
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
МАПА НА FMCG-ИНДУСТРИЈАТА е специјално издание на InStore кое го издаваме еднаш годишно. Изданието ги обединува претходно објавуваните изданија мапа на производители, дистрибутери и трговци. Во финансиската анализа на InStore годинава вклучивме 104 компании чија дејност е производство, дистрибуција на големо и трговија на прехранбени производи, пијалаци, тутун, козметички производи и др.
FMCG-индустријата претставува еден од најотпорните и најдинамични сектори во светската економија. И покрај забавувањето на глобалната економија, во 2025 година се очекува светскиот FMCG-пазар да достигне вредност од околу 6,6 трилиони американски долари, при што порастот е поттикнат, пред сè, од зголемените цени, а не од значително зголемување на обемот на продажба. Секторот истовремено се соочува со многубројни предизвици, како што се инфлаторни притисоци, пораст на цените на суровините, нарушувања во синџирите на снабдување, геополитички ризици, промени во потрошувачките навики, дигитална трансформација и зголемени барања за одржливо производство и еколошко пакување.
25,4% учество има преработувачката индустрија во создадената додадена вредност. Македонската економија во бројки
Економскиот амбиент во Македонија во текот на 2025 година се одвиваше во услови на постепена стабилизација по претходните глобални економски потреси. Инфлацијата, која во претходните години достигна високи нивоа, во 2025 година се стабилизира, но сепак останува чувствителна на движењата на светските пазари, особено на цените на енергијата и храната.
Во Македонија FMCG-секторот има значајно место во економската структура, пред сè, преку преработувачката индустрија, трговијата на големо и мало и земјоделството како примарен извор на суровини.
Според податоците за индексите на прометот во секторот трговија за мај 2026 година, забележан е пораст на прометот во малопродажбата во споредба со истиот месец од претходната година. Најзначаен пораст е регистриран кај трговијата на мало со храна, пијалаци и тутун, каде што реалниот промет е зголемен за 9,1%, додека номиналниот пораст во оваа група изнесува 15%. Овие податоци укажуваат на зголемена активност во малопродажниот сектор, при што трговијата со храна, пијалаци и тутун претставува еден од главните двигатели на порастот на прометот.
7,69 милијарди денари е вкупниот профит на 104 анализирани компании од FMCG-секторот, во 2025 година. Според достапните податоци од Државниот завод за статистика, во 2024 година функционирале 69.089 активни пазарно ориентирани претпријатија (деловни субјекти според НКД Рев. 2.) со вкупно 434.645 вработени лица. Тие оствариле промет од 2.166.693 милиони денари и создале бруто-додадена вредност од 497.031 милиони денари. Најголемо учество во создадената додадена вредност има преработувачката индустрија (25,4 %), по што следуваат трговијата на големо и мало (21,1%), градежништвото (10,9%) и секторот информации и комуникации (9 %). Од аспект на прометот, трговијата на големо и на мало учествува со 40,3%, а преработувачката индустрија со 24,2%, што ја потврдува нивната значајна улога во економската структура на земјата (табела 1).

Во рамките на преработувачката индустрија во 2024 година работеле 7.927 претпријатија со 116.087 вработени, кои реализирале промет од 523.670 милиони денари. Во секторот трговија на големо и мало функционирале 21.703 претпријатија со 98.838 вработени и промет од 873.979 милиони денари.
Во дејностите директно поврзани со FMCG-секторот работеле 1.848 претпријатија за производство на прехранбени производи, пијалаци и тутунски производи, во кои биле вработени 20.586 лица. Истовремено функционирале 5.601 претпријатие во трговијата на големо, освен моторни возила и мотоцикли, 4.494 неспецијализирани продавници за трговија на мало и 1.021 специјализирана продавница за продажба на храна, пијалаци и тутун. Демографијата на претпријатијата покажува дека во производството на храна, пијалаци и тутун биле основани 165 нови, а згаснале 202 претпријатија, додека кај трговијата на големо биле основани 499, а престанале со работа дури 1.250 компании (табела 2). Овие показатели укажуваат на силна конкуренција и континуирана промена на пазарната структура.

