„Алкалоид“ оствари консолидирани продажби од 308,9 милиони евра, извоз од 210,5 милиони евра и инвестиции од 23,3 милиони евра во периодот јануари-декември 2024.Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-декември 2024 продажбите достигнуваат 13.433.299.470 денари, што е за 10% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби достигнуваат 19.005.696.029 денари, што е за 15% повеќе.
Консолидираните продажби на домашниот пазар се зголемени за 17%, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 14%. Од вкупните консолидирани продажби, 32% се остварени на домашниот пазар, а 68% на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 27%, во земјите од Западна Европа 22 %, во земјите од Источна Европа 18 %, а на другите пазари е остварен 1% од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени на Кипар, кои се зголемени девет пати, а потоа во Литванија, каде што се зголемени два и пол пати.
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 91%. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 9% во вкупните консолидирани продажби.
Во 2024 година, „Алкалоид“ ја комплетираше реализацијата на својот најголем инвестициски потфат во последните две децении – новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми Таблетно одделение 2.0 и придружните технички простории. Новиот техничко-технолошки капацитет зафаќа површина од 6.200 м2 и за него „Алкалоид“ вложи вкупно 19,4 милиони евра. Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари-декември 2024 изнесуваат 1.435.215 илјади денари.
Во 2024 година „Алкалоид“ регистрираше ново друштво во Хрватска со назив „Алкалоид фарма интернационал“ ДОО Загреб, како и ново капитално поврзано друштво во Казахстан, со назив „Алкалоид Казахстан“ ДОО. Подружницата во Казахстан, лоцирана во градот Алмати, е 26. Капитално поврзано друштво на „Алкалоид“.
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.886.531.066 денари, бележи зголемување од околу 12%, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.702.570.214 денари и е зголемена за 12%. Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 3.000.938.019 денари и бележи раст од 9%, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.684.020.094 денари е зголемена за 7%.
Во периодот јануари-декември 2024 година во „Алкалоид“ се реализирани 253 нови вработувања во Македонија. Групацијата „Алкалоид“ брои 3.042 вработени, од кои 2.302 во земјава, а 740 во странство.
Акциите на „Алкалоид“ котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 и важат за едни од најтргуваните и најликвидни. Цената на акцијата во периодот јануари-декември 2024 година се движеше од 18.151,00 до 29.000,00 денари или просечно, 22.376,45 денари за една акција.
Бизнис-планот за 2025 година, донесен со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2024 година, предвидува инвестирање на околу 8 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 8 % на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2024 година, како и раст од 7 % на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2024 година.
Бизнис-планот за 2025 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на Планот. Околностите и настаните во 2025 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат во однос на прикажаните во Бизнис-планот.
Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, сосема е извесно дека ќе продолжи и во 2025 година. Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, кои, сепак, според сите очекувања, би требало да влезат во зоната на стагнација, а можеби и на благо опаѓање. Секако, глобалните безбедносни кризи ги отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста, што секогаш може да повлијае и врз цените на енергенсите, да создаде тешкотии во синџирите на испораки, но и да повлијае врз достапноста на одредени материјали.
Очекуваме во 2025 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнување и во усовршување на нивото на знаења и на вештини на нашите вработени и во градење таленти.
Извор/Фото: „Алкалоид“
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.