
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
БРИМА e членка на „Галуп интернешнл асосиејшн“ и е прва агенција за истражување на јавното мислење и пазарот во Северна Македонија. Повеќе од тринаесет години го спроведува омнибус-истражувањето од кое ги добивме резултатите за анализата во врска со производите со македонско потекло кои ги купуваат граѓаните и ставовите во врска со нив. Спроведувањето на ова истражување се врши четири пати во годината, односно на секои три месеци (февруари, мај, август и ноември), и ова истражување има многу бенефити од аспект што лесно се следи одреден тренд, односно се следат промени во одредени параметри (како навики, ставови и слично) на подолг временски период. Поради примената на истата методологија на истражување и следењето на одредени трендови, веродостојно е да се вршат анализи врз основа на промените што се случуваат со појавите што се испитуваат. Анализата на резултатите за оваа тема е од истражувањата спроведени во февруари 2023, февруари 2024 и февруари 2025 година. Сите истражувања се спроведени на примерок од 1.200 граѓани на Македонија, национално репрезентативен примерок на популација од 15+ години во домовите на испитаниците. Истражувањата се спроведени со помош на методот TAPI (Tablet Assisted Personal Interview), а се направени со член од семејството на кого прво му доаѓа роденденот. Маргината на грешка е +/-2,81%. Примерокот се подготвува на ист начин во сите истражувања – повеќестепен стратификуван репрезентативен примерок на Македонија.
Омнибус-истражувањето е едно од многуте различни типови истражувања што ги спроведува БРИМА, а кое се разликува од другите истражувања по тоа што клиентите ги делат трошоците за неговото спроведување и секој клиент поединечно учествува со сопствени прашања и ексклузивност во користењето на резултатите.
Карактеристично за БРИМА е што се истакнува со употреба на различни методологии, а како дел од „Кантар“ се користат брендирани алатки што лесно се применуваат во рамките на FMCG-секторот. Овие истражувања се однесуваат на задоволството на клиентите од услугите на угостителите, тајни купувачи (Mystery Shopping); навики и ставови (U&A) на корисниците на различни производи/услуги; истражувања во врска со одредени програми за лојалност; истражувања наменети за одредени таргет-групи и други ад хок и брендирани солуции (NeedScope, BrandZ, Link+, AdNow, TRI*M, Conversion Model, Kantar Marketplace и други).
Исто така, секој читател може да стане панелист со регистрација на платформата seeintouch.mk и да стекне поени преку одговарање на онлајн-анкети, кои понатаму има право да ги искористи како ваучери за пазарење.
Македонски брендови што најчесто се користат
На првото прашање испитаниците спонтано одговараа, па поради тоа беше потребно сите одговори да се категоризираат, така што некои одговори се имиња на брендови, а некои пак се име на производите. Па така, на прашањето Кои три македонски брендови најчесто ги користите/консумирате во вашето домаќинство, кои можат да бидат прехранбени или непрехранбени?, како прв спонтан одговор (Top of Mind) добивме дека производи што најчесто ги користат во домаќинството се од производители на: преработени производи, млеко и млечни производи, масла за јадење и оцет, алкохолни и безалкохолни пијалаци, кондиторски производи, грицки, намази, сосови, леб и бели печива итн. Поконкретно, првоспоменат производител во највисок процент е „Витаминка“ (134%=2023; 15%=2024; 10,8%=2025; 13,8%=2026), следува „Бимилк“ (10,4%=2023; 8,9%=2024; 10,2%=2025; 9,1%=2026), потоа „Пивара Скопје“, „Жито Лукс“, Кристал и Брилијант како топ-6 компании/ брендови (табела 1).

Кога се прави анализа на резултатите, кога ќе ги групираме сите спонтани одговори низ текот на годините, може да се забележи пад на перцепцијата кај граѓаните во поглед на користењето на продуктите, односно свесноста за „Витаминка“. Перцепцијата кај „Бимилк“, пак, покажува варијации на пад и зголемување. Често овие варијации може да се поврзани со интензитетот на рекламирање на производите во одреден период кој е непосреден пред самото истражување. Сепак, како во Top of Mind одговорите така и во вкупните одговори во врска со тоа кои три производители/брендови ги користат во домаќинството, остануваат истите топ-6 брендови: „Витаминка“, „Бимилк“, Кристал, „Пивара Скопје“, „Жито лукс“ и Брилијант („Витаминка“). Повеќе во табела 2.

Дали производите од македонско потекло се со константен квалитет?
Перцепцијата на анкетираните лица покажува дека во 2025 и 2024 година во споредба со 2023 година се менува во правец кон подобрување на константноста на квалитетот на прехранбените и непрехранбените производи од македонско потекло. Поточно, во 2025 година околу 59%, а во 2024 година 58% од нив сметаат дека квалитетот е константен, што е за околу 10 процентни поени повеќе од 2023 година. Во 2026 година овој позитивен тренд продолжува - уделот на оние што го перципираат квалитетот на македонските производи како константен дополнително се зајакнува, со пораст во споредба со претходните бранови (графикон 1).

Пропорционално, тие што не сметаат дека квалитетот е константен се во понизок процент во споредба со 2023 година. Подлабинските анализи покажуваат дека Албанците во понизок степен веруваат во квалитетот на производите со македонско потекло отколку Македонците (41% од Албанците сметаат дека квалитетот е константен, а 62% од Македонците) што е во слични процентни поени со 2025 година (39%: 60%). Поточно, жителите на Североисточниот Регион во најнизок процент веруваат во константноста на квалитетот, додека пак жителите на Југоисточниот и Пелагонискиот Регион веруваат во високиот македонски квалитет на производите (графикон 2). Во поглед на урбанизираноста на местото, има значителни разлики кај анкетираните, односно се согледуваат разлики во мислењата меѓу жителите од руралните и од урбаните средини, така што жителите на урбаните средини во повисок процент одговараат дека квалитетот на македонските производи е повисок од тие што живеат во руралните средини (58%: 55% респективно).

За крај, може да заклучиме дека како најкористени во домаќинствата, односно брендови и производи од македонско потекло на кои може испитаниците да се сетат се „Витаминка“, „Бимилк“, Кристал, „Пивара Скопје“, „Жито Лукс“ и Брилијант. Трендот на позитивна перцепција за константноста на квалитетот на македонските производи забележан во 2024 и 2025 година се потврдува и во 2026 година. Испитаниците од Југоисточниот и Пелагонискиот Регион најмногу веруваат во константноста на квалитетот на производите од македонско потекло, додека пак тие од Североисточниот Регион најмалку се согласуваат со ова.
Анализата е објавена во Mапа на FMCG-индустријата. Целото издание може да го погледнете тука