Финансиски резултати: лидерите остануваат лидери
Анализа на профитабилноста на водечките FMCG-компании во 2025 година
Вкупниот профит на 104. анализирани компании во 2025 година достигна 7,69 милијарди денари и во споредба со ланскиот вкупен профит (7,24 милијарди денари) бележи пораст од 6,26%. Од вкупно 104 компании, 53 компании го зголемиле профитот, а 51 компании забележале пад на профитот.
Најпрофитабилна компанија и во 2025 година е „Пивара Скопје“, која оствари добивка од 1,66 милијарди денари, што претставува раст од 13,4% во споредба со 2024 година, кога профитот изнесуваше 1,46 милијарди денари.
На второто место е „Кам“ со профит од 615,2 милиони денари, што е значително подобрување во споредба со претходната година (+44,1%).
Третото место го задржува „Киппер“, со профит од 397,4 милиони денари, односно раст од 26%.
Следуваат: „Тиквеш“ – 362 милиони денари (+31,1%); „Цермат“ – 248,7 милиони денари (+9,8%); „Пекабеско“ – 248,2 милиони денари (+42,5%); СИЗ ЛКА – 230,2 милиони денари (+39,8%).
Повеќе од половина од профитот е концентриран кај десет компании
Во првите десет 4 компании се од производство, и по 3 компании од дистрибуцијата и од трговијата. Тие оствариле вкупен профит од 4,37 милијарди денари, што претставува 56,84% од вкупниот профит на сите компании во анализата.
Овој податок покажува висока концентрација на профитабилноста кај најголемите играчи на пазарот, кои благодарение на својата големина, дистрибутивна мрежа и силни брендови генерираат повеќе од половина од вкупната добивка на анализираните 104 компании.
Најголем пресврт бележи „Гари МЛ“, која од загуба од 42,5 милиони денари во 2024 година премина во профит од 209,2 милиони денари во 2025 година.
56,84% од вкупниот профит на анализираните 104 компании го оствариле првите десет компании. Генерално, анализата покажува дека FMCG-секторот во Република Северна Македонија останува еден од најважните двигатели на економската активност, со значајно учество во додадената вредност, вработеноста, надворешната трговија и индустриското производство. Сепак, негативниот биланс меѓу новооснованите и згаснатите претпријатија, зависноста од увоз на дел од суровините и различната профитабилност на компаниите укажуваат дека идниот раст ќе зависи од инвестициите во иновации, продуктивност, дигитализација и поголема отпорност на синџирите на снабдување.
Главни предизвици и можности за понатамошен развој
И покрај позитивните финансиски резултати и растот на профитабилноста во 2025 година, FMCG-секторот и понатаму се соочува со многубројни предизвици. Меѓу најзначајните се високата ценовна чувствителност на потрошувачите, растечките трошоци за работна сила, недостигот на квалификуван кадар, зависноста од увоз на суровини и зголемената конкуренција, како од домашните така и од странските компании.
Во исто време, секторот располага и со значајни можности за понатамошен развој. Дигитализацијата на продажните канали, автоматизацијата на производствените процеси, инвестициите во логистика и управување со синџирите на снабдување, како и развојот на производи со повисока додадена вредност отвораат простор за зголемување на конкурентноста и профитабилноста.
Дополнителен потенцијал претставуваат и промените во потрошувачките навики, кои создаваат поголема побарувачка за домашни производи, поздрави категории на храна, функционални производи и одржливи решенија за пакување.
Во наредниот период успехот на компаниите од FMCG-индустријата ќе зависи од нивната способност брзо да се приспособуваат на пазарните промени, да инвестираат во иновации и продуктивност и да изградат поотпорни и поефикасни бизнис-модели. Иако лидерите и натаму остануваат доминантни, растот на секторот ќе зависи од тоа колку успешно и помалите и средните компании ќе ги искористат можностите што ги носат дигиталната трансформација, променливите потрошувачки трендови и регионалната интеграција на пазарите.
Целосната анализа, заедно со сите табели и финансиски показатели, прочитајте ја на стр. 2 од специјалното издание Мапа на FMCG-индустријата, достапно на следниот линк