на компаниите, добиени преку biznismreza.mk.
Во последните неколку години FMCG-дистрибуцијата низ светот се наоѓа во период на длабока трансформација. По пандемијата, глобалните синџири на снабдување постепено се стабилизираа, но секторот се соочува со нови предизвици – повисоки трошоци за транспорт и логистика, пораст на цената на работната сила, инвестиции во автоматизација и дигитализација, како и постојан притисок врз профитните маржи. Во вакви услови порастот на продажбата веќе не е доволен показател за успешност. Сè поголемо значење добива способноста компаниите да го претворат порастот на приходите во одржлива добивка.
Слични трендови се забележуваат и во земјите од регионот. Дистрибутерите во Југоисточна Европа продолжуваат да инвестираат во современи логистички центри, автоматизирани магацини, оптимизација на транспортните маршрути и дигитално управување со залихите, истовремено обидувајќи се да ги зачуваат профитните маржи во услови на силна конкуренција и ценовно чувствителни потрошувачи. Консолидацијата на пазарот, проширувањето на дистрибутивните портфолија и зголемените барања на производителите и трговците дополнително ја зголемуваат комплексноста на работењето.
Македонскиот пазар не е исклучок од овие глобални и регионални движења. Иако домашниот FMCG-сектор продолжува да бележи пораст на прометот, финансиските резултати покажуваат дека компаниите сè потешко го претвораат тој пораст во повисока добивка. Анализата на InStore за финансиските резултати на 40 водечки дистрибутери открива дека секторот останува стабилен и продолжува да се развива, но истовремено влегува во нова фаза на развој, во која ефикасноста, продуктивноста и контролата на трошоците стануваат поважни од порастот на приходите.
Ако 2024 година беше година на стабилизација по турбулентниот постпандемски период, 2025 година покажува дека македонските дистрибутери повторно растат. Но, зад порастот на приходите се крие една многу поважна порака – сè потешко се добива профит. Повеќето компании успеале да ја зголемат продажбата, но значителен дел од нив бележат намалување на добивката. Причината не е недостиг на побарувачка, туку постојаниот пораст на оперативните трошоци, цената на работната сила, транспортот, складирањето и сè поголемиот притисок врз трговските маржи.
Во услови кога потрошувачите остануваат чувствителни на цените, а производителите очекуваат поголема покриеност и подобра услуга, дистрибутерите мора истовремено да инвестираат и да ги контролираат трошоците. Токму затоа, профитабилноста станува најважниот показател за успешност.
Финансиските показатели како профитната маржа (ROS – Return on Sales), приносот на сопствен капитал (ROE – Return on Equity), приносот на вкупен капитал (ROA – Return on Assets) и добивката по вработен денес се еднакво важни како и вкупниот промет. Тие покажуваат кои компании навистина создаваат вредност, а кои го остваруваат порастот по цена на сè помала профитабилност. Токму затоа, покрај приходите, во табелите ги анализираме и овие показатели, со цел да обезбедиме поцелосна слика за успешноста, ефикасноста и профитабилноста на компаниите.
Приходите растат, но профитабилноста останува под притисок
Анализата на финансиските резултати покажува дека и во 2025 година најголемиот дел од дистрибутерите оствариле пораст на приходите од продажба (табела 2), при што најдинамичен пораст бележат „Гемак трејд“ (+35,1%), „Пјур лајф козметикс“ (+28,08%) и „Колид С тим“ (+25,76%). Меѓу компаниите со најголеми приходи, двоцифрен пораст оствариле и „Атлантик трејд“ (+12,36%), „Адријус“ (+12,78%) и „Колид фудс“ (+15,49%), додека лидерите според обем на продажба – „Пекабеско“ и „Даути комерц“ – продолжуваат со стабилен, едноцифрен пораст од 3,5% и 4,78%. Од друга страна, пад на приходите од продажба е забележан кај 11 компании, при што најизразен е кај „Алтеа ММ“ (-37,56%), „Интернационал фуд дистрибуција“ (-31,79%) и „Фрукт импорт“ (-21,52%).
И покрај тоа што кај значителен број компании профитот се намалува (23), на ниво на целиот анализиран примерок вкупната нето-добивка останува стабилна, со благ пораст од 0,45%, од 1.759.007.760 денари во 2024 година на 1.766.970.960 денари во 2025 година (табела 1). Ова покажува дека порастот на приходите не се претвора рамномерно во профит – дел од компаниите бележат значително подобрување, додека кај други зголемувањето на трошоците ја намалува заработката. Првите десет компании оствариле вкупен профит од 1.145.120.636 денари, што е 64,81% од вкупно остварениот профит на 40 анализирани компании.
Кај дел од најголемите дистрибутери профитот бележи двоцифрен пад. „Колид фудс“ има намалување на добивката од 67%, „Јус МБ“ од 55%, „Океан ком трејд“ од 53%, „Даути комерц“ од 30%, додека„ Адријус“, иако останува една од најпрофитабилните компании, има пад од речиси 13%.
Од друга страна, има компании што значително ја подобриле профитабилноста. „Нелт СТ“ го зголемил профитот за повеќе од 300%, „Пекабеско“ за 42,5%, „Колид С тим“ за 29,5%, „Инко фудс“ за 27% и „СТ компани“ за 22,6%.
Лидери на пазарот
Според остварениот вкупен приход, „Пекабеско“ и понатаму е најголемата дистрибутивна компанија во Македонија, со над 6,19 милијарди денари приходи и добивка од 248 милиони денари, што претставува пораст на профитот од повеќе од 42%. Треба да се има предвид дека вкупниот приход не е остварен исклучиво од дистрибутивната дејност, туку и од производството, кое е значаен сегмент од работењето на компанијата. Следуваат „Даути комерц“ со приходи од 5,49 милијарди денари и „Атлантик траде“ со 5,19 милијарди денари.
На листата според профитот, веднаш зад „Пекабеско“ се „Адријус“ (215 милиони денари), „Алма-М“ (189 милиони), „Колид С тим“ (169 милиони), „Кола група“ (123 милиони) и „Подравка“, која лани речиси го удвои профитот во споредба со 2024 година.
„Кола група“ се издвојува со најинтересен финансиски профил. Компанијата која остварува ROA од 79,9% и обрт на вкупниот имот од 20,4 има убедливо највисоки вредности меѓу анализираните компании, што укажува на исклучително висока ефикасност во користењето на средствата.
Маржите остануваат ниски
Еден од најинтересните показатели и годинава е стапката на профит (ROS). Кај најголемиот број компании таа изнесува меѓу 1 и 5 проценти, што потврдува дека дистрибуцијата и понатаму е индустрија со исклучително ниски маржи.
Според стапката на профитабилност, која покажува колкав дел од приходите од продажба останува како добивка, најуспешна во 2025 година е „Грандекс“ со маржа од 18,47% (но со значително помал обем на работа). Следуваат „Сарантис“ (15,12%), „СТ компани“ (13,4%) и „Бадел“ (10,56%), додека над 7% остваруваат и „Магнолија“, „Подравка“ и „Пјур лајф козметикс“. Кај најголемите дистрибутери, профитните маржи се значително поумерени – „Колид С тим“ (6,31%), „Адријус“ (6,29%), „Алма-М“ (4,7%), „Пекабеско“ (4,01%) и „Кола група“ (3,92%), што е карактеристично за компании со голем обем на продажба и ниски оперативни маржи.
На спротивниот крај од листата се „Интернационал фуд дистрибуција“ (0,04%), „Хоризонт“ (0,09%), „Топ базар“ (0,11%) и „Алтеа ММ“ (0,13%), кај кои речиси целокупниот приход е апсорбиран од трошоците, оставајќи минимален простор за добивка.
Луѓето остануваат најважниот ресурс
Во 40. анализирани компании работат речиси 5.000 вработени, а најголеми работодавци се „Даути комерц“ (569 вработени), „Пекабеско“ (418), „Колид С тим“ (417), „Колид фудс“ (381) и „Алма-М“ (333).
Нето-добивката по вработен покажува колку ефикасно компаниите го користат човечкиот капитал. Највисок резултат има „Подравка“ со над 2,9 милиони денари добивка по вработен, потоа „Бадел“ (2,07 милиони), „Адријус“ (1,99 милиони), „Грандекс“ (1,93 милиони) и „Сарантис“ (1,86 милиони). Кај големите системи високата добивка по вработен најчесто е резултат на висока автоматизација и оптимизирани процеси.
Ефикасноста ќе биде главната битка
Податоците покажуваат уште една важна тенденција. Компаниите што имаат повисок принос на капитал и подобар обрт на средствата најчесто успеваат полесно да го претворат порастот на продажбата во профит. Тоа значи дека идната конкурентност нема да зависи само од проширување на портфолиото или освојување нови клиенти, туку и од подобро управување со ресурсите, залихите, логистиката и финансискиот капитал.
Во време кога порастот на трошоците станува новата нормалност, победници ќе бидат компаниите што ќе знаат да продаваат повеќе, но и да заработуваат повеќе од секој продаден денар.
Целосната анализа, заедно со табелите и финансиските показатели, прочитајте ја на стр. 54 од специјалното издание Мапа на FMCG-индустријата, достапно на следниот линк