Македонија

Фабриката БИП на Светозар Јаневски престана со работа

05 Jul 2019

Престанува да работи белградската пиварница „Белградска индустрија за пиво“ (БИП), потврдија од компанијата „М6 Еден Срб“, откако српските медиуми утрово објавија дека се затвора пиварницата на македонскиот менаџер Светозар Јаневски и 150 вработени добиле откази.

Од „М6 Еден Срб“ потврдија дека одлучиле да го прекинат договорот за бизнис соработка со БИП во стечај.

Верувавме во можноста за развој на една од најголемите пиварници во регионот и со ентузијазам тргнавме пред две години во обнова. Се обидовме да направиме нешто позитивно за Белград, за Србија, да дадеме дух и живот на една компанија која 180 години е симбол на Белград. За жал, без оглед на големите месечни вложувања, посветеност и ентузијазам, не успеавме, затоа што со овој концепт нема можност за успех.  Ова не значи дека ќе се повлечеме, затоа што на Белград му треба квалитетно пиво. Продолжуваме во друга насока со поинаков концепт. Можен е почеток на вложување во иднината со нови проекти во Србија“, соопштија од компанијата.

Од таму додаваат дека се завршуваат обврските за подмирување на вработените и доверителите.

Информациите од Србија се дека БИП најверојатно ќе биде затворен многу брзо, а сѐ уште е неизвесно што ќе биде со останатите работници.

Во моментот 125 вработени се на одмор до 16 јули, кога очекуваме продолжување на производството. БИП ќе биде во стечај. Имаме информации дека нема да има отпуштања, туку ќе се бара нов закупец. Слушнавме дека има три заинтересирани фирми, една позната по производство на месо, друга од Крагуевац и една од Апатин, изјавил вработен во пиварницата за „Б92“. 

М6 влезе во БИП во 2017 година, кога ги зема под закуп сите брендови на пиварницата. 

Белградската пиварница била основана во 1872 година, а под името „Белградска индустрија за пиво" работи од 1963. Пиварницата го имаше најголемиот удел на пазарот во Србија сè до 2000 година, кога почна да ја губи битката со ривалските пиварници.

Македонската компанија „M-6 Еден” е во сопственост на Светозар Јаневски, поранешен долгогодшен директор на „Скопска пивара", денес мнозински сопственик и претседател на управниот одбор на винарската визба „Тиквеш". 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